Македонија
Бојмацалиев: Со пет пловни објекти ја гарантираме безбедноста на границата и на Охридското Езеро

Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, и со помошник-директорот на Одделот за гранични работи и миграции, Сашо Смилески, остварија работна посета на Охрид, каде што се сретнаа со раководството на СВР Охрид, а ги посетија и вработените во управните служби на оваа организациска единица.
Воедно, делегацијата заедно со претставници на заинтересираните медиуми ќе ги посетат и Езерската полиција и граничниот премин Св. Наум демонстрирајќи ги на дело капацитетите на Езерска полиција. Посетата е во рамките на серијата посети што ги реализираме во сите сектори во земјавт како би се запознале одблиску со постигнатите резултати и секојдневните работни активности, но и со евентуалните проблеми во рамките на работниот процес.
„Од страна на раководството на СВР Охрид бев брифиран за постигнатите резултати на оваа организациска единица изминативе три месеци од оваа година, a безбедносната состојба ja оценивме поволна на задоволително ниво, со зголемена ефикасност во расветлувачката дејност за 46 %. На подрачјето на Охрид се бележи намалување на вкупно регистрирани кривични дела од 13,5 %. Имаме зголемен број поднесени кривични пријави во делот на економскиот криминалитет за 35 % и во делот на класичниот криминал за 10 %. За одбележување е и намалување на бројот на сообраќајни незгоди на подрачјето на СВР Охрид за 4 % и намалување на сообраќајните незгоди со телесни повреди за 9 %. Воедно, од увидот во работата на управните служби тука во Охрид можам да констатирам дека состојбата е редовна“, рече Бојмацалиев во изјава за медиумите. Притоа тој се осврна на зајакнувањето на капацитетот во делот на гарантирање на безбедноста на границите, особено на Охридското Езеро.
„Во 2020 година беа набавени пет нови пловни објекти со цел зајакнување на капацитетите за заштита на границите, особено на Охридското Езеро. Две пловила во вредност од 8.055.000 илјади денари беа набавени со средства од буџетот на Министерството, а три (два пловни објекта со цврсто корито и еден гумен патролен чамец) се донација од Чешка во вредност од над 8.000.000 денари. Пловните објекти се опремени со професионални уреди за навигација, радар и затворена кабина за екипажот, а патролниот гумен чамец е погоден за брзи интервенции во разни инцидентни ситуации и контроли на водниот сообраќај, особено во летниот период во трите езера. Ваква набавка беше направена првпат по 20 години“, истакна Бојмацалиев со уверување дека колегите од СВР Охрид ќе продолжат со несмален интензитет во полициското работење, а со цел одржување поволна безбедносна состојба и гарантирање фер и демократски изборен процес, што ни претстои наредниов период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
По врнежите од дожд и силните ветрови кои зафатија делови од државата, нема пријавени штети, соопшти ЦУК

По врнежите од дожд и силните ветрови кои зафатија делови од државата, до овој момент до Центарот за управување со кризи не се пријавени материјални штети или повредени лица, информираат од таму.
„Директорот на ЦУК, Мухамед Али, заедно со вработените од Оперативниот сектор и Дежурната служба, внимателно ја следи состојбата на терен.
Центарот за управување со кризи останува во постојана готовност и продолжува со координирани активности за обезбедување брза и ефективна институционална реакција при евентуални потреби“.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила надвор од градските средини

Поради изведба на проектот „Изградба на патна делница Градско – клучка Дреново“, дел од Коридор 10д, ќе има временa изменa на режимот на сообраќај на Експресниот пат А1, делница Градско – Дреново. Измените ќе важат од 04.08.2025 до 16.09.2025 година, при што сообраќајот ќе биде пренасочуван и регулиран со поставена соодветна сообраќајна сигнализација, соопшти АМСМ.
Според информацијата, во целост е отворен за сообраќај државниот пат А1 Градско – Прилеп од раскрницата кај бензинската станица Лукоил до клучката кај бензиската станица Салида.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, но на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Таравари од човек со став, стана потрчко на Ахмети, велат од ВМРО-ДПМНЕ

ДУИ и нивните сателити реагираа. А и како не би врескале, кога Таравари конечно го положи испитот на максимална послушност, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Од АА на Таравари сега слушаме апсурдна логика: ако ВМРО-ДПМНЕ ги критикува, значи се на вистинскиот пат. Не, не сте!
Вие сте на патот на ДУИ. А тоа значи: пат на корупција, клиентелизам и лични договори зад грбот на народот. Кога ДУИ ќе ви аплаудира, кога нивните портали ќе ве бранат, кога поранешни противници ќе ве фалат, знаете дека сте направиле нешто многу погрешно“.
Во соопштението од владејачката партија велат дека Арбен Таравари не е нападнат затоа што некој се плаши од него. Напротив, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, жално е да се гледа како еден лекар, некогаш со кредибилитет, сега мора да се правда преку соопштенија на ДУИ и да се радува кога тие го „тапкаат“ по рамото.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека партијата е „нападната затоа што е пречка за криминалот на ДУИ и нивните нови соработници.
И тоа е вистинската причина за нервозата. А Таравари, колку и да се труди, нема да може да ја избрише вистината: од човек со став, стана човек со валкани домашни задачи. Да потпишува партиски соопштенија напишани во Мала Речица.
Дали е на „вистинскиот пат“, најдобро покажуваат анкетите. Од 2,7% поддршка, падна на 1%, а според некои и под 1%. Ако тоа значи да си на вистинскиот пат, да станеш потрчко на Ахмети, и да ти се сруши рејтингот тројно, тогаш навистина „добар пат“ има фатено.
На добар пат е Таравари да ја доживее целосната НДП-изација и ДПА-изација на својата структура. Да се сведе на 3–4 илјади клиентелисти што ќе чекаат Ахмети да им додели некоја функција или тендерче, со некоја идна влада на СДС, ако некогаш таква се случи. Таков е нивниот „пат“, таква им е стратегијата – и тоа е нивно право“.
Наше право и обврска како ВМРО-ДПМНЕ, велат од партијата на Мицкоски, е да внимаваме во иднина, во која било идна коалиција, никогаш да нема Таравари или некој сличен по „интегритет“.
Му порачуваат на Таравари да си ги обнови релациите со Филипче и со Заев и нека остане, како што велат, во друштво во кое најдобро се пронаоѓа.
„Ахмети ќе му најде место. А народот, ќе си пресуди. Како што знае“.