Македонија
(Видео) „Пендаровски бега од одговори за криминалот, корупцијата и аферите на тие што го поддржуваат“, вели Николоски
Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 4, при посетата на Гевгелија коментираше неколку централни теми поврзани со изборите.
„Имено, знаете дека долго јас лично и партијата зборуваме за состојбите со криминалот и корупцијата. Јас континуирано го прашувам и Стево Пендаровски за она што се случува деновиве, го прашувам зошто не искоментирал ниедна криминална афера која што е излезена во јавност. Како што го прашувам и зошто ги потпиша измените на Кривичниот законик со кој што практично се дозволи амнестија за криминалците. А, го прашувам и зошто користи крадени народни пари за финансирање на неговата кампања.
Одговор од Стево Пендаровски не добивме, но денес добивме одговор од реномираната меѓународна институција „Фридом Хаус“ која што се занимава со состојбите во повеќе држави. Тие велат дека новинарите кои што известуваа за корупција се под закана на власта на СДСМ и ДУИ. Тие велат дека има сериозно политичко влијание врз судскиот и обвинителскиот совет. Тие велат дека непотизмот царува во судството и обвинителството. И „Фридом Хаус“ исто така вели дека со измените на Кривичниот законик кои што ги потпиша Стево Пендаровски се амнестираа бројни криминалци кои што направиле кривични дела во Македонија“, рече Николоски.
„Така што најдобриот одговор зошто Стево Пендаровски бега од одговори на овие прашања денеска стигна од „Фридом Хаус“ кој што јасно кажува дека во Македонија царува криминалот и корупцијата, нешто што ВМРО-ДПМНЕ го зборува со години. А, интензивно го зборуваме во кампањава и тоа е најдобрата причина зошто треба да имаме масовна излезност и на 24-ти април и на 8-ми мај луѓето да излезат во што поголем број и да се случат промените, Гордана Силјановска Давкова да биде избрана за претседател на Македонија, а Христијан Мицкоски за премиер, а Владата да биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Би сакал да искоментирам и она што се случува во делот на парламентарните избори, мислам дека е безобразно да е од една страна СДСМ се однесува како да биле досега во опозиција, од друга страна носителот во четвртата изборна единица да се однесува како никогаш да не бил министер за здравство, на сите скандали кои што се случија во здравството а дел од нив повторно потврдени во овој извештај од „Фридом Хаус“ кој што вели дека со измените на кривичниот законик, кој што ги донесе мнозинството на СДСМ и ДУИ, а ги потпиша Стево Пендаровски, се прави амнестија и во делот на корупциските скандали во здравството кои што се случија во текот на корона кризата.
Да ве потсетам тоа е аферата со набавката на вакцини кои што никогаш не стигнаа во Македонија преку компанијата Ставри, која што е компанија за трговија со јужно овошје, провизиите стигнаа ама вакцините не стигнаа и затоа Македонија има 5-та највисока смртност во време на корона кризата на милион жители што е една црна статистика за Македонија.
Понатаму тука е аферата со притисокот врз еден сопственик на приватна болница да истата ја продаде на бизнисмен од Албанија. Тука е делот со стерилизацијата која што се приватизираше и повторно отиде на бизнисмен од Албанија.
Понатаму, тука е случајот Онкологија каде што за да се полнат приватни џебови не беше давана терапија на пациенти. Сето ова го потврдува овој извештај и потврдува дека сето она што јас го зборувам со денови во текот на кампањата за жал е вистина“, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 4, Александар Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

