Македонија
Мицкоски: Ова е последната шанса за да ја промениме оваа грда реалност

Живееме во едно политичко мочуриште во кое што за жал граѓаните се чувствуваат дека се граѓани од втор ред. Имаме неколкумина околу Али Ахмети кои се дел од ДУИ и неколкумина нивни измеќари кои се дел од СДСМ кои што се задоволуваат со по некоја коска, некој наместен тендер и молчат и така функционираат како граѓани од прв ред, небаре Македонија ја наследиле од нивните предци, а останатиот дел без разлика на етничката или политичката припадност се чувствуваат како граѓани од втор ред, обесправени, засрамени, опљачкани и затоа најголемиот дел од нив одлучуваат да ја напуштат Македонија, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во општина Зелениково во рамки на претседателската кампања.
Мицкоски посочи дека порано се празнеле селата и си оделе младите, но денеска после 7 години власт на СДСМ и ДУИ се празнат и градовите, но си заминуваат и цели семејства.
Порано се празни селата, па велевме Македонија е празна, селата се празни, денеска тоа е стара вест, селата одамна се празни, сега почнуваат и градовите да се празнат. Младите си заминуваат, 8 од 10 мои студенти одлучуваат после дипломирањето да заминат надвор од Македонија. Но, можам да кажам дека и тоа е стара вест, сега веќе и луѓе во средни години од 40, 45 или 50 години заедно со своите семејства го пакуваат животот во неколку куфери и заминуваат да почнат нов живот далеку од Македонија. Таа е суровата реалност во која денеска ние живееме, рече тој.
Мицкоски истакна дека од ветениот живот и од едно општество за сите кои го ветуваше СДСМ денеска тоа се претвори во општество за неколкумина.
Од тоа едно општество за сите и живот за сите, паролата се претвори во општество за неколкумина. И практично се што ветија направија спротивно. Го разочараа народот, додаде тој.
Мицкоски ја побара поддршката од граѓаните на општина Зелениково најпрво на 24 април, а потоа на 8 мај за нов претседател на Република Македонија Гордана Силјановска Давкова и вети многу работа и многу проекти за сите граѓани.
Ова е последната шанса. Јас знам дека можеби и ВМРО-ДПМНЕ во минатото имало по некоја грешка. Никој не е идеален, но никогаш тие грешки не биле катастрофални и девастирачки како тоа што го правеа владите на СДСМ, смета тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачки пред претседателите на Собранијата на членките на НАТО: Македонија е доверлив и одговорен сојузник

На денешното годишно Собрание на претседателите на Собранијата на земјите членки на НАТО кое се одржува во Брисел по повод 70 години јубилејно постоење, свое обраќање имаше пратеникот и членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки кој истакна:
„НАТО не е само воен сојуз, туку и жива заедница на демократските нации. Со децении нашите парламенти работеа на обезбедување транспарентност, одговорност и дека гласот на нашиот народ е слушнат. За мојата земја, патот кон НАТО беше долг, а понекогаш и неизвесен, но секогаш воден од убедување, реформи и верба во заедничка евроатлантска иднина“, вели Ковачки.
Ковачки посочи дека нашиот глас е обликуван од отпорност и трансформација. Тој посочи дека НАТО ја одразува демократската волја на нашите нации.
„Како земја од Југоисточна Европа, нашиот глас е обликуван од отпорност и трансформација. Ние сме доказ дека вратата на ЕУ останува отворена и дека демократијата е патот кон мирот. Во денешниот свет на дезинформации, нестабилност и конфликти, улогата на нашите парламенти е да ја бранат вистината и да се осигураат дека изборите на НАТО ја одразуваат демократската волја на нашите нации“, рече Ковачки.
Македонија
Вишиот јавен обвинител казнет, намерно и неоправдано направил крупни професионални грешки

Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител одлучи дека Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје и уште еден јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје сториле тешки дисциплински повреди од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство, односно намерно и неоправдано направиле крупни професионални грешки.
„Врз основа на изведените докази, Комисијата утврди дека јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје, против кого се водеше една постапка, нестручно и несовесно постапил во 4 предмети во кои се откажал од жалба или обвинение. За ова на овој јавен обвинител изречена му е дисциплинска мерка – намалување на плата во висина од 30% од платата во траење од 6 месеци од правосилност на решението“, информира Обвинителството.
За Вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје, пак, се водеа две одвоени дисциплински постапки.
Во едната од Комисијата утврди дека е одговорен поради констатирани неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје, а во другата за нестручните одлуки донесени во три од наведените предмети, бидејќи пред него биле реферирани и со негова согласност биле донесени одлуките.
Со оглед на утврдените тешки дисциплински повреди во двете постапки одлучено е до Советот на јавните обвинители да биде поднесен предлог за разрешување на Вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје.
Единствено во однос на наводите за сторена уште една тешка дисциплинска повреда од Вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје кои се однесуваа на нарушување на угледот на Јавното обвинителство, Комисијата одлучи дека постои застареност на предлогот.
За виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје во декември 2022 година беше реизбран Мустафа Хајрулахи. Кон крајот на минатата година тој беше суспендиран од функцијата откако против него беше покрената истрага и поднесена кривична пријава
Македонија
Почна санацијата на јужната трибина на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, советникот Бојан Бојкоски и претставници од одделението за комунални дејности во општина Битола, денес извршија увид на работните активности за санација на јужната трибина на стадионот „Петар Милошевски“.
Од Општината информираат дека со овој проект, во износ од 46.031.312 денари опфатена е санација на постоечките скалници – седишта, премачкување, обработка, поставување на седишта, за што ќе бидат набавени 4.852 парчиња, вклучувајќи ги и резервните и ќе се изврши заштита на сите челични елементи, вклучувајќи ја и настрешницата.
Проектот за санација на јужната трибина на стадионот „Петар Милошевски“ е проект за кој Општина Битола доби финансиска поддршка од Владата, преку првиот повик за инвестициии во инфраструктура.
Паралелно, Општина Битола во соработка со ФФМ работат на исполнување на условите на УЕФА, за одигрување на меѓународниот натпревар на 9 септември за селекциите до 21 година, помеѓу Македонија и Италија.