Македонија
Османи: Неопходно е да се бориме против руското влијание и корупцијата преку сертифицирање на носителите на јавни функции
Кандидатот за претседател од Европскиот фронт, Бујар Османи денеска на прес-конференција презентираше една од најважните заложби на Дакалогoт, „Меѓународен борд за сертифицирање на сите носители на јавни функции“.
Османи информира дека еден од најважните приоритети на европскиот претседател ќе биде формирање на меѓународен борд составен од претставници од Соединетите Американски Држави, Европската Унија, НАТО и во координација со институциите во земјата кои ќе го направат пре-сертифицирањето на сите носители на јавни функции во две насоки, дали имаат некаква поврзаност со руските интереси и дали се вмешани во каква било форма на корупција.
„Идејата на овој борд е да ги искористиме инструментите кои веќе постојат, но кои работат одделно, да ги вградиме во Меѓународен борд, каде што ќе бидат дел и нашите институции, американскиот инструмент на објавување листи, потоа рестриктивните инструменти на ЕУ и процесот на сертификација на НАТО. Потсетувам дека на овој начин секој што ќе биде предложен или ќе има амбиции за која било јавна функција, прво ќе треба да го добие овој сертификат од овој Меѓународен борд, од овие институции, а доколку може да ги помине филтрите што ги наметнуваат овие институции тогаш ќе може да стане министер, ќе може да стане директор, судија или обвинител“ – нагласи Османи.
Меѓу другото, Османи истакна дека ова ќе биде кредибилен процес на ветинг, за расчистување на оние кои се вмешани во корупција или се претставници на руските интереси со цел да се дестабилизира нашата земја, да се наруши меѓуетничката хармонија и да се запре евроинтегративниот пат, додавајќи дека овој борд ќе се бори против корупцијата, која е рак на општеството што го запира развојот, го спречува користењето на државните средства во корист на граѓаните и што е еден од факторите што го поттикнува иселувањето на луѓето од земјата во земјите каде е етаблирано владеењето на правото.
„На овој начин ќе ја искорениме корупцијата на високо ниво и оваа „војна на вештерки“ што политичките партии ја наметнаа во битката за да дојдат на власт, а потоа власта ќе може да се фокусира на искоренувањето на корупцијата на сите други нивоа. “ – подвлече претседателскиот кандидат, додавајќи дека „понекогаш од оваа битка на политичките партии, за да се покрене само корупцијата на високо ниво како единствено прашање, забораваме дека корупцијата е на сите нивоа, на секој шалтер, во секоја институција, вклучително и во здравството, образованието, и граѓаните се соочени со низок степен на корупција, кој им го отежнува животот и им ги скратува можностите да бараат јавни услуги“.
На крајот, Османи истакна дека оваа иницијатива и оваа заложба е една од основните задачи и е столб на Декалогот на европскиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

