Македонија
(Видео) „30% повисоки права од социјална и детска заштита, 35% повисока поддршка за инвалидски организации“, вели Ковачевски
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска имаше средба со Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, на којашто се разговараше за ефектите од досегашните мерки, за идните мерки, за предлозите на инвалидските организации, со цел подобрување на животот на лицата со попреченост и остварување на нивните права во сите сфери на општеството.
На средбата, Ковачевски порача дека грижата за лицата со попреченост е одговорност на секоја Влада и секогаш била високо на агендата од приоритетите на Владата предводена од СДСМ. Во изјавата за медиуми, Ковачевски потенцираше дека во изминатите седум години се креираа низа мерки за лицата со попреченост и за нивната вклученост во општеството.
„Еден од клучните документи за кои и во детали разговаравме на состанокот е Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027, којашто 70% е реализирана и со чија помош нема повеќе деца до 18 години сместени во институции, додека за возрасните, досега 300 лица со попреченост се преселени во 54 станбени единици. Го зголемивме бројот на лиценцирани даватели на социјални услуги, сега има 118 даватели на услуги на ниво на државата. Со новиот Закон за социјална заштита од 2019 година правото за попреченост се прошири и за лицата со интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголеми до 50% од просечна нето плата без разлика на возраста на децата. Тоа претставува значително зголемување, бидејќи не само што е зголемен процентот туку е и зголемена просечната плата на ниво на држава“, рече Ковачевски.
Како дел од мерките е воведувањето на услугата „лична асистенција за лица со потешка или најтешка телесна попреченост и потполно слепи лица“, која се прошири и за лицата со комбинирана попреченост. Се воведе и услугата помош и нега во домот за децата и лицата со интелектуална попреченост или стари лица со намалена функционалност.
„И во време на криза како што никој не беше оставен сам, не беа заборавени и оваа категорија на граѓани. Тие беа врвен приоритет во делот на справувањето со кризата. Во деветтиот пакет антикризни мерки по 2.000 денари месечно во период од 5 месеци се обезбедија за граѓаните корисници на правото за попреченост и родителите на децата со попреченост кои користат посебен додаток“, рече Ковачевски.
Во однос на мерките во образовниот процес, Ковачевски потенцираше дека сите посебни училишта се трансформирани во основни училишта со ресурсен центар, додека посебните паралелки, 23 на број, во центри за поддршка. Со тоа, бројот на запишани деца со попреченост во редовните основни училишта и во центрите за поддршка во рамки на редовните училишта е зголемен на 2.108 запишани ученици, за разлика од претходно кога беа запишани 365 деца со попреченост.

„За 15% се зголеми висината на посебниот додаток, се намали возрасната граница за користење на правото за траен надоместок за родителите кои чувале дете со попреченост без да го сместат во институција (од 64 на 62 години за мажи и од 62 на 60 за жени), а се обезбеди вклучување на децата и лицата со комбинирани пречки во услугата за лична асистенција. Со усогласувањето на трошоците за живот, правата на ГМП за сите лица со попреченост од сите категории, знаете дека Владите на СДСМ ги зголемија за речиси 300%, а само минатата година беа зголемени за 14,2%“, посочи Ковачевски.
Во однос на вклучување на лицата со попреченост на пазарот на труд, досега се реализирани вработувања на 13.442 лица со попреченост, во јавен и државен сектор и 387 регистрирани трговци поединци. Ковачевски порача дека грижата за лицата со попреченост продолжува и со мерките од новата програма на СДСМ, во која покрај зголемување на износите на паричните права, ќе се работи на развој на социјални услуги кои ќе овозможат целосна инклузија на лицата започнувајќи најважно и најпрво од образовниот процес.
„Ќе овозможиме континуирана поддршка на ученици со попреченост во основно и средно образование, како и доволен број на стручен кадар за помош и поддршка на учениците со попреченост. Вие знаете дека досега ангажиравме 720 лични асистенти за ученици со попреченост во училиштата ширум државата. За 30% ќе се зголемат правата од социјална и детска заштита. За 35% ќе се зголеми финансиската поддршка на Националните инвалидски организации до 2028 година. Ќе формираме 8 регионални рехабилитациони центри за деца и лица со аутизам, интелектуална попреченост и слични развојни нарушувања“, рече Ковачевски.
„Со нов Закон за социјално претприемништво, ќе се овозможи поддршка за развој на социјални претпријатија кои ангажираат лица со попреченост. Исто така, во новата Програма на СДСМ, предвидено е ослободување од царински давачки за суплементи кои се користат за лицата со попреченост и лицата со ретки болести. Лицата со попреченост е високо на агендата на нашата партија, на нашите приоритети, овие граѓани заслужуваат и имаат право да бидат активни чинители во општеството, право на личен избор кога, каде и како ќе се движат, имаат право на самоопределување, самопочит и достоинство“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градиме брза железница и автопати од Албанија до Бугарија, најави Николоски во Виена
Македонија ги реализира најкрупните капитални проекти за патна и железничка инфраструктура на транспортните Коридори 8 и 10, истакна вицепремиерот Александар Николоски на економскиот форум во Виена. Тој нагласи дека државата има визија преку модерна инфраструктура да придонесе за регионален развој, брз и сигурен транспорт и економска стабилизација.
Николоски потенцираше дека иако земјата нема излез на море, таа има стратешка географска предност, бидејќи Коридорот 10, најдолгиот паневропски транспортен коридор, минува источно од Скопје. Овој коридор започнува од Атина (пристаништето Переа) и завршува во Финска, поврзувајќи го целиот северо-западен европски транспортен правец.
Дополнително, тој го истакна значењето и на Коридор 8, кој го поврзува Јонското и Јадранското Море со Црното Море и претставува клучна источно-западна врска на Југоисточна Европа.
Инвестиции во патна инфраструктура
Николоски посочи дека се градат и модернизираат автопатските делници на Коридор 8 – од границата со Албанија до границата со Бугарија, како и граничните премини, со цел скратување на времето на чекање. Вкупната инвестиција во автопати и експресни патишта на коридор 8 ќе биде околу 1,5 милијарди евра.
Во делот на Коридор 10, тој го најави најголемиот автопат досега изграден во државата – долг околу 55 километри, кој ќе го скрати патувањето меѓу Скопје и Атина за околу три часа, на приближно 5 до 5,5 часа.
„Од наша страна го градиме најголемиот автопат што е некогаш изграден во државата, околу 55 километри, а од другата страна градат и Грците и тоа е делот кој недостига од сложувалката, па се надевам дека кога од Виена ќе патувате кон Атина ќе скратите барем три часа со она што го градиме сега“, рече Николоски.
Брза железница: најголем проект во Југоисточна Европа
Започнува изградбата на брза железница на Коридор 10, во партнерство со Обединетото Кралство, со инвестиција од околу 2 милијарди евра. Проектот треба да биде завршен до 2031 година.
„Веќе имаме договор со нашите грчки пријатели, се сретнав со вицепремиерот на Грција пред еден месец, тие ќе го изградат делот кај нив што недостига, од Солун до нашата граница, а ние започнуваме на пролет следната година со изградба на нашиот проект. Тоа ќе биде најголемиот проект во Југоисточна Европа, иако ние сме една од најмалите држави во тој регион. Инвестицијата ќе биде околу 2 милијарди евра. Бидејќи не сме членки на ЕУ, имавме две алтернативи: да потпишеме со Кинезите, не е тајна дека тие дојдоа уште на првиот ден кога започнавме како Влада, понудија заем без камата, ако градиме со нив. Но ние мислевме дека од витално значење за Европа, бидејќи коридорите, особено железничките, користат мошне иновативна сигнализација што може да се искористи и за други работи, покрај железницата, решивме да потпишеме договор за стратешко партнерство со Велика Британија. Имаме 5 милијарди фунти, 6 милиони евра на располагање, од кои 2 ќе ги искористиме за овој проект, со добри услови, за жал не можам да ги споделам условите сега, бидејќи се’ уште се доверливи, но кога ќе се откријат, мислам сите ќе се согласат дека се поволни. Очекуваме да почнеме следната година и да завршиме во 2031, бидејќи се работи за двојна пруга, првата, товарната што ќе заврши во 2028 година“, рече Николоски.
Патничките возови ќе се движат со брзини од до 250 км/ч, а товарните со до 140 км/ч. Очекувањата се дека државата ќе остварува годишни приходи од транзитен железнички сообраќај од 120 милиони евра (наспроти сегашните 12 милиони).
Поврзување Скопје–Софија, а потоа и кон Јонското Море
Николоски најави дека е склучен договор со Бугарија за железничко спојување преку тунел, а се работи на три делници до границата со Бугарија. Една делница е веќе пуштена, втората ќе биде готова до октомври следната година, а за третата се очекува тендер во декември. Вкупната инвестиција на двете држави за железничкото поврзување Скопје – Софија изнесува 2 милијарди евра.
Целта е до 2031 година да има регуларна железничка линија Скопје–Софија–Бургас, а потоа и кон Јонското Море, во зависност од развојот на албанската инфраструктура.
Македонија
Земјотрес почувствуван во Делчево и Виница
Денес околу 15:48 часот беше почувствуван земјотрес во делови на североисточна Македонија, најмногу во Делчево, Виница и околните места.
Според Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, земјотресот бил со магнитуда од 3,2 степени според Рихтеровата скала, а епицентарот потекнува од подрачјето на Благоевград, во соседна Бугарија.
Земјотресот се почувствувал со интензитет од III степени по Европската макросеизмичка скала, што значи дека граѓаните можеле да забележат кратко тресење, но без посериозни последици.
Од Опсерваторијата замолуваат сите што го почувствувале земјотресот да го пополнат прашалникот на ЛИНКОТ или да се јават на 112.
Македонија
Сиљановска-Давкова: ЕУ сè уште нема јасна стратегија за нашата европска интеграција и практикува двојни стандарди
Да се посветиме на реформите, не поради „политичката волја“ за уставните измени, туку заради владеење на правото, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, на којашто се дискутираше за Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2025 година.
Укажувајќи на неиздржаноста на забелешките за немањето политичка волја во државава, претседателката истакна дека ние досега манифестиравме енормна спремност во спроведувањето на барањата на ЕУ.
Таа го покрена и прашањето за преиспитување на процесот на евалуација од страна на Европската комисија. Компарирајќи ги досегашните 16 извештаи, посочи дека нотираниот прогрес е цикличен, а не линеарен, што говори дека оценките се одраз на актуелната перцепција на евалуаторот.
Годинешните оценки за земјава, според Сиљановска-Давкова, се под влијание на барањата за уставни измени.
Претседателката повтори дека наметнатите дополнителни услови коишто го попречуваат нашиот европски пат не се во согласност со темелните вредности и принципите на Унијата коишто налагаат почитување на уставните структури на државите.
Во обраќањето таа се осврна на можните компликации во одлучувањето во Комитетот за односи меѓу заедниците како резултат на евентуалните уставни измени. Укажа на спорноста на констатацијата во Извештајот за лоцирање на жените на изборните листи на недобитни позиции, со оглед на законската гаранција за родово неутрална квота.
Претседателката истака дека ЕУ останува уникатна политичка филозофија, што ужива поддршка кај јавноста, мотивира демократски реформи и стимулира промени што водат кон траен мир и стабилност на Западниот Балкан.
Според неа, интегрираноста на Западен Балкан во ЕУ ќе стави крај на „балканизацијата“ како феномен. Сепак, според Сиљановска-Давкова, Унијата сè уште нема јасна стратегија за нашата европска интеграција и практикува двојни стандарди.
На седницата се обратија евроамбасадорот, Михалис Рокас, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, претседателите на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, Венко Филипче и Антонијо Милошоски, како и пратеници од власта и опозицијата коишто ги изнесоа своите гледишта за годинешниот Извештај на ЕК.

