Македонија
Ковачки до Пендаровски: Не ја злоупотребувај Армијата во твоите скапо платени спотови
Сакам да го искоментирам и неговиот најнов спот во кој се обидува да се претстави како некој си голем државник. Замислете човек со неговите скапо платени реклами и спотови за кои не сака да каже како се финансираат ја злоупотребува Армијата и луѓето во униформата. Армијата не смее да се злоупотребува во партиски настани и партиски спотови. Стево Пендаровски токму тоа го прави и под итно треба да се тргне од медиумите, вели Драган Ковачки, носител на изборната единица 3 на денешниот митинг во општина Петровец во рамки на претседателската кампања.
Ковачки додаде дека Стево Пендаровски се претставува како поддржувач на модерна и инклузивна Армија, но збор не изустил кога тој јавно објавил дека во армијата се случува скандал каде офицери сексуално вознемирувале млади офицерки, како и кога преку фејсбук станицата на СДС Арачиново се бараа лица за вработување како професионални војници, само како што рече тој да им се додвори на ДУИ и Ахмети.
Дополнително, се фали дека бил гласен поддржувач на модерна и инклузивна Армија. Замислете човекот бил гласен поддржувач за модерна армија, а ништо не презема кога јавно објавивме дека во Армијата се случува скандалот каде што офицери во негова директна надлежност сексуално вознемирувале млади офицерки и воени лица, потенцираше Ковачки и додаде:
Очајниот и нервозен Стево Пендаровски не изусти ни збор за што се објави конкурс за вработување на професионални војници на официјалната фејсбук станица на неговата партија СДС во Арачиново. И сега без срам вели дека како врховен командант бил гласен поддржувач на модерна армија. Без трошка срам збор не кажа. Само за да им се додвори на криминалците од ДУИ и на Али Ахмети.
Ковачки нагласи дека Пендаровски најпрво бил избор на Зоран Заев во 2019тата година, а сега е и на Димитар Ковачевски во 2024тата година, укажувајќи дека тоа е предавничко трио кое ја распродаваше Македонија каде и да стигне,
Човекот не знае што да направи, нервозен е и очаен. Знае дека ќе загуби. Го слушате како им вели на оние 50тина души кои му доаѓаат на митинг ако не победам не доаѓајте, не сакам очи да ви видам. Не смееме да заборави дека Стево Пендаровски беше избраник на Зоран Заев во 2019тата, а сега во 2024 е избраник на Димитар Ковачевски. Е тоа е тоа триото кое ја распродаваше Македонија и ја понижуваше каде ќе стигне. Тоа е таа предавничка матрица која за пари и привилегии се подготвени на се, изјави Ковачки.
Ковачки побара поддршка и масовна излезност на изборите од граѓаните на 24 април и 8 мај за Гордана Силјановска Давкова со заокружување на број 2.
Сега е моментот. Мораме да ставиме крај. Овие избори се шанса да ја вратиме Македонија во рацете на граѓаните, додаде Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски отпушти 500 вработени
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека се отпуштени 500 вработени од претпријатијата на Скопје затоа што се месеци, дури и години, не оделе на работа.
„500 лица до денес, се отстранети од работа од претпријатијата во градот Скопје. Тоа се лица кои се платени од парите на скопјани, но не оделе на работа со месеци, дури и години“, објави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека секој кој чесно си ја работи работата, ќе биде награден, а оној што не работи ќе биде казнет.
„Тука, нема да има толеранција, а ќе има и одговорност! Секој оној што чесно си ја работи својата работа ќе биде награден, а оној што не работи – ќе биде санкциониран. Ред во Скопје, мора да има! Она што е платено со парите на граѓаните јас мора да го заштитам“, напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.
Македонија
Детали за кражбата на кабли во која е вмешан и полицаец: Направиле штета од 600.000 евра, а поради пожар граѓаните останале без струја
Основното јавно обвинителство Скопје објави детали за кражбата на кабли во кругот на фабриката „Железара“ во која е вмешан и полицаец. Крадците украле кабли вредни околу 440.000 евра, а направиле штета на трафостаница од околу 160.000 евра.
Во текот на досегашната постапка се обезбедија докази кои даваат основано сомнение дека сега осомничениот, инаку вработен во МВР како полициски службеник, бил соизвршител на трите лица против кои беше покренато обвинение пред 10-тина дена.
Сите тие се товарат дека заедно од објектот на „Полуконти –ИГМ“ и подземните тунели низ кои поминуваат кабли за напојување со електрична енергија одзеле повеќе километри високоенергетски и среднонапонски кабли во сопственост на оштетените правни лице АД ЕСМ – Електрани на РСМ – Подружница енергетика Скопје и МакСтил АД Скопје во вкупна вредност од околу 440 илјади евра.
Откако со апарат се уверувале дека каблите не се под напон, со батериска брусалка ги сечеле и ги складирале каблите до влезот од тунелите. Поради нивните дејствија, на 9 април настанал и пожар во трафостаницата ТС Југ со кој била предизвикана и дополнителна штета на јавните инсталации за чие санирање биле потребни повеќе од 100 илјади евра, а не се реализирало и планираното производство и дистрибуција на електрична енергија кон крајните корисници на електрична енергија за период на санација на дефектите во вредност околу 60 илјади евра.
Претходно од МВР соопштија дека на полицаецот му е определен 30-дневен притвор. Тројцата негови соизвршители против кои претходно беше покренато обвинение исто така се обезбедени со мерка притвор по предлог на обвинителството, поради опасноста од бегство, можноста за влијание врз сведоци и ризикот да го повторат делото.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг, предводена од Лота Џонсон Форнавре, во придружба на амбасадорот на Кралството Шведска, Oла Солстром.
Сиљановска-Давкова изрази задоволство од извонредната соработка со шведските пратеници, заснована на взаемна доверба и почит, нагласувајќи дека таквото партнерство претставува основа за натамошно зајакнување на вкупните билатерални односи меѓу двете држави.
Таа потсети дека Шведска е четвртиот најголем билатерален донатор на земјава и дека нејзината поддршка не се огледува само во развојната помош, туку и во улогата на фасилитатор на европските реформи.
Како поранешна членка на Надзорната група за соработка со шведскиот Риксдаг, Сиљановска-Давкова нагласи дека шведската парламентарна демократија отсекогаш била пример од кој можеме да учиме. Според неа, искуството стекнато преку таквата соработка претставува поттик за нови, отворени и конструктивни дијалози што ќе ја зајакнат политичката култура и институционалната зрелост во земјава.
Шведските пратеници изразија отвореност и решеност за продолжување на парламентарната соработката, размена на демократските искуства и помош и поддршка на македонскиот евроинтегративен процес.
Претседателката порача дека напредувањето кон ЕУ мора да се темели на мерит систем, а не на политички условувања и еднострани барања.

