Македонија
Средба на претседателите на ЗЕЛС и ДИК
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, на 4 април 2024 година имаше средба со претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, и со членови на ова тело. На средбата, која беше иницирана на барање на ДИК, беше побарана соодветна техничка и логистичка поддршка од општините во процесот на спроведување на изборните активности.
Општините се законски обврзани да обезбедат простор за спроведувањето на гласањето, но беше посочено дека во одредени изборни пунктови потребна е поддршка и во обезбедувања одредени технички помагала, како компјутери, печатачи и слично. Од ДИК информираа дека веќе се утврдени сите локации, што во најголем дел се наоѓаат во просториите на училиштата, училишни сали или градинките.

Притоа беше посочено дека воделе грижа тие да се наоѓаат во приземниот дел од објектите и воедно да имаат обезбеден пристап за лицата со посебни потреби. За непречено спроведување на изборите од технички аспект и овозможување исполнување на правото на гласање, еднакво за сите граѓани, општините беа замолени да ги проверат ваквите пристапи и доколку е возможно да го подобрат нивниот квалитет. Од особено значење за ДИК претставува и обезбедувањето соодветни простории, каде што еден ден пред изборите ќе се депонира потребниот изборен материјал. За сето тоа побараа општините да им излезат во пресрет на претставниците од ДИК и најавија дека до ЗЕЛС и до локалните самоуправи ќе испрати и информација со поконкретни барања и насоки.
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, нагласи дека непречено спроведување фер и демократски избори треба да биде императив на секој граѓанин и дека заедничка е обврската тие да се спроведат во најдобар ред.
Тој се заблагодари на поканата од ДИК за заемна соработка за непречено спроведување на подготовките за спроведување на изборите и посочи дека ЗЕЛС ќе се погрижи општините да излезат во пресрет на барањата на ДИК и навремено ќе бидат информирани за потребните активности што треба да се обезбедат од просторен, технички или организациски карактер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лога: Македонија е единствената земја во Европа која сѐ уште нема биометриски лични карти
Северна Македонија е единствената земја во Европа која сѐ уште нема биометриски лични карти, реагираат од Алијанса за Албанците.
„Овие документи лесно се фалсификуваат и можат да се злоупотребат, особено во изборните процеси (процесот на прислушувањето докажа такво нешто), со што се загрозува изборниот резултат, чесноста на процесот, но и безбедноста на државата, вклучително и на регионот (имајќи ја предвид слободата на движење на Западен Балкан со лични карти)“, истакнува Кренар Лога, потпретседател на АА.
Доколку постои итност во земјата, нагласува тој, тоа е трансформацијата на сите овие лични документи во биометриски.
Македонија
Гаши-ДИК: во фокусот одржувањето на повторени избори за градоначалници во Гостивар, Врапчиште, Маврово и Центар Жупа
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари работна средба со претставници на Државната изборна комисија: Борис Кондарко, претседател на Државната изборна комисија; Абдуш Демири, потпретседател на Комисијата и Александар Даштевски, член на Комисијата.
Средбата ја организира претседателот на Собранието во функција на членот 132-а од Изборниот законик, согласно кој треба да се одржат повторени избори за градоначалници на Општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуша и Центар Жупа. Ова од причина што условот од членот 132 став (2) од Изборниот законик – да излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот на Избирачкиот список, не е исполнет во овие Општини.
Средбата помина во конструктивна атмосфера и беше оценета како позитивен пристап на институциите кога станува збор за прашања што се од интерес на државата, во конкретниов случај Собранието и Државната изборна комисија. Повторувањето на изборната постапка во наведените четири општини ќе биде поизвесно по одлучувањето на Државната изборна комисија по поднесените приговори, што може да влијае на објавувањето на конечноста на резултатите од Локалните избори 2025.
На крајот, присутните искажаа заемна благодарност за одржаната средба и продолжување на меѓусебната соработка за прашања што се од важност како за двете институции, така и за државата во целина.
Македонија
Јаневска ќе ја почитува одлуката на Мицкоски доколку реши да ја смени
Министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање, дали доколку има реконструкција на владата таа ќе остане да раководи со ресорот образование или ќе оди во друг ресор, изјави дека ќе ја почитува секоја одлука на премиерот Мицкоски.
Јаневска посочи дека одлуката за сите предлози за членови во Владата ја носи премиерот заедно со партиските органи.
Премиерот, додаде таа, го носи најголемиот товар за промените во државава и има право да одлучува за министрите.
„На ова прашање веќе неколку пати сум одговарала и ќе повторам. Земјава има премиер кој го носи на својот грб најголемиот товар за позитивните промени кои се случуваат и допрва треба да се случат во Македонија. Оттука, полно негово право е, заедно со органите на партијата, да одлучува кого ќе предложи како влада или кого ќе предложи како министер пред Парламентот. Секоја негова одлука апсолутно ќе ја испочитувам“, кажа Јаневска.

