Регион
Цела Австрија споделува фотографии од исчезнатата Данка, вели српска новинарска што живее во Виена
Српската новинарка Вера Марјановиќ се вклучи во „Јутро на блиц“, каде што откри дека целата јавност во Австрија е запознаена со случајот со исчезнатата Данка Илиќ (2) од Бор по која се трага веќе седум дена.
До соработка на српската и австриската полиција довело видеото на кое се гледа девојче што лочи на исчезнатата Данка Илиќ, направено од Србин од Виена. По девојчето е распишана жолта потерница од Интерпол, а според зборовите на Вера Марјановиќ, српската јавност и Виена се многу вознемирени.
„Човекот што во саботата ја снимил снимката и ја испратил во полиција е сослушан истата вечер, а веќе околу 3.30 часот наутро во целиот случај се вклучила и австриската полиција. Видеото се споделува насекаде, а на социјалните мрежи се споделува и приватно. Амбасадата вчера упати апел до сите граѓани и здруженија во Австрија да се јават во српската или австриската полиција, како и на телефонските линии на Амбасадата, доколку ги забележат споменатите две жени и девојчето, кое многу личи на Данка“, вели Марјановиќ.
Вера Марјановиќ истакнува дека медиумите во оваа земја пишуваат дека девојчето од видеото било многу вознемирено и врескало кога жените му кажале нешто, а единствено за кое го обвинуваат човекот што го направил видеото е тоа што тој веднаш не ја известил полицијата.
„Виена е покриена со безбедносни камери, па веруваме дека полицијата ќе им влезе во трага на двете жени“, вели Марјановиќ.
Српската новинарка од Виена наведува и дека на социјалните мрежи се споделуваат информации за исчезнувањето на малата Данка и на српски и на германски јазик.
„На социјалните мрежи забележав дека објавите на наши граѓани ги споделуваат и Австријци, кои, кога се во прашање децата, многу даваат поддршка. Значи, целата австриска јавност е целосно информирана и вклучена во целиот случај“, вели Вера Марјановиќ.
На видеото снимено во Виена од Србин што живее и работи во австриската престолнина, а на кое се гледа девојчето за кое постои сомневање дека е Данка Илиќ (2), се гледаат и две жени што ја придружувале. Австриската полиција поведе истрага, а освен по девојчето, трага и по жените од снимката.
„Околу 20 часот излегов од метро-станицата и видов како дете бега и вреска. Првин набљудував, а потоа почнав да снимам. Сè се случи на една трамвајска станица. Со детето имаше две жени, кои меѓусебно разговараа на романски. Го викаа детето со некое име, не разбрав кое, но девојчето воопшто не одговори“, вели во имејл Србинот од Виена, кој потоа испратил и видео од детето до полицијата во Белград.
Кога се појави видеото, Интерпол распиша жолта потерница (потерница за исчезнати лица) по исчезнатата Данка Илиќ (2), која ја снема во вторникот околу 13.45 часот во Бањско Поле кај Бор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дачиќ на респиратор, состојбата е сè уште многу сериозна: „Прерано е за било какви прогнози“
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ беше хоспитализиран вчера поради пневмонија и неговата состојба е оценета како многу сериозна.
Дачиќ беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија и е на респиратор.
Заменик-директорот за пулмологија Спасоје Попевиќ денес изјави дека неговата здравствена состојба останува сериозна, но дека ситуацијата е постабилна отколку во среда навечер.
„Тој е сè уште во сериозна здравствена состојба. Борбата продолжува, тој е на механичка вентилација и во овој момент успеавме да ја стабилизираме неговата состојба“, рече Попевиќ.
Тој додаде дека е прерано да се даваат какви било прогнози.
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е нешто подобра. Вучиќ ја даде изјавата од авионот, пренесува РТС.
Регион
(Видео) Вучиќ утрово го посети Дачиќ: Неговата состојба е нешто подобра
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е малку подобра. Вучиќ го објави ова од авионот, пренесува РТС.
„Го посетив Ивица утрово. Лекарите велат дека неговата состојба е малку подобра. Верувам во него, а сега на пат кон Казахстан за одлични резултати за нашата Србија“, напиша Вучиќ на својот профил на Инстаграм.
Тој додаде дека закрепнувањето на Дачиќ е во тек, но дека претпазливоста е сè уште неопходна.
„Секако, претпазливоста е сè уште неопходна и ништо не е сигурно, но е подобро, на радост на неговото семејство и на сите луѓе што го сакаат“, рече Вучиќ.
Регион
„Следните 72 часа се клучни“: Се огласи доктор од клиниката каде што се лекува Дачиќ
Српскиот вицепремиер и претседател на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, вчера беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија.
Заменик-директорот за пулмологија, Спасоје Попевиќ, вчера вечер за Танјуг изјави дека ситуацијата е многу тешка и дека министерот Дачиќ има тешка пневмонија и дека следните 72 часа ќе бидат клучни.
– Тој моментално е на механичка вентилација – респиратор, прима сè што му е потребно, сите лекови, терапија, со тој респиратор, што е метод на лекување, купуваме време потребно тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тешка пневмонија и борба за неговиот живот – рече д-р Попевиќ.
Докторот прецизираше дека министерот Дачиќ е хоспитализиран во 16:30 часот на Клиниката за пулмологија.
Попевиќ додаде дека засега не може да даде никаква прогноза.
– Прерано е, но се обидуваме и мислам дека успеваме до одреден степен да ја стабилизираме неговата состојба. Следните неколку дена ќе ни дадат одговори како да продолжиме. Постојано сме околу него и тоа е сè што можам да кажам во овој момент – рече Попевиќ.
Дачиќ вчера беше посетен и од српскиот претседател Александар Вучиќ и членови на владата.

