Македонија
Силјановска Давкова до Пендаровски: Лист хартија, бела хартија

Кандидатката за претседателка на Македонија професор д-р Гордана Силјановска-Давкова одговори на прозивките од противкандидатот Стево Пендаровски и лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски.
Во својот говор Професорката Силјановска Давкова одговори на прозивките од противкандидатот Стево Пендаровски и му порача:
„Замислете, јас сум немала план, а тој имал план? Па, еве го канам, ќе почнеме сега серија на дебати околу програмата за областите што се најважни, нека се приклучи Стево Пендаровски, па нека даде свој интелектуален придонес во тоа. Никогаш не говорам за студентите, ама најдобрите никогаш не ги заборавам и за нив секогаш кажувам сè. Не го помнам Стево Пендаровски како студент, но знам дека магистрирал и докторирал откога ги усовршил своите аналитички способности во министерството за внатрешни работи и сега човекот на ваков начин зборува за мене. Го запознав на една врвна дебата, организирана од поранешниот претседател Борис Трајковски, наречен „Дијалог на цивилизациите“, каде што учествуваа врвни интелектуалци од земјата и од светот. Знам дека околу нас кружеше еден човек и се сетив подоцна дека тоа беше Пендаровски, веројатно беше дел од организацијата на настанот.
Да не зборувам за оној другион. Мојот професор, Ѓорѓи Марјановиќ, велеше дека никој како кумановчаните не умеат преку скратеното име да ја изразат личноста. Не го кажувам неговиот прекар, меѓутоа знам дека неслучајно е во женски род. Многу е мизерно да ве среќава во Собранието и да ви вели дека вие сте нешто најдоброто во Собранието, па да вели дека за најдобра дебата ја смета онаа со мене за нобеловецот Кругман, за економија, моите тези за опасноста од рефеудализација во светот. И потоа да вели дека мене, замислете мене, ме шетал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ како тетка. Така зборува не Заратусра, туку бившиот премиер. Ама, ако се обидете да прочитате нешто за него, како и за првиов, некој труд, некое членство во меѓународна организација, нема да најдете ништо. Tabula rasa!
Затоа вели умниот Платон дека со политика треба да се бават филозофите, најумните, што имаат зад себе, што не се поплавени со хормони, што сакаат нешто да остават за заедницата.
Затоа овие луѓе не уживаат углед и не може да ја претставуваат Македонија, не само добро, а камоли подобро и затоа Македонија не може на нив да биде горда. Бидејќи ако во секоја реченица со пет збора, во три прават грешка, тогаш тоа е голем проблем.
Затоа бегаат од дебати, затоа самите си се храбрат си измислуваат, па велат ,излезете на дебата’, ама знаат што ќе им се случи на дебатата. Минатиот пат тој вратата не знаеше да ја најде.
Ајде, да продолжам во дијалошка форма. Дали Пендаровски водеше дијалог со Владата? Ма, немојте! Па, тој со таква понизност го гледаше претходниот премиер господинот Заев, со таква понизност го гледаше Ковачевски, со каква понизност го гледа и тој другиот, тој фактичкиот премиер господинот Ахмети. Па, тој дури и му сугерираше што да зборува, замислете тој го повторуваше. Замислете, претседател на држава вели дека ,Како досега’ ќе си постапува. Па, ако е како досега, тој нема план за отсега туку ќе си го повторува истото. Тој се кандидира за претседател и треба да кажува што ќе прави понатаму. Ама, како ќе каже што ќе прави понатаму кога досега ништо не сторил. Лист хартија, бела хартија!
Значи, ако водеше жесток дијалог со Владата, со сите министри, со Премиерот, од тоа ќе се родеше некој политички плод, програма, надворешна политика или безбедносна политика.“, рече Силјановска – Давкова, објави нејзиниот тим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Спасувачка акција на повредено лице при превртување на теренско возило на планинскиот пат над село Јеловце

Центарот за управување со кризи денеска попладне добил пријава за едно повредено лице при превртување на теренско возило на планинскиот пат над село Јеловце, општина Врапчиште.
Веднаш за настанот биле известени полициските станици Гостивар и Галате.
„Пријавата е добиена преку Едиствениот број за итни повици. Бидејќи теренот е тешко пристапен за возило на Итна медицинска помош, по барање на директорот на ЦУК, Мухамед Али, ДОЦ достави барање до Министерството за внатрешни работи за ангажирање на хеликоптер и специјални единици (алпинисти) за спасување на повреденото лице“, информираат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека лицето ќе биде транспортирaно до Клинички центар за укажување на понатамошна медицинска помош.
Македонија
Андоновски: Македонија прва од регионот ќе ги исполни условите за „роаминг како дома“

Земјите од Западен балкан на претстојниот Дигитален самит кој ќе се одржи на 1 и 2 октомври во Скопје ќе усвојат заедничка изјава со повик кон Европската Унија да се забрза процесот „роаминг како дома“ и нула трошоци за интернет за нашите граѓани во ЕУ.
Унијата пред еден месец излезе со патоказ што треба да го исполниме како држави за да пристапиме кон оваа зона, но потребна е активност и од нејзина страна.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вели дека Македонија ќе ги заврши своите обврски до декември годинава и очекува наредната година први да го потпишеме договорот за роаминг со нула трошоци за македонските граѓани.
„Главна беше измената на Законот за електронски комуникации за исполнување на клучните регулативи и директиви на ЕУ што ние веќе го направивме летово. Остануваат уште неколу подзаконски акти што треба да ги завршиме до крајот на годинава и со тоа ќе ги исполниме условите. Во напредна фаза сме, го изработивме нашиот Акциски план и мислам дека ќе бидеме први од регионот“, кажа Андоновски.
Македонија
Дигиталниот Самит на Западен Балкан 2025 повторно во Скопје – 1 и 2 октомври во Музејот на современата уметност

Министерот за дигитална трансформација, на прес конференција, ја најави организацијата на Дигиталниот Самит на Западен Балкан 2025, кој повторно ќе се одржи во Скопје, на 1 и 2 октомври 2025 година, во Музејот на современата уметност.
Ова регионална платформа ги поврзува владите од регионот, деловната заедница, академијата и меѓународните партнери со цел забрзување на дигиталната трансформација во регионот.
Самитот ќе биде организиран на две сцени – главна и технолошка, со три носечки приоритети:
• Дигитален паричник – сигурен и препознатлив пристап до јавни и приватни услуги.
• Интероперабилност – поврзување на системи и регистри за прекугранични електронски услуги.
• Сајбер-безбедност – заштита на личните податоци и критичната инфраструктура.
На технолошката сцена ќе бидат отворени теми за вештачка интелигенција, 5G и оптичка инфраструктура, дигитални вештини и пристапот на регионалните компании до единствениот европски дигитален пазар.
Министерот подвлече дека се очекуваат повеќе од 800 учесници и говорници, меѓу кои: претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министри од Црна Гора, Албанија, високи претставнци од Србија, Косово, Босна и Херцеговина, високи претставници на Европската комисија, Регионалниот совет за соработка (RCC), ITU, бизнис секторот од регионот и други меѓународни организации. Меѓу најважните гости и говорници ги очекуваме и Ренате Николаи (DG CONNECT), генералниот секретар на RCC Амер Капетановиќ, заменик-генералниот секретар на Меѓународната телекомуникациска унија (ITU) Томас Ламанускас, видео-обраќање од Томас Јарзомбек (Парламентарен Државен секретар на СР Германија), како и од приватниот сектор Свјатослав Сењута од VISA, Марк Васич од Дојче Телеком и Кејт Марш од British Council.
Министерот Андоновски, подвлече дека самитот има исклучително значење затоа што ќе го продолжи „Нашите напори за понатамошно намалување на роаминг трошоците WB6–ЕУ со патека кон „роаминг како дома“, за 0 трошоци за интернет за македонските и граѓаните од Западниот Балкан кога патуваат во ЕУ.“