Свет
Во овој европски град на децата им е забрането да користат телефони, познати се резултатите по една година
Речиси целата заедница од 22.000 луѓе во Грејстоунс и соседното село Делгани, во Ирска, одлучи да им ги ускрати телефоните на децата до 12-годишна возраст – не само во училиштата туку и дома.
„Добив повици од Австралија, дојдоа ТВ екипи од Америка, Франција, Скандинавија“, изјави Рејчел Харпер, директорка на Националното училиште „Свети Патрик“, која ја предводеше необичната иницијатива.
Тие станаа во центарот на вниманието на медиумите во средината на 2023 година, кога повеќето жители се согласија да им забранат на децата да користат телефони.
„Имавме алармантна ситуација. Родителите рекле дека децата биле тажни бидејќи немале телефони. Што можеа да направат освен да попуштат“, вели директорката.
Таа нагласува дека реакциите биле неверојатни. Не само што учениците од нејзиното училиште престанале да се интересираат за телефони, туку овој тренд се проширил и во седум други основни училишта.
„Децата повеќе не бараа од родителите да им купат мобилни телефони, а некои дури и ги вратија! Тоа беше големо охрабрување“.
Таа додава дека училиштето „Свети Патрик“ не ја отфрла технологијата, бидејќи на часовите користат таблети и зборуваат за брзиот развој.
„Ние не сме против технологијата, таа е дел од нашите животи. Станува збор за тоа дека децата се соодветно подготвени и опремени да се справат со одговорностите што ги носи технологијата“.
Директорката вели дека со учениците се разговара за разумно користење на уредот.
„Ние веруваме дека само откако ќе наполнат 12 години, тие можат одговорно да се справат со работите што ги носат телефоните.
По неполна година, иницијативата донесе одлични резултати.
„Сега, наместо да седат на игралиштето и да разговараат за она што го виделе на TikTok, децата разменуваат идеи, разговараат користејќи ја својата имагинација. Со други зборови, тие го прават она што децата треба да го прават“, заклучува Рејчел Харпер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Можеби имам лоши луѓе за односи со јавноста
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска, една година по враќањето на власт, на долга прес-конференција ги пофали своите постигнувања, ги критикуваше илегалните имигранти и изрази разочараност што неговата економска порака „не стигнува до Американците“.
Говорот го започна во преполна сала за новинари во Белата куќа, покажувајќи фотографии од, како што ги нарече, „пореметени убијци“ кои, според него, биле уапсени и депортирани од страна на Имиграциската и царинска служба (ICE), особено од Минесота — каде што се одржуваат протести против имграциската политика на владата.
Говорејќи за економијата, рече дека го „исчистил“ федералниот апарат и ги намалил бројките што, според него, биле високи под администрацијата на Џо Бајден. „Ги намаливме значително. Не разбирам… можеби имам лоши луѓе за ПР. Не успеваме да ја пренесеме пораката“, изјави Трамп.
Трамп ја спомена и венецуелската опозициска лидерка и добитничка на Нобелова награда за мир, Марија Корина Мачадо, за која рече дека е „неверојатно љубезна жена“. Иако претходно беше исклучена од неговата стратегија, рече дека повторно се водат разговори со неа: „Многу би сакал да можеме некако да ја вклучиме.“
Трамп се обрати од Белата куќа непосредно пред заминување за Давос, каде што ќе учествува на Светскиот економски форум, каде што се очекува фокусот да биде ставен на неговите пораки и закани поврзани со Гренланд.
Свет
Каја Калас: Додека некои сојузници ѝ вртат грб на Европа, Европа бара нови партнери
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, денес во Европскиот парламент го бранеше неодамна потпишаниот трговски договор со Меркосур, нарекувајќи го „геостратешка одлука“.
Во расправата посветена на потребата од мирна демократска транзиција во Венецуела, Калас се осврна на потпишувањето на договорот со Бразил, Аргентина, Парагвај и Уругвај, земји членки на Меркосур. Членството на Венецуела во овој трговски блок е суспендирано од 2016 година.
„Во момент кога некои сојузници ѝ свртуваат грб на Европа, Европа бара нови сојузници“, рече Калас во Стразбур, пред зградата на Европскиот парламент, каде што денес се одржа голем протест против договорот.
Во саботата, Европската унија и земјите од Меркосур го потпишаа историскиот договор за слободна трговија, кој опфаќа 700 милиони граѓани. Следниот чекор е да се обезбеди поддршка од Европскиот парламент.
Утре пратениците ќе гласаат дали да побараат мислење од Судот на ЕУ за тоа дали договорот е усогласен со европските договори. Доколку предлогот помине, гласањето за потврдување на договорот ќе се одложи сè додека Судот не се изјасни – што може да потрае и до две години. Ако предлогот не помине, Европскиот парламент би можел да гласа уште во февруари.
Свет
САД веќе купиле острови од Данска – меѓу нив и озлогласениот остров на Епстин
Откако Доналд Трамп повторно ја актуелизираше идејата за купување на Гренланд, во јавноста се појави информација за последната голема територија што САД ја купиле од Данска во 1917 година. Станува збор за Данските Западни Индии, денес познати како Американски Девствени Острови, пишува „Њузвик“.
На социјалните мрежи се посочува дека во рамки на таа територија се наоѓа и островот Литл Сент Џејмс, познат како озлогласениот „остров на Епстин“.
САД ѝ платиле на Данска 25 милиони долари во злато за овие територии, стекнувајќи контрола врз островите Сент Томас, Сент Џон и Сент Кроа. Островот Литл Сент Џејмс бил дел од оваа аквизиција. Подоцна, во 1998 година, го купил починатиот финансиер и педофил Џефри Епстин.
Островот стекна лоша репутација како приватен имот на кој Епстин наводно извршувал сексуални злосторства. Тој стана централна точка во истрагите и граѓанските постапки што следеа по неговото апсење и смрт.
И денес островот е предмет на јавни расправи, а многумина повикуваат на објавување на детални информации за тоа кој и кога го посетувал. Тоа е особено нагласено по неодамнешното објавување на делови од „досиејата на Епстин“, кои фрлија ново светло врз неговата мрежа на контакти и тековните судски постапки.

