Македонија
Ковачевски од Македонски Брод: Пензионерите заслужуваат достоинствен живот, грижата за пензионерите продолжува
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Македонски Брод, имаше средба со пензионерите, на која што се разговараше за ефектите од досегашните мерки за пензионерите, за идните мерки од програмата на СДСМ за пензионерите, како и за предлозите на пензионерите од овој регион.
На средбата, Ковачевски посочи дека досега секоја мерка е носена во комуникација и консултација со Сојузот на здруженија на пензионери, со цел да се подобри стандардот и условите за живот на пензионерите.
Владата предводена од СДСМ, овозможи раст на пензиите со носење на новата Методологија. Просечната пензија денес изнесува 20.195 денари што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година кога просечната пензија изнесувала нешто над 200 евра. Минималната пензија денес изнесува 13.150 денари, што е за 4.300 денари повисока во однос на 2016 година, односно повисока пензија за речиси 50%.
Воедно, и во време на најголемите кризи, беа предвидени мерки за помош на пензионерите во секој антикризен пакет. Во последниот 9-ти пакет, се издвоија 35 милиони евра за поддршка на 187.000 пензионери, со што пензионерите добија од 1.500-3.000 денари месечно финансиска поддршка со цел полесно да ја пребродат зимата и кризата.
Грижата за стандардот на пензионерите продолжува и преку мерките во четиригодишната програмата на СДСМ. Ковачевски на средбата посочи дека пензиите ќе продолжат да растат. Во програмата е предвидено просечната пензија да достигне 30.000 денари, а минималната пензија 20.000 денари, до 2028 година.
Програмата содржи и други мерки со кои ќе се обезбеди подобар животен стандард и достоинствена старот на пензионерите, како што е воведување на енергетски пакети за пензионери кои живеат сами од 1.500 денари месечно, 6 месеци во зимскиот период, со што ќе им се олесни семејниот буџет во текот на зимата, како и исплата на зимски регрес за пензионери, почнувајќи од декември 2024 година. Предвидено е воведување на пензионерска еднаквост што значи исплата на загарантирана минимална пензија на жените и мажите кои живеат со семејна пензија. Воедно, во програмата е предвидено воведување можност за систем за работно ангажирање на пензионерите, доброволно оние кои можат и сакаат, за дополнително финансиско зајакнување на пензионерите.
Ковачевски им порача на пензионерите дека СДСМ секогаш ќе се грижи за нив и ќе има континуирана соработка, со цел да имаат подобар стандард и да уживаат во плодовите од својот работен век и од вложениот труд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

