Македонија
Времето денеска: Сончево и топло со мала до умерена облачност

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во источните делови ќе има услови за краткотраен локален дожд. На повеќе места ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 11, а максималната ќе достигне од 21 до 28 степени.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Продолжува периодот на сончево и топло време со појава на мала до умерена облачност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За шест месеци, 2.012 пожари на отворено во Македонија, уапсени 56 лица за подметнување

Од 01 април до 23 септември, регистрирани се вкупно 2.012 пожари на отворен простор, при што приведени се вкупно 56 лица, а по преземени мерки поднесени се 32 кривични пријави, извести Министерството за внатрешни работи.
Најголемиот број на настанати пожари е утврдено дека се предизвикани од човечки фактор, со различни мотиви и се преземаат мерки и активности за расчистување на случаите и откривање на нивна евентуална меѓусебна поврзаност.
Од МВР известуваат и дека од 01.07.2025 година, откако е воведена забрана за движење во шуми, до 23.09.2025 без писмено одобрение за движење во шума, биле затекнати 27 лица. Против истите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци по Закон за шуми.
Во насока на рана превенција од пожари, полициските служби употребуваат дронови за мониторирање на шумските појаси на територијата на државата.
„Со воведувањето на овие оперативни мерки зголемена е ефикасноста во делот на раното предупредување и лоцирање на евентуалните пожари, како и детектирањето на можните причини или причинители на истите“, велат од МВР.
Македонија
Условната казна за случајот со терапијата за рак е непочитување на жртвите, рече Андоновска

Пратеничката Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ денеска оцени дека условната казна изречена за злоупотребата на терапијата за пациенти со рак претставува „потценување на интелигенцијата на народот и непочитување на жртвите“.
„Со години пациентите добивале физиолошки раствор наместо вистинска терапија. Додека тие мислеле дека се лекуваат, тие всушност умирале“, рече Андоновска.
Таа додаде дека, според обвинението, со оваа злоупотреба е направена штета од 2,2 милијарди денари врз буџетот, а истовремено стотици пациенти биле лишени од можност за продолжување на животот.
Андоновска порача дека по ваква пресуда, во нормални околности би следувале разрешувања и оставки во судскиот систем, кој, како што нагласи, е зрел за ремонт.
Македонија
Засилен систем за енергетска транзиција – ќе се формира единица за техничка поддршка

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини поддржа формирање единица за техничка поддршка (ЕТП), чија цел е помош во координација на процесот на енергетска транзиција.
ЕТП ќе претставува клучна алка во поврзувањето на сите релевантни чинители: државните институции, јавните претпријатија, приватниот сектор, синдикатите, регулаторните тела и меѓународните партнери.
„Со формирањето на оваа единица воспоставуваме јасен систем за поддршка на целиот процес, координација, следење и дијалог со сите засегнати страни. Целта е да обезбедиме забрзана и поорганизирана транзиција, со конкретни резултати и со целосна отчетност пред јавноста,“ порача министерката Сања Божиновска.
„Процесот на праведна транзиција е сложен и бара целосна координација, одговорност и заедничка работа. Нашата земја има амбиција да постигне јаглеродна неутралност до 2050 година и да го напушти јагленот како ресурс за производство на електрична енергија. Но еднакво важно е да се осигураме дека ниту една заедница или поединец нема да биде запоставен,“ нагласи министерката Божиновска.
ЕТП ќе функционира под надзор на Министерството за енергетика, а во неговиот состав се вклучени експерти од области како енергетика, комуникации и проектен менаџмент.
„Само преку систематски и транспарентен пристап можеме да ја обезбедиме довербата на граѓаните и поддршката на сите засегнати страни. Формирањето на оваа единица е чекор напред во градење на силна институционална основа за успешна и праведна енергетска транзиција,“ додаде министерката Божиновска.