Македонија
Пендаровски: Прифаќам дебата со сите седум кандидати, нека дојде и Мицкоски како осми шпицен кандидат

Како кандидат за претседател во секое време прифаќам да има политички дебати со моите противкандидати, но како што се изјаснив пред почетокот на кампањата, инсистирам во дебатите да бидат вклучени сите седум претседателски кандидати потврдени од Државната изборна комисија, вели Стево Пендаровски.
„Токму затоа, прв предложив да се одржат 2 големи, т.н. мастер дебати, една на почетокот на кампањата и една пред првиот круг на гласање. Дебатите беше планирано да се реализираат на неутрален терен, а пренос од истите да вршат сите национални телевизии. На дебатите седумтемина кандидати ќе имаа подеднакви услови да ја презентираат својата програма за работа.
Досега, во поканите кои ги добивме од медиумите за учество на тв дебата, немав добиено информација дека сите седум кандидати ќе бидат учесници на некоја од предвидените дебати“, рече Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кривична пријава против петмина вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство: не се појавувале на работа а земале плата

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Р.Е.(51) од с.Слупчане, општина Липково, З.А.(59) од Скопје, Н.Б.(61) од Битола, А.Б.(59) од Скопје и С.К.(58) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
На 30.05.2024 била извршена контрола во просториите на Агенцијата за храна и ветеринарство-Подрачна единица Куманово и од извршениот увид во списоците за редовност било констатирано дека првопријавениот-вработен во Подрачната единица Куманово на работно место помлад референт-архивар, во периодот од 01.12.2018 до 30.04.2024 воопшто не доаѓал на работа, а редовно примал плата и придонеси од буџетски средства.
Второпријавениот З.А., вршител на должноста директор на Агенцијата за храна и ветеринарство до 14.12.2020, свесно дозволил првопријавениот да прима плата и придонеси иако не ги извршувал своите работни задачи. Третопријавениот Н.Б., вршител на должноста директор во Агенцијата за храна и ветеринарство, од 15.12.2020 до 03.07.2024 дозволил да се продолжи со исплатата на плати на Р.Е., кој не се појавувал на работа во текот на целиот свој работен ангажман.
Четвртопријавениот А.Б., на работно место раководител на Одделение за финансиски прашања во Аагенцијата, во периодот од декември 2018 до април 2024 година, без да изврши соодветна проверка на редовноста, потпишувал финансиски извештаи и одобрил исплата на месечните плати и придонеси на првопријавениот иако не бил во списоците за присутност. Петтопријавениот С.К., вработен како раководител на Одделение во агенцијата, од декември 2018 до април 2024 година не презел мерки за спречување на незаконитата состојба во врска со првопријавениот.
Со ваквите дејствија на првопријавениот противправно му биле исплатени 1.159.081 денари, а државниот буџет бил оштетен за сума од 1.682.759 денари.
Македонија
Пет години безбедносните служби го прислушкувале Мицкоски, наместо за безбедноста на државата, работеле да се одржат на власт Заев и Филипче, велат од ВМРО-ДПМНЕ

СДС не бирале средства и методи за да остане на власт колку што можат подолго. Злоупотребувале институции, државни средства и цел безбедносно разузнавачки апарат. Со цел одржување на власт, СДС ги ставиле во партиска функција за политички цели безбедносните служби да следат и прислушкуваат политички противници, бизнисмени, новинари и јавни личности, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како тогаш најголема опозициска партија, СДС со помош на нивните кадри поставени во агенциите за разузнавање и за безбедност, пет години го следеле и прислушкувале претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тоа го правеле со единствена цел политичка елиминација на Мицкоски, како единствен којшто може да им се спротивстави и да ги победи на избори, нешто што и се случи и покрај недемократските, да не речеме тоталитарни, мерки.
Со следењата и прислушкувањата сакале да го запрат нивниот пад од власт и да го придушат и замолчат секој слободен и кон нив критичен глас на новинарите и јавните личности, како и да уценуваат стопанственици.
Во периодот од 2019 до 2024 година, СДС владееле со злоупотреба на службите како да се партиска алатка за останување на власт.
Трагично е да се гледаат СДС, кои од уста не ја вадеа демократијата, како ги злоупотребувале службите и со најнедемократските методи ги ограничувале правата на слободно движење и изразување на граѓаните загарантирани со Устав и закон“.
Од партијата на власт додаваат дека цели пет години, службите биле користени за да се одржат на власт Зоран Заев и Венко Филипче и кликата околу нив, наместо за безбедноста на државата и граѓаните.
Уште потрагично, како што велат, е тоа што за сето ова, асистенција им правел сегашниот главен обвинител Коцевски, кој бил одговорен за следење на издавањето на ПИ мерките, кој според ВМРО-ДПМНЕ, е главната алка во синџирот на СДС за следење и прислушкување на претседателот Мицкоски, новинари и бизнисмени.
„Тоа е истиот тој Коцевски кого СДС толку силно го бранеа во Собрание за време на гласањето на интерпелацијата против него, а веќе се гледа зошто го бранеа и не гласаа за негово разрешување.
Бараме и очекуваме ЈО да се надмине себеси и за овој скандал од невидени размери да отвори сеопфатна истрага која ќе ги опфати сите кои ги злоупотребиле институциите и ќе ги извади пред лицето на правдата“.
Македонија
Нема активни пожари во државата, еден е под контрола, а изгаснати се 22

Во последното деноноќие, до 07 часот утрово, на територијата на Македонија имало вкупно 23 пожари на отворен простор, од кои активни нема, под контрола е еден пожар, а изгаснати се 22 пожари, извести Центарот за управување со кризи.
Како што информираше ЦУК, под контрола е пожарот во општина Гевгелија, на планината Кожуф (приземен пожар).