Култура
Светлана (Цеца) Бојковиќ доаѓа во Македонија
Комедијата „Цело тело тука ме боли“ ќе се изведе првпат во Македонија на 8 април во Национална опера и Балет.
Улогите им се доделени на актерите Радован Вујовиќ, Андријана Оливериќ, Светлана Бојковиќ, а текстот и режијата е на Никола Пејаковиќ.
Комедијата „Цело тело тука ме боли“ си поигрува со актуелните, современи болести на општеството, комбинирајќи ги со проблемите на сите времиња што го следат односот меѓу доминантна мајка и син единец; врска што се движи од жестоки конфликти до крајно интимни односи, во кои доминира малограѓанството на мајката и разгалувањето на синот.
![]()
Мајката решава тајно, без знаење на синот, да пишува огласи и да ги залепи околу Кошутњак и Баново Брдо дека син ѝ држи часови по математика за да го раздвижи и да го извлече од апатијата и екстремната депресија во која западнал. Двајцата живеат во голема куќа на Баново Брдо. Неговиот татко и нејзин сопруг Живан одамна умрел, а двајцата живеат досаден и монотен живот во неприродна заедница.
Синот не прави ништо и тоне во целосна незаинтересираност за животот и за светот надвор. Едно утро во таа куќа влегува млада жена, на која ѝ треба настава по математика. Иницира цела низа ситуации, кои на крајот, со многу комични пресврти, драматично влијаат на нивните животи. По тоа утро, ништо во нивните животи нема да биде исто.
![]()
Делото е создадено врз основа на мотивите од „Лекција“ на Ежен Јонеско и раскажува апсурдна приказна за нашето време, кое на многу начини може да се нарече – време на апсурдот.
Иако изгледа речиси дневно-политички актуелна, оваа приказна допира проблеми кои се стари откако постои човекот. Општеството тоне во грев и простатлак, без разлика што одредени делови силно му се спротивставуваат. Публиката ќе ги препознае настаните и ликовите од околината, ќе се смее и исмејува со оние на сцената. Оваа претстава никого не аболира, сите се виновни, нема невини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.

