Македонија
Мицкоски: Ковачевски и’ ја подари државата на ДУИ
Нашата цел е да ја вратиме Македонија во рацете на народот! И да ја одземеме од рацете на 100-тина функционери од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ. Проблемот на Ковачевски, е што државата му ја подари на Али Ахмети и тоа на тацна. 20 години нема ниту еден човек кој од ДУИ одговарал. А, денес државата е во нивни раце, а нивните измеќари од СДСМ се спремни да ја платат секоја цена само да ја задржат фотелјата, и не прашуваат колку чини таквата распродажба на Македонија, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор на митинг пред Владата.
Мицкоски нагласи дека едно општество за сите кое го преставуваа за врвен концепт, прерасна во општество за СДСМ и петмина главни во ДУИ кои одлучуваат за се што е важно во Македонија.
Ја руинираа државата, нема веќе систем, нема држава, Македонците се граѓани од втор ред, и не само Македонците, граѓани од втор ред се сите други граѓани без разлика на етничката припадност, дали се Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци, сите од оваа држава кои не се Артан, или негови другарчиња, кои не се Бујар или негови другарчиња, кои не се Зечевиќ, Маричиќ, Али Ахмети и Димитар Ковачевски и нивните 100-тина разбојници, кои ја уништија нашата Македонија, сите освен нив се граѓани од втор ред, истакна Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека владее хаос, анархија, банди се пукаат по улици, дрогата царува, криминалот цвета, непотизам насекаде, правда никаде, на добар пат сме Косово да е побезбедно и понапредно од нас.
– Да не ги познававме ќе мислевме дека тоа и им е целта. Да сме последна дупка во регионот, луѓе да се иселуваат масовно и да нема никаков систем и ред. Правеа заговори, сакаа да не нема, сакаа да прават малцински влади, правеа тајни средби за кои мислеа дека нема да дознаеме, коваа планови како да не надитрат и затоа што не можат да не победат, пробуваа било што само за да можат да останат што подолго на власт. Почнаа со приказни дека после изборите ќе била мала разликата, па видоа не оди, после тоа велеа дека ќе сме победеле, но немало влада да направиме, дека ќе се собереле сите албански партии и нивниве измеќари од СДСМ така и ќе направеле влада. Веќе ни самите не веруваат во тоа. Се зборува дека почнале од оваа зграда да ги пакуваат куферите, дека почнале да уништуваат материјали. Вознемиреноста им се гледа од авион. Победникот на овие избори заедно со народот на Македонија, е ВМРО-ДПМНЕ. А, вистинската сила за промени е токму оваа политичка структура со коалицијата „Твоја Македонија“. Влада ќе прави ВМРО-ДПМНЕ и никогаш нема да ја изиграме волјата на народот. Доаѓа победа голема како планина. Македонија браќа и сестри да ја направиме повторно горда, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

