Македонија
Реконструкција на улици во должина над два километра во Горно Оризари

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и претставници од општинската администрација, извршија увид на работните активности во Горно Оризари, каде се врши реконструкција на 10 краци, со вкупна должина над 2 километри.
Проектот за реконструкција, покрај нов коловоз, вклучува и реконструкција на канализационата мрежа и нови водоводни приклучоци.
„Лошата инфраструктура во урбаната и руралните средини, мора да стане минато и да биде заменета со услови во какви што заслужуваат да живеат сите граѓани на нашата општина. Токму затоа, на врвот на приоритетите на оваа локална самоуправа е реализацијата на проекти кои ќе ги решат инфраструктурните проблеми и ќе овозможат промени и развој на општината, согласно барањата на времето во кое живееме.
Еден од инфраструктурните проекти за оваа градежна сезона е и реконструкцијата на водовод, канализација и коловоз на 10 краци со должина од над 2 километри во Горно Оризари, со вкупна инвестиција над 44.000.000 денари.
Со оглед на должината која треба да биде реконструирана, паралелно се работи на коловозот во должина на трасата од 2028,27 метри за што општината инвестира 23.939.792 денари, а екипите на Нискоградба работат на канализационата мрежа на трасата од 2504 метри, со вредност од 18.717.159. денари. За водоводната мрежа и околу 107 приклучоци, со ангажираност на екипите на ЈКП Водовод, инвестираме 1.706.663 денари.
Од констатираната состојба на терен, можеме да видиме дека станува збор за еден голем инфраструктурен проект, кој се реализира со задоволителна динамика и кој значително ќе ги подобри условите во Горно Оризари“, изјави градоначалникот Коњановски.
Покрај на реконструкцијата на улиците во Горно Оризари, општината согласно Програмата за комунални дејности и уредување на градежно земјиште, развојната програма и во соработката со јавните претпријатија и други институции, работи и на улици во Долно Оризари, на улица „Бурса“, во населба „Недопирливи“, на улица „Солунска“, улица „Крушевска Република“, на патеката Тумбе кафе – Смолево и на други локации
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бронзен медал за македонскиот тим на Европската олимпијада во информатика

Македонските ученички – информатичарки трета година по ред се оние коишто го успешно ја претставуваат Македонија на меѓународните олимпијади по информатика. На петтата по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2025), која од 14-ти до 20-ти јули се одржува во Бон, Германија, нашите ученички остварија уште еден одличен резултат, освојувајќи еден бронзен медал.
Бронзениот медал за Македонија на ова значајно меѓународно натпреварување го освои Сара Стефановска од Крива Паланка, а достоен резултат постигна и Антонела Владева од Свети Николе, освојувајќи олимписка пофалница. И останатите две членки на македонскиот тим, Елена Трифуноска од Тетово и Јагода Панова од Струмица, имаа солидно претставување. Вклучувајќи го и овој бронзен медал, македонските ученички на досегашните пет изданија на ЕОИД имаат освоено вкупно 1 сребрен и 7 бронзени медали.
Тимот е предводен од Миле Јованов и Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), факултет кој со своите ресурси редовно ги поддржува активностите на Здружението на информатичарите на Македонија и организацијата на натпреварите по информатика. Оваа година се одржа 36-тиот циклус натпревари преку кој беа избрани и учесничките за оваа олимпијада. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.
Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е натпревар во програмирање, наменет само за ученички – средношколки од државите во Европа, кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки. Целта на ЕОИД е да го поттикне учеството и присуството на девојките во областа на информатиката, овозможувајќи простор каде што талентираните ученички можат да ги демонстрираат своите способности и да се натпреваруваат на меѓународна сцена. Оваа олимпијада има значајна улога во мотивирањето на повеќе девојки да се одлучат за кариера во компјутерските науки и слични области, каде што жените сè уште се малку застапени. Преку создавање на средина што нуди поддршка и предизвик, ЕОИД настојува да ги инспирира и охрабри младите жени да напредуваат и да се истакнат во полето на информатиката.
Форматот на натпреварувањето на ЕОИД е налик на веќе востановените меѓународни олимпијади, како што е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ). Како и на ИОИ, натпреварувачките треба во ограничен временски рок да решат серија алгоритамски и проблемски задачи. Централниот дел од натпреварот се одвива во текот на два натпреварувачки дена, за време на кои ученичките се соочуваат со комплексни задачи што бараат осмислување и примена на ефикасни алгоритми. Овој натпревар не само што ги развива техничките способности, туку и го поттикнува тимскиот дух, аналитичкото размислување и креативниот пристап.
Секоја земја – членка на ЕОИД заедницата има право да учествува со свој тим составен од најмногу четири натпреварувачки под 20-годишна возраст, избрани преку националните натпревари во програмирање, како и лидер и заменик лидер на тимот. На ЕОИД 2025 учествуваат вкупно 138 учеснички од 38 европски држави, додека во неофицијална конкуренција учествуваат и 85 ученички од 22 држави надвор од Европа (меѓу кои Австралија, Канада, Египет, Индија, САД, Саудиска Арабија и др.). Со оглед на силната конкуренција, освоениот бронзен медал претставува значајно постигнување и потврда за успехот на македонскиот тим, достоен за почит.
Следната, шеста по ред, Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2026) ќе се одржи идната година, во Италија. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е централниот натпревар, односно Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ) во Сукре, Боливија, која ќе се одржи од 27-ми јули до 3-ти август.
Македонија
Стабилизирана состојбата со пожарот во Преспа, но природата претрпе голема штета

Пожарот што го зафати Езерани во Преспа е ставен под контрола, информира Македонското еколошко друштво. Според нив, ноќта била релативно мирна, но значителни се штетите врз живиот свет кој е од исклучително значење за Преспанскиот регион.
„Ситуацијата во Езерани е под контрола, но мора да бидеме внимателни. Пожарот предизвика голема штета врз живиот свет во паркот“, стои во нивната објава.
Оттаму упатуваат апел до граѓаните за зголемена претпазливост, имајќи предвид дека во наредниот период се очекуваат високи температури, што го зголемува ризикот од нови пожари. Тие повикуваат сите да се придржуваат кон мерките за заштита и превенција.
„Да ја чуваме нашата Преспа, нејзината природа и сите живи видови со кои го споделуваме нашиот дом“, порачуваат од Македонското еколошко друштво.
Еколозите изразуваат длабока благодарност до сите кои учествуваа во гаснењето на пожарот. Особена почит им оддаваат на ренџерите од Паркот на природата Езерани при Општина Ресен, како и на екипите од Националните паркови Галичица и Пелистер, Територијалната противпожарна единица од Ресен, ЈП Национални шуми, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, организацијата ЕКО-ФАП и бројните мештани од Езерани, Долно и Горно Перово, Волкодери, Покрвеник, Прељубје, Шурленци, Асамати и други населени места.
Македонија
Шест пожари сè уште активни, 38 интервенции на отворено во изминатoто деноноќие

Во изминатите 24 часа, Центарот за управување со кризи (ЦУК) евидентирал вкупно 38 пожари на отворен простор низ земјата. Од нив, шест сè уште се активни, пет се ставени под контрола, а останатите 27 се целосно изгаснати.
Моментално најсериозната состојба е во источниот и централниот дел на државата. Активни пожари беснеат во реонот на Малешевските планини, кај селата Нивичино, Мал Готен, како и во општините Василево, Радовиш и Берово. Се работи за опожарена нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација. Сериозна е и состојбата во Македонски Брод, каде што на три различни локации – кај селата Грешница, Локвица, Крапа и Латово – се шират пожари низ мешана и деградирана шума, грмушки и сува трева. Слична ситуација има и во прилепскиот регион, каде што огнот се движи од селото Штавица кон Чумово, Волково и Прилепец. Пожар е активен и во Желино, меѓу селата Церово и Групчин, каде гори деградирана нискостеблеста шума.
Во исто време, пет пожари се ставени под контрола. Станува збор за пожари кај селата Шурленци и Езерани во Ресен, во дојранското село Николич, во велешкиот регион кај Џидимирци, Крушје и Иванковци, како и во гостиварското село Симница. Контрола е воспоставена и во прилепскиот регион, на Радобилскиот рид помеѓу Царевиќ и Смолани.
Останатите 27 пожари, кои биле регистрирани ширум државата – од Скопје, Куманово и Гевгелија до Кичево, Струмица и Брвеница – се изгаснати. Најчесто се работело за горење на сува трева, ѓубре, стрништа и ниска вегетација. Имало и повторно активирање на пожар на иста локација, како што е случајот со селото Оризаре во општина Липково.
Надлежните апелираат до граѓаните да бидат крајно внимателни, да не палат огнови на отворено и да го пријават секое сомнително движење на чад или луѓе на 112. Топлотниот бран, проследен со зголемени температури, ветер и сува вегетација значително го зголемуваат ризикот од нови пожари.