Македонија
(Видео) Пендаровски: Знам дека охриѓани на 24 април ќе им кажат „не“ на оние што не ѝ мислат добро на државата
Четвртиот ден од изборната кампања вчеравечер кандидатот за претседател Стево Пендаровски го заврши со граѓански митинг во Охрид.
Посочувајќи дека го одржал ветувањето дадено пред охриѓани пред пет, односно пред 10 години дека ќе биде претседател на сите, Пендаровски рече дека, ако повторно ја добие нивната доверба, и во следните 5 години нема да работи на поделби меѓу граѓаните и нема да работи на поделби меѓу Македонците и останатите кои живеат во државата. Вети дека сите милион и осумстотини илјади жители на Македонија ќе ги третира како членови на неговото семејство.
„Не постои ниту еден граѓанин во Македонија кој може да каже дека е дискриминиран од мене затоа што не е Македонец, затоа што е Албанец, Турчин, Влав, Ром, Србин, Бошњак, било што. Не постои ниеден граѓанин на Македонија кој може да каже дека не ги добил своите права или не добил прием кај мене, не разговарал со мене за своите проблеми затоа што не е член на СДСМ, на НСДП, на ЛДП, на било која партија од владејачката коалиција. Секој кај мене кој побарал дошол, бил сослушан и колку што ми биле потенцијалите и можностите сум се трудел да му помогнам“, подвлече Пендаровски.
„Исполнивме уште ветување“, додаде тој, говорејќи за членството на земјата во НАТО – најмоќната воено политичка алијанса во која сега има 32 земји членки. Со што, истакна Пендаровски никој не смее да го загрози нашиот територијален интегритет и суверенитет. И додаде дека е направен голем исчекор и кон ЕУ, отворени се преговорите и одржана е првата конференција со Брисел.

„Македонија може да продолжи кон Европската Унија само со оваа политичка структура, затоа што ние знаеме што подразбира Европската Унија. Ние имаме пријатели надвор, за разлика од нив, и ние знаеме до каде може да се оди во тие преговори, затоа што научивме да ги заштитуваме македонските национални интереси како ниедна друга влада претходно. ВМРО-ДПМНЕ цело време зборуваше дека ги штити нашите национални интереси, меѓутоа 11 години не мрдна со малиот прст било што да направат во тие преговори. Во тие 11 години Македонија беше изолирана држава без пријатели надвор“, заклучи Пендаровски.

Кандидатот Пендаровски пред граѓаните на Охрид синоќа искажа уверување дека на 24 април ќе изберат правилно и дека ќе им кажат „не“ на оние кои не и мислат добро на државата и предлагаат модели кои не вратија назад со децении. „Убеден сум дека ќе заокружат број 1, бидејќи на дело покажав дека не ми е важен рејтингот, туку просперитетот на мојот народ и на мојата држава“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Со над 40 амандмани ги заштитивме зголемувањата на платите
Со над 40 амандмани ги заштитивме зголемувањата на платите, факти кои денес ССМ ги премолчува, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Истите тие кои денес зборуваат за недостиг од социјален дијалог, ги потсетуваме на јануари 2024 година, кога тогашната влада на СДС и ДУИ поднесе пакет закони со кои сакаше суштински да ја смени методологијата за пресметката на платите. Да бидеме целосно прецизни. Со тие законски измени се предвидуваше минималната плата повеќе да не биде дел од формулата за пресметка на платите на административните службеници и покрај тоа што истото беше дел од колективниот договор кој тогаш го потпишаа ССМ и владата на СДС. Тоа ќе значеше дека секое идно зголемување на минималната плата нема автоматски да се одразува врз останатите плати во јавниот сектор. Или да кажеме појасно – прекин на линеарниот раст и слабеење на заштитниот механизам за работниците“, рече тој.
Дополнително, додаде Стојаноски, последните измени на текстот тогаш не беа ставени ниту на ЕНЕР, а синдикатите тогаш јасно посочија дека првпат се запознале со предлог-законот од веб-страницата на Собранието.
„Немаше вистинска јавна расправа. Немаше суштински социјален дијалог преку Економско-социјалниот совет. Кој реагираше тогаш ? Тогашното раководство на ССМ дојде во Собранието. Заедно со нас, како тогаш опозициска ВМРО-ДПМНЕ, поднесовме амандмани и го спречивме носењето на тој закон. Не дозволивме минималната плата да биде исфрлена од формулата. Не дозволивме платите да станат одвоени од реалниот раст на минималната плата. Токму затоа денеска платите растат секогаш кога расте минималната плата“, рече пратеникот.
Стојаноски вели дека еден од тие суштински амандмани бил токму предлог на ССМ – минималната плата и понатаму да биде дел од пресметката, со што линеарно би се зголемувале и другите примања.
„Затоа прашањето денес е едноставно: Зошто се премолчува што се случуваше во 2024 година? Зошто денес Трендафилов не го кажува тоа? Зошто не се кажува дека токму со заедничка акција го заштитивме принципот минималната плата да остане основа за пресметка? Ние тогаш не дозволивме набрзина, со европско знаменце и скратена постапка, да се протне решение што ќе ги чини работниците. Денес, како власт, продолжуваме да го почитуваме истиот принцип – системски, институционално и со јасни правила“, рече Стојаноски.
Македонија
(Фото) Изгореа викендица и куќа, се запали оџак: три интервенции на струмичките пожарникари
Струмичките пожарникари денеска уште во раните утрински часови имаа три интервенции.
Во 06.55 часот, во излетничката населба Суви Лаки, запалена викендица, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители и ТППЕ Берово со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.
Во 08.12 часот, на улица Бетовенова, запалена куќа, интервенирано со три противпожарни возила и 8 пожарникари-спасители.

Во 09.48 часот, во село Муртино, запален оџак, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.

„Во случај на пожар или друга природна непогода повикај 112 или 193“, апелираат струмичките пожарникари.
Македонија
Хоџа-Јаупај: Јакнење на координираната заштита на прекуграничните подрачја
Во рамки на Министерскиот форум за Коридор 8 во Тирана, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се сретна со министерот за животна средина на Албанија, Софјан Јаупај.
Министерот Хоџа на средбата ја истакнал важноста од заедничка координација во заштитата на прекуграничните подрачја и во спроведувањето на европските стандарди за зачувување на биодиверзитетот и справување со климатските предизвици.
Тој нагласил дека регионалната соработка е клучна за обезбедување одржлив развој и за забрзување на европската интеграција на земјите од регионот.
„На средбата се разговараше за зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на заштитата на животната средина, управувањето со природните ресурси, третманот на отпадот, како и за унапредување на заедничките проекти во рамки на европската зелена агенда. Министерот Јаупај изрази подготвеност за продлабочување на институционалното партнерство и за реализација на конкретни иницијативи што ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животната средина и животот на граѓаните во двете земји“, соопшти Министерството.
Двајцата министри се согласиле соработката да се интензивира преку размена на искуства, заеднички проекти и координација во регионални и меѓународни форуми, со цел заштита на животната средина и промоција на одржлив развој во регионот.

