Македонија
Филипче до младите во Прилеп: Борете се за тоа што го заслужувате, никој нема да ви го даде на тацна
Носителот на листата на СДСМ во Изборната единица 4, неврохирургот д-р Венко Филипче денеска на средба со младите во Прилеп порача дека тој како пратеник ќе направи сè за реализирање на идеите и предлозите што ќе стигнат токму од нив.
„Од вас ќе чекам конкретни предлог решенија. Не само констатирање дека нешто не чини. Вие мора да понудите сериозни решенија, а ние ќе најдеме начин да ги реализираме. Вие треба да сте креатори на политиките кои вас ве засегаат, а ние да ве поддржиме во спроведувањето. На младите лекари секогаш им велам, тоа го заслужувате, не чекајте друг да ви го даде на тацна. Барајте го гласно. Ако наидете на затворена врата, ќе влезете преку прозор. Нема друг начин да ги остварите вашите права. Не ја пропуштајте можноста да ги водите промените“, рече д-р Филипче пред младите.
Покрај тоа, Филипче ги презентираше клучните младински политики предвидени во програмата на СДСМ што ќе значат континуирано подобрување на образовниот процес кој ќе гради млади со смели и одговорни идеи за иднината на државата и ќе ги задржи дома преку понуда на конкурентни политики за младинско вработување.
„Една од промените што ќе ја направиме е зголемување на програмата „Гаранција за млади” која ќе биде отворена за 35.000 млади кои ќе добијат многу можности за вработување“, истакна д- Филипче.
Сакаме да ви обезбедиме стабилност и сигурност, затоа воведуваме по 200 евра во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години, додаде Филипче.

Тој истакна дека СДСМ верува во вредноста на образованието и затоа ќе им овозможи на младите подобри услови во сите степени на образование.
„Ќе работиме на подобрување на настаните програми, но паралелно ќе се грижиме и за севкупните услови во кои младите се образуваат. Ќе создадеме подобра инфраструктура во училиштата и студентските домови, средина која ќе биде мотивирачка и инклузивна за вие да можете целосно да се посветите на вашиот развој и образовен раст“, рече Филипче.
Тој им порача на младите не постои брза приказна за успех, но постои можност со амбиција да го постигнат зацртаното.
„Многу скоро ќе дојде време кога вашите генерации ќе треба да ја преземат одговорноста во државата, затоа во вас СДСМ гледа идни носители на развој на македонското општество“, додаде Филипче.
Носителот во ИЕ 4 истакна дека СДСМ се грижи младите да ги добијат истите шанси и можности што ги имаат нивните врсници од Европската Унија преку доближување на нашето образование до европското, со програми за размена на студенти, бесплатни екскурзии и укинување на таксите за испити.
На крај тој им порача на младите да бидат толерантни едни кон други без разлика на различните определби или интереси, да бидат подготвени и за компромис, но никогаш да не го губат од вид општото добро.
„Сакам да ви порачам да бидете толерантни еден кон друг без разлика на различните определби или интереси. Младите не смее да се делат заради политика. Младоста е вашата партија. Мора да развивате политичка култура и меѓусебно да се почитувате“, порача Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

