Култура
„Крај Вардарот џез 2024“ се реализира во чест на Мирко Попов
Од 20 до 27 април ќе се одржи петтото издание на „Крај Вардарот Џез“. Фестивал што произлезе од големата љубов, визионерство и посветена работа на Мирко Попов и Владан Дробицки за интегрирање автори и изведувачи од македонската музичка сцена во сферата на џезот, светската и современата музика. Годинешното фестивалско издание нуди исклучителна програма на македонска авторска музика селектирана од Попов и Дробицки, која излегува од границите на музичките жанрови спојувајќи џез, електроника и современа музика.
Со длабок поклон „Крај Вардарот џез-фестивал 2024“ се реализира во чест на Мирко Попов. Визионер, иницијатор, куратор и организатор на фестивалот и целокупната музичка дејност поврзана со работата на „ПМГ џез“, сублејбл за џез и светска музика на матичната дискографска куќа „ПМГ рекордингс“. „ПМГ џез“ зад себе има 46 изданија македонска музика.
Со голема жар и посветеност Попов и Дробицки работеа на програмата на годинешниот фестивал, чија реализација Попов не успеа да ја дочека. Во негова чест тимот на „Крај Вардарот џез-фестивал“ со истиот ентузијазам и посветеност го реализира ова фестивалско издание. Симболично како во легендата за настанувањето на градот Скопје, „Големата камена глава“ и соколот, кој ги чувал луѓето во градот сѐ додека нивната душа не стане посилна од силата на Љубомор за да го победат со сложност, Мирко Попов е соколот на Скопје. Како и во песната „Море сокол пие, вода на Вардаро… !“, која беше инспирација за името на фестивалот.
Програмата се состои од 3 вечери, кои ќе се реализираат во Македонската филхармонија и во едукативниот културен центар „Лабораториум“.
На 20 април во едукативниот културен центар „Лабораториум“ во 21 часот ќе настапат Cobalt Code Unit. Фракција од четири млади музички аскети, кои неуморно талкаат низ пространствата на јужнобалканските традиции на импровизирана и ритуална музика контемплирајќи ги хоризонтите на современиот џез, креативната слободна импровизација, психоделичните импресии на африканските ритмички јазици и бучавата на индустрискиот метеж. Имаат издадено два албума – Rural и Soilwork и еден видеоалбум The Yadro Concert.
На 23 април во Македонската филхамонија, во 20 часот, публиката ќе го проследи музичко-поетскиот проект „Мирисот на липите“ на Дуња Иванова со концерт на пијано и Тина Иванова како автор на текст и наратор на приказна за липите на „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“… Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Како 44. издание за „ПМГ џез“ е албумот во живо од концерт на пијано на Иванова на музика од Пандевска, реализиран во рамките на програмата „Крај Вардарот сесии во ‘Аудиокултура’“.
Веднаш потоа во 21 часот следува концерт на Биг бендот, музика на Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез-композиција преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од Биг бендот, под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Кире Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез-музика, чија работа опфаќа многубројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал.
На 27 април во „Лабораториум“ вечерта ќе почне со концерт на Macedonian Free Society. Нов креативен, (о)слободен, инспиративен, а во исто време предизвикувачки израз и соработка помеѓу извонредни автори и инструменталисти, кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез-музика, во состав: Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ, Нинослав Спировски, Владан Дробицки, Васко Бојаџиски, Гоце Наумов, Глигор Кондовски и Благојче Томевски. Месецот за „ПМГ џез“ како 46. издание излезе и првиот албум на Macedonian Free Society.
Во 22 часот ќе почне настапот на „Поетроника“. Еден од највозбудливите музички проекти, кој го иновира начинот на изведба на современа македонска поезија во форма на поетско-музички перформанс. Модерен и динамичен поглед врз македонската поезија интерпретирана од Оливер Митковски, еден од најголемите актери од средната генерација во придружба на современа електронска музика во авторство и изведба на Андреја Ристески-Салпе. „Поетроника“ фрла ново светло на стиховите од Ацо Караманов, Гого Ивановски, Славко Јаневски, Игор Исаковски, па сѐ до Горан Петрески, Владимир Лукаш, Оливера Ќорвезироска и Ѓоко Здравески.
„Крај Вардарот џез-фестивал 2024“ е поддржан од Министерство за култура на РС Македонија и се реализира во соработка со Македонската филхармонија и едукативниот културен центар „Лабораториум“. Концертниот настап „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на Општина Центар. Онлајн-продажбата на билети е достапна преку bileti.mk. Блок-билетите за 23 и 27 април се по цена од 600 денари и поединечен билет 400 денари. Програмата за 20 април е бесплатна. Билетите се достапни на следните линкови:
https://bileti.mk/e/krajvardarotjazzblok24 (за блок-карта)
https://bileti.mk/e/krajvardarotjazz24 (за 23 април) https://bileti.mk/e/krajvardarotjazzfest24 (за 27 април)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот народен театар со разнолик репертоар- од сценски спектакл, преку драми, до стендап
Македонскиот народен театар, 2026 година ја започнува со силен уметнички интензитет и разновидна театарска програма. Првиот месец во годината носи богат репертоар, кој опфаќа сценски спектакли, современи и класични драми и стендап-изведби на големата и малата сцена.
Програмата започнува на 15 и 16 јануари со големиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“. Поради големиот интерес на публиката, двете изведби се целосно распродадени.

На 17 јануари, публиката ќе има можност да избере: драмската претстава „Бели ноќи“ на малата сцена, со почеток во 20 часот и стендап-настапот на Сашко Коцев „Широк дијафазон“, кој ќе се одржи на големата сцена со почеток во 20:30 часот.
Репертоарот продолжува на 20 јануари со претставата „Народен пратеник“, а на 21 јануари следува монодрамата „Торонто експрес“. На 22 јануари ќе биде изведена драмата „Варвари“, а на 23 јануари на репертоарот е претставата „Кец на десетка“.

На 24 јануари, големата сцена е резервирана за претставата „Бог на колежот“, со почеток во 20 часот, а истата вечер, на малата сцена во 21 часот, ќе се одржи новогодишното стендап-шоу „На терапија“ со Александар и Антонио.

На 26 јануари на репертоарот е „Мој термин“, а на 28 и 29 јануари се изведбите на претставата „12“.
Јануарската програма ќе биде заокружена на 30 јануари со претставата „Марта Верна“ и на 31 јануари со „Замисли нов свет“.
Култура
Балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ на 23 јануари во Националната опера и балет
Балетскиот спектакл во два чина „Госпоѓа Бовари“ ќе се изведе на 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет.
На 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.
Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.
Култура
Објавена книгата „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во XXI век“ од Марина Димитриева-Ѓорѓиевска
„Македоника литера“ неодамна ја објави книгата од областа на теоријата на литературата „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во XXI век“ од Марина Димитриева-Ѓорѓиевска.
Во првиот (воведен) дел од овој труд авторката ја третира теоријата на романот, почнувајќи од историскиот развој до постмодерните и метафикциските парадигми. Се задржува на дефинирање на романот и неговото место во книжевната теорија, видовите и типологии на роман, теориските дијалози со романот и на концептите на фикцијата и метафикцијата.
Во вториот дел пишува за дескрипциите и моделите на македонски романи на преминот од ХХ во XXI век, осврнувајќи се на македонскиот роман и неговата класификација и на дескрипцијата на македонски романи во овој период. Потоа, во најобемниот дел од овој труд, се задржува на дескрипција на неколку романи, и тоа: „Нишан“ од Блаже Миневски, „Скриена камера“ од Лидија Димковска, „Братот“ од Димитар Башевски, „Тунел“ од Петре М. Андреевски, „Опишувач“ од Ермис Лафазановски, „Пророкот од Дискантрија“ од Драги Михајловски и „Сестрата на Сигмунд Фројд“ на Гоце Смилевски.
– Романот е најинтересната проза за читање. Содржи доволно настани и ликови со кои како читател може во секое време да си направите дијалог, а во романот секогаш има доволно материјал за промисла и размисла. Македонскиот роман ги има токму овие карактеристики и можности за дијалог. Тој е тематско-мотивски разнообразен, од женски приказни одгледани во патријархално семејство и осудени од јавноста (`Тунел`), преку општествено неодговорни функционери и братска љубомора („Братот“), до потресни патишта за човечка, женска љубовна нереализираност и потиснатост под налетот на доминантниот брат („Сестрата на Сигмунд Фројд“), како и историски и верски теми завиткани во лични приказни („Пророкот од Дискантрија“), игри и дијалог со писателскиот занает и современиот свет во кој сите сè гледаат и слушаат („Скриена камера“ и „Опишувач“) или пак продуцираат реалност која е лажна и постои само во свеста на ликот („Нишан“). Тематска разнообразност беше едниот поттик за анализа, а вториот поттик беше разнообразноста во начинот на конструирањето на приказните. Првата деценија од веков беше само временската одредница во која сакавме да истражиме како се движи уметничкиот збор во романот. Се обидовме да покажеме чувствителност за различните автори и нивните поетики, да ги коментираме некои од слоевите во дискурсите, да ги обединиме во смисловна целина, во која постмодернистичкиот пристап им е доминантен, задржувајќи критичка дистанца и научна мерка – пишува Марина Димитриева-Ѓорѓиевска за овој свој труд
Марина Димитриева-Ѓорѓиевска ( 1978) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, на студиската група Македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик, каде што подоцна завршила и магистерски и докторски студии. Оваа книга е адаптирана верзија на нејзиниот докторски труд.
Професионалната кариера ја започнува како новинар и уредник во редакција за култура, потоа повеќе од една деценија работи како наставник по Македонски јазик. Во моментов е советник по предметот Македонски јазик во Бирото за развој на образованието. Автор е на повеќе научни трудови, прирачници и литературни дела, меѓу кои „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ (2024) и „Еден ден со децата од Шареното маало“ (2024).

