Македонија
Ванковска: Медицински израз за одложено дејство е ретард
Предизборните активности, Билјана Ванковска, претседателски кандидат на Левица, попладнево ги продолжи во Охрид. Во Охрид Ванковска освен што пред граѓаните презентираше делови од програмата се задржа и на актуелните теми во предизборието.
„За Охрид може да се зборува и низ една посебна призма која е актуелна на овие претседателски избори, за внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Како што знаеме бугарската јавност и историографија дури го смета Охрид за колевка на бугарштината. Одовде јас порачувам дека како иден претседател никогаш нема да дозволам внесување на Бугарите во Уставот затоа што во план имам сосема нов Устав. Меѓутоа морам да укажам дека сите оние бајки за одложено дејство на уставни промени се само замка во која ќе влеземе исто како во Преспанскиот договор. И знаете, еден медицински израз за одложено дејство е ретард. И нека размислат што прават“, рече таа.
Ванковска и од Охрид порача дека нејзина заложба е сосема нов Устав зашто постоечкиот, ваков каков што е не само што не е употреблив туку е и трибалистички, етнонационалистички и Устав кој дели место да сплотува.
-Мојата агенда предвидува иницијатива за донесување сосема нов Устав кој би го донеле ако не во 2024, бидејќи самиот процес бара време, тогаш во 2025 година. Се разбира конечниот збор ќе го има парламентот. Меѓутоа низ една дебата, конструктивен процес со граѓаните, да направиме нешто како Чиле што направи, да направиме едно уставотворно собрание, народно, да понудиме еден модел на Устав што ќе го ставиме на увид на јавноста. Сакате ваков трибалистички, етнонационалистички кој не дели или сакате да бидеме држава во 21 век, истакна Ванковска.
Претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска од Охрид порача дека во отсуство на вистинска дебата, противкандидати поставуваат нереални очекувања и барања, особено од Македонската радио телевизија па затоа останува таа и Левица да говорат на овој начин, меѓу граѓаните.
„Од Охрид ќе порачам дека градот на УНЕСКО, градот на културата, градот на она со што би требало да се гордееме станува град на дивоградби, станува град на неказнивост, станува град на локални шерифи кои во меѓукоалициски договори избегнуваат да го почитуваат законот. При тоа, како левичар, морам да го истакнам и оној момент на нарушување на антифашистичкото наследство над спомен плоча која најбезобразно е тргната од Нефи Усеини заради изградба на негов објект“.
Ванковска се осврна и на еколошките проблеми како и негрижата за Охрид и Охридското езеро кои се загрозени и во еколошка смисла. „Нема проблем кој не се вкрстува во овој крај, во овој град и во овој регион, така што се обидуваме да зборуваме за сето она за кое што повеќето кандидати на сакаат да зборуваат. Тие сакаат да зборуваат од бини, од заштитени зони, ние зборуваме на начин кој ни е нам достапен“, рече Ванковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

