Македонија
Исчезна 20-годишна девојка во Илинден: „Во петокот пиевме кафе, а ноќта не се вратила дома“

Дваесетгодишна девојка исчезна во скопската населба Илинден.
Станува збор за Енкеледа Чела – државјанка на Албанија, која студирала на Економскиот факултет во Скопје. Според описот на објавата на социјалните мрежи, висока е 160 сантиметри има црвено кафеава коса, кафени очи и носи протези на горните заби. Во моментот на исчезнувањето била облечена во фармерки и црна јакна, а на себе носела ранец.
Нејзината другарка, Јоана Манојловска, која ја сподели објавата за исчезнатата девојка, за „Макфакс“ рече дека последен пат ја видела во петокот вечерта.
„Во петокот околу 20-21 часот пиевме кафе. Потоа таа и уште една наша заедничка пријателка со која заедно живееја, се упатиле кон домот. Сепак, Ени (исчезнатото девојче) практикуваше да се прошета малку сама пред да се врати во станот и таа ноќ го направила истото, но потоа не се вратила назад . Според нашите информации ја виделе на бензинската пумпа во Илинден следното утро помеѓу 5 и 7 часот сабајлето, но уште не можеме да тврдиме дали навистина била таа додека не бидат прегледани камерите“, раскажа нејзината другарка.
За исчезнувањето информирано е и нејзиното семејство кое живее во Албанија. Девојката не се вратила кај нив, а тие се на пат кон Македонија за да ја бараат.
Нејзината другарка вели дека иако биле многу блиски, таа не споделила со другарките дали има некаков проблем, ниту пак кажала дека сака да ја напушти државата. Сепак, вели другарката, во последните денови им делувала загрижено и нервозно, иако тврдела дека се ‘ e во ред. Девојката на нејзиниот телефон е недостапна, но претпоставуваат дека пасошот и е во ранецот кој го носела со себе.
Нејзината фотографија е објавена на социјалните мрежи, a случајот е пријавен во МВР.
„На 30.03.2024 во ПО Петровец Г.Т. пријавила дека Е.Ч.(20) од Република Албанија се оддалечила од домот во Скопје каде престојува. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето“, велат од МВР за „Макфакс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Хеликоптерска акција во Штип: Полициски службеници спасија повреден војник од борбата со пожарот

Во време кога летните горештини го зголемуваат ризикот од пожари, а бројот на активни огнени жаришта се зголемува ширум државата, секоја служба на терен има своја задача. Но, кога станува збор за спасување човечки живот, сите се еднакви – и тоа денеска уште еднаш се покажа на дело.
Полициски службеници со хеликоптерот „Агуста Бел 212“ на Министерството за внатрешни работи (МВР), денеска извеле драматично спасување на повредено лице на фронтот на пожарот.
– Во исклучително тешки услови беше извршено спасување на С.Н. од македонската Армија, припадник на Првата пешадиска бригада од Штип, кој несебично се бореше со огнената стихија. Полициските службеници уште еднаш ја покажаа својата хуманост и одговорност – порачаа од МВР.
Од Министерството информираат дека активностите на полициските хеликоптери продолжуваат и понатаму и ќе траат се додека пожарите на територијата на целата држава не бидат целосно изгаснати.
Овој чин потсетува дека борбата со пожарите бара координирано и солидарно делување на сите институции – и дека хуманоста и пожртвуваноста се клучни во заштитата на човечките животи и природата.
Македонија
На првиот состанок на Балканската платформа за мир во Истанбул учествуваше Муцунски

На покана на министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера во Истанбул учествуваше на првиот состанок на Балканската платформа за мир. Настанот се одржа на иницијатива на турскиот министер Фидан, со учество на министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан.
Како што се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на состанокот се разговарало за европската интеграција, регионалната поврзаност, младите, образованието, одбранбената индустрија и други актуелни регионални прашања. Учесниците се согласиле дека платформата треба да продолжи и на лидерско ниво.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакнал определбата на државата за конструктивна регионална соработка како двигател на економскиот развој. Тој укажал на сериозните предизвици со кои се соочува регионот – ниска конкурентност на економиите, недоволна енергетска и инфраструктурна поврзаност и иселување на младите. Муцунски го посочил и отсуството на предвидлив и динамичен европски пат, потенцирајќи ја потребата од поголема одлучност и лидерство во процесот на интеграција на регионот во ЕУ, особено во актуелниот геостратешки контекст.
Како позитивен пример беше посочен Планот за раст за Западен Балкан, со акцент на неговиот потенцијал за носење конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите. Муцунски ја истакна и инвестициската посветеност во коридорите 8 и 10, како клучни транспортни и енергетски врски меѓу Јадранското, Егејското и Црното Море, посочуваат од МНРиНТ.
Министерот подвлекол и дека регионот мора да вложува повеќе во човечкиот капитал, конкурентноста, туризмот, културата и образованието како предуслови за одржлив развој и поврзување.
Во обраќањето пред медиумите, министерот Фидан нагласи дека стабилноста на Балканот е приоритет за Турција и дека платформата има за цел решавање на регионалните проблеми преку зголемена соработка, енергетска стабилност и поврзаност.
На маргините на настанот, министерот Муцунски остварил и билатерална средба со својот домаќин, министерот Фидан. Разговорите биле фокусирани на билатералните односи, економската соработка, инвестициските можности и продлабочувањето на соработката во области од заемен интерес.
Македонија
Шумскиот пожар во Крива Паланка се шири кон куќите, екипите се на терен

Шумскиот пожар што од вчера напладне зафати над 50 хектари борова шума во кривопаланечкото село Нерав, според информациите од Општина Крива Паланка се проширил и на делови од територијата на општина Ранковце, село Герман како и кон општина Трговиште, Република Србија.
Командирот на територијалната противпожарна единица од Крива Паланка, Иле Коцевски, информира дека екипите се терен и работат на гасењето без престан, но пожарот се шири и доближува кон куќите во селото Нерав.
Дојава за пожарот во ТППЕ Крива Паланка е примена вчера околу 14 часот, а во гасењето активно биле вклучени екипи на: ТППЕ Крива Паланка, ТППЕ Ранковце, Противпожарна единица Трговиште, Србија, екипи од јавното претпријатие „Македонски шуми“ – Подрачно шумско стопанство “Осогово”,Крива Паланка и локално население од селата Нерав и Трговиште.
-Теренот е непристапен, во текот на ноќта гасевме заедно со сите што беа вклучени, сега на терен сме од противпожарната единица од Крива Паланка и “Македонски шуми”, направив замена на еден тим од ТППЕ, колегите се беспоштедно ангажирани, вчера успеавме да спречиме пожарот да се доближи до куќите, но денес огнот повторно се шири и претставува закана за куќите, населението е вклучено, а градоначалникот е во постојана координација со општинскиот кризен штаб, информира Коцевски.
Од општината апелираат сите граѓани строго да ги почитуваат препораките и да се воздржат од движење во планински и шумски предели, со цел заштита на сопствената безбедност и олеснување на работата на службите на терен.