Македонија
ЗНМ: Осуда за правниот притисок кон Гоце Михајлоски и Михаела Димовска од ТВ Канал 5 од страна на Левица

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги осудува „неоснованите приватни кривични тужби од страна на политичката партија Левица кон новинарот и уредник Гоце Михајлоски и новинарката Михаела Димовска од Канал 5 телевизија“.
„Конкретно, политичката партијата Левица денеска преку соопштение информираше дека поднеле приватна кривична пријава против главниот и одговорен уредник на Канал 5 ТВ, Гоце Михајлоски, и новинарката Михаела Димовска, поради тоа што во прилог во вестите наводно бил објавен интерен партиски документ.
Во соопштението се додава дека пријавата е за кривичното дело „Неовластено објавување личен запис“, казниво по чл. 148 од Кривичниот законик, и потенцираат дека за истото е „запретена парична и затворска казна до една година“, велат од ЗНМ.
„Цениме дека ваквата кривична пријава претставува злоупотреба на правните механизми со цел да предизвика несигурност и самоцензура кон новинарите и медиумите во ваков сензитивен период на предизборие.
Проблематично е и што претседател на политичка партија на социјални мрежи објавува саркастични коментари за овие правни закани кон новинарите, бидејќи на овој начин може да се поттикне говор на омраза кон новинарите и медиумските работници.
Ваквите тужби, посебно кога се иницирани од политичари, пратеници и носители на јавни функции, можат да предизвикаат самоцензура кај новинарите а со тоа да се наруши правото на информирање на граѓаните. Овие тужби во контекст на Советот на Европа се познати како стратешки тужби за спречување на јавно учество (SLAPP)“, соопшти ЗНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.