Култура
Филмот и културата создаваат нови мостови: отворен Фестивалот на грчкиот филм
Во полната сала на Кинотека, во присуство на актери, режисери, дипломати, претставници на политичкиот и културниот живот во земјава, синоќа беше отворен 4. Фестивал на грчки филм.
Присутните ги поздрави Клери Коцидас, шеф на Канцеларијата за јавна дипломатија во Амбасадата на Грција.
– Фестивалот почна да се одржува по четврти пат на секои две години во Скопје, а годинава за прв пат ќе се одржи и во Битола во Киното Манаки. Вечерва ќе гледате два филма од грчки автори и ви посакувам да уживате, рече Коцидас.

На присутните им се обрати и директорот на Фестивалот „Киненова“, Небојша Јовановиќ, кој рече дека е голема радост кога човек успева да создаде пријателства, во моменти кога тоа изгледа дека не е можно и таму каде изгледа дека нема простор за тоа.
– Со ваква мотивација, зааедно со помошта и влогот на сите мои прекрасни пријатели и колеги од Хеленската република и особено драгите пријатели од Амбасадата на Хеленската република, создавањето на овој фестивал е чисто задоволство за мене. Во оваа прилика изразувам огромна благодарност за недвосмислената поддршка од страна на Амбасадорот на Хеленската Република во Северна Македонија, нејзината екселенција Софија Филипиду. Ние можеби нема да го промениме целиот свет, можеби нема да ги избришеме границите, но сигурно ќе создадеме нови гранични премини и нови мостови преку програмата на фестивалот, бидејќи културата ја има таа моќ, а филмот особено, преку длабоката и широка комуникација на животните теми кои директно произлегуваат од актуелното грчко општество, рече Јовановиќ.

Вечерва на програмата на Фестивалот е филмот „Невидлив“ на Димитри Атанитис, која ја раскажува приказната за Арис, кој ненадејно е отпуштен од фабриката во која работи. Чувствувајќи се како жртва, тој чекор по чекор станува опседнат со идејата да ја земе правдата во свои раце. Во моменти кога тој се чувствува целосно подготвен да продолжи со својата цел, неочекувано се појавува неговата поранешна сопруга, оставајќи му го нивниот мал син.
Авторот и режисер Димитри Атанитис е член на Европската филмска академија, со реализирани 11 играни филмови со референци и 60 награди за неговата работа ширум светот. Во неговиот филм „НЕВИДЛИВ“ (2016), кој освои 17 награди на меѓународни филмски фестивали, Атанитис усвојува иновативен пристап кон филмската форма и нарација.

„Бјути“ е краток филм на Танос Либеропулос, кој ќе биде прикажан пред долгометражниот филм. „Бјути“ говори за Кали, невработена млада жена која живее со нејзината мајка која постојано ја контролира, бара излез низ блескавиот, но суров универзум на YouTube beauté. Таа ќе ги надмине своите граници за да ги задоволи нејзините неколку претплатници, а притоа да има насмеано лице и да одржува совршена претстава за себе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Дедо мраз дојде со воз“: специјална новогодишна театарска претстава за деца на Железничка станица – Скопје
Училиштето за театар „ОД ИГРА ДО ПРЕТСТАВА“, заедно со Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници А.Д. Транспорт и оваа година ја продолжуваат успешната приказна што предизвика позитивни реакции кај илјадници посетители.
Интерактивната претстава ќе се одржува секој ден од 20 до 30 декември 2025 на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Публиката го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации:
– Музејската постановка на Македонски железници
– Театарска претстава во салон
– Посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот, истакнува организаторот.
„Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „ШПАНЕЦ“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата.
Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата“.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски, во кој се вклучени и 40 ученици од училиштето за театар „ОД ИГРА ДО ПРЕТСТАВА“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: Локомотива создадена далечната 1942 година, серија 33 и Вагон што е изработен 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70. години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „ШПАНЕЦ“ серија 712/714.
Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот.
Култура
„Дон Кихот“ на Дино Имери и Дијана Илкоска-Имери премиерно и во Битола
По фантастично успешната премиера во Скопје и меѓународната премиера во Париз, Франција, делото „Дон Кихот во Скопје“ ќе ја има и својата битолска премиера.
В недела, на 14 декември, во Офицерскиот дом во Битола, со почеток во 20 часот, овој разновиден проект инспириран од култната приказна за славниот витез Дон Кихот на Мигел де Сервантес ќе биде претставен и пред битолската публика.
Делото е создадено по повод Националниот ден на Шпанија – 12 Октомври, и е силно поддржано од Амбасадата на Шпанија во Скопје.
Станува збор за концерт за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар, чии автори се Дино Имери и Дијана Илкоска Имери. Под диригентство на маестра Дијана Илкоска Имери, ќе настапи Камерниот оркестар „ID“, а како солисти ќе се претстават:
· Дино Имери – пијано,
· Ади Имери – гитара,
· Тина Иванова – наратор и автор на текст.
Како што кажува и самиот наслов, главната инспирација е едно од најзначајните дела во светската и шпанската книжевност – „Дон Кихот“ од Мигел де Сервантес. Музиката е програмска и ја следи приказната за замисленото патување на Дон Кихот и неговиот верен придружник Санчо Панса низ современа Северна Македонија, каде што тргнуваат во потрага по нови авантури и со намера повторно да се борат против „ветерниците“. Звучниот пејзаж е силно инспириран од шпанскиот и македонскиот фолклор, кои се преплетуваат и создаваат специфична, автентична атмосфера.
Текстот на нараторот, кој ја дополнува концертната форма, се провлекува низ делото како сценски контрапункт. Приказната, чија авторка е Тина Иванова, служи како поддршка и проширување на програмската музика.
Премиерата во Битола се реализира со поддршка од ЈОУ Културно-информативниот центар – Битола.
Култура
Охрид домаќин на министерската конференција на Советот на министрите за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој
Охрид и Република Македонија на 11 и 12 декември 2025 година се домаќини на министерската конференција на „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“.
Конференцијата официјално ќе биде отворена на 12 декември во 10:00 часот со воведно обраќање на министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Свои обраќања ќе имаат и директорката на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа, со седиште во Венеција, Магдалена Ландри, министри за култура, заменици-министри и претставници од земјите од ЈИЕ.
На конференцијата ќе биде усвоена Охридската декларација „Одржливи културни модели за иднината“.
Република Македонија го презеде претседателството со „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ во 2024 година за време на министерската конференција што се одржа во Херцег Нови, Црна Гора.

