Македонија
(Видео) Ковачевски: Колку и да е тешко, ќе работам ден и ноќ да испорачам резултат, да ги исправиме грешките
„Знаевме дека нема да биде лесно да се работи во услови на најголема економска и енергетска криза. Но ние не се откажавме. Никого не оставивме сaм, силно ги поддржавме граѓаните и компаниите со 2,6 милијарди евра. И успеавме. Денеска гледаме дека сите тие мерки и политики вродиле плод. Инфлацијата е намалена и целосно ставена под контрола“, посочи претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на денешниот граѓански собир во Центар на кандидатот за Претседател, Стево Пендаровски.
„Ги зголемивме платите и пензиите и тоа на историски највисоко ниво досега. Ги зголемивме платите во здравството, во градинките, училиштата, високото образование никогаш немало поголеми плати. Но јас сум реален човек, не живеам во заблуда дека овие бројни мерки и економски политики ги решија сите проблеми на граѓаните“, рече Ковачевски.
„Но колку и да е тешко, ние имаме волја и знаење и тим да работиме и да испорачаме резултати. Постои начин, постои вистинска шанса за промена кон подобро. Ве уверувам дека нема лесни решенија за системските проблеми тука. Само продолжувањето на европскиот пат и усвојувањето на европските стандарди може да донесе реални промени“, беше дециден Ковачевски.
„Само членство во ЕУ ни гарантира европски животен стандард, европски институции, право и правичност за секој граѓанин. Нашата заедничка борба за иднината има суштинска цел, а не формална“, рече Ковачевски.

„Ви ветувам: Ќе работам и ќе работиме ден и ноќ заедно со мојот тим да ги исполнам очекувањата на мнозинството граѓани да живеат во европска држава.
За европски животен стандард, за подобро образование, подобро здравство, за сузбивање на корупција, за држава по европски стандарди, за држава во која владее правото, за држава како што ја сакаат и како што ја заслужуваат граѓаните“, посочи претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на денешниот граѓански собир во Центар на кандидатот за Претседател, Стево Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

