Македонија
Мицкоски: Говорот на омраза и женомрзието имаат име Стево Пендаровски
Денес гледам загрижени лица, затоа што и времињата се тешки и проблемите многубројни. Има моменти во историјата на еден народ кои се одлучувачки, тоа се времињата кога работите се прекршуваат или кон подобро, или кон дното после кое нема враќање. Овие избори се токму тоа, референдум за Македонија, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Прилеп.
Мицкоски нагласи дека слободата која сакаме да ја имаме, враќањето на сопственоста над државата од страна на народот не е само наше право, туку и должност, а оваа генерација ја има неповторливата можност да испише нова победничка историја.
– Народот има загубено контрола над сопствените институции и над сопствената држава. Државата не служи на народот, туку на стотина луѓе од ДУИ, а ти се служат со Македонија за полнење на своите џебови. Проблемот овде во Прилеп и во сите други градови не е само слабото владеење на СДСМ, туку што и самата СДСМ, бидејќи таа на тацна ја даде Македонија на Артан, Бујар, Талат и Ахмети, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, воедно истакна дека СДСМ, Ковачевски и Стево Пендаровски немаат реална и издржана програма, а нивната понуда е еден исклучително примитивен говор на омраза стимулиран директно од Стево Пендаровски.
– Човекот не пропушта митинг лично да не навредува заедно со професорката Гордана Силјановска Давкова која е одличен професор е и жена, мајка, сопруга. Таквите отрови и навреди кои секој настап се подгревани од првенците на власта, се пренесуваат како зараза и на нивните членови. Па така вчера од Куманово, донеле некој член на СДСМ каде со микрофонот во рака нареди едно чудо навреди кон идниот претседател на Македонија Гордана Силјановска Давкова. професорката. И не само што поради таквото однесување Стево Пендаровски и нивната портпаролка требаше да пропаднат во земја, и веднаш да се оградат, туку со образ ѓон Стево аплаудираше на навредите, а Богданка се смееше, какво дно од луѓе, каков е овој човек, вели Мицкоски.
Тој нагласи дека Пендаровски освен што е арогантен, стана прототип на балкански женомрзец. фали уште Фрчковски да му се приклучи и да формираат клуб на женомрзци.
„Тоа покажува и состојба на длабока психолошка внатрешна раздразнетост на Пендаровски и голема доза на омраза и чувство на интелектуална инфериорност во однос на професорката Гордана Силјановска Давкова. Говорот на омраза има име и тоа е Стево Пендаровски. И не го гледам денес Пендаровски да се извини затоа што тој само со навреди и говор на омраза може да биде силен, впрочем како и сите слаби луѓе кои се предводници во мизогинијата“, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека професорката Гордана Силјановска Давкова е решението за претседател на Македонија, жена со принципи која непоколебливо верува во правдата, во вредностите и во Македонија, која има свој став, кој може да му се допаѓа некому или не, но таа до крај се бори за него, затоа што верува во него.
„Гордана Силјановска Давкова покажа лојалност кон своите принципи и е еден од најдобрите експерти и познавачи на уставното право и политичкиот систем, работи кои овие години најмногу ги газеше немилосрдно оваа власт. На Македонија и треба претседател а не измеќар на ДУИ. Времињата се тешки, но изборот никогаш не бил појасен. Заокружувањето за бројот 2 и поддршката за Гордана Силјановска Давкова на овие избори за претседател подразбира значи избор за Македонија која ќе биде повторно горда, за Македонија која ќе има цврсти ставови и кичма која нема да се витка“, изјави Мицкоски.
Тој ги повика граѓаните да бидат дел од промените, затоа што е доста од хаос корупција, безредија.
„Овој народ се спротивставувал секогаш во тешки моменти. Секогаш знаел да се избори за своето. Македонија ќе ја направиме повторно горда, Македонија повторно твоја, промените во ваши раце“, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Блокиран сообраќајот на патниот правец Ресен-Битола
Во 16:10 часот блокиран е сообраќајот на патниот правец А-3 Ресен-Битола кај месноста викана Ромската населба Битола, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со швајцарскиот претседател Пармелан во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан.
„На средбата беше реафирмирано високото ниво на партнерство меѓу двете држави, што се основа на пријателство, заемна доверба и почит. Претседателката изрази уверување за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во таа насока, претседателката упати покана за официјална посета на претседателот Пармелан“, соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Таа се заблагодарила за проектната помош во различни области, со што Швајцарија е меѓу најголемите билатерални донатори во нашата држава.
Посочила на важноста на поддршката што Швајцарија ја дава за стратешките определби на нашата држава, што според неа ја демонстрира швајцарската посветеност за стабилност, развој и европска иднина на нашиот регион.
Соговорниците го споделиле мислењето за важноста на бројната македонска заедница во Швајцарија како важна нишка во развојот на односите меѓу двете држави.
Претседателката повикала на натамошно интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена, вклучително и зголемување на швајцарските директни инвестиции.
Сиљановска-Давкова изразила сочувство за трагедијата во ноќниот клуб во Кран Монтана на новогодишната ноќ и загубата на човечки животи, како ужасен потсетник на трагедијата во Кочани, што остави трајни рани во македонското општество.
Двајцата претседатели размениле мислења и за актуелните случувања на глобален план.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Од утре следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на утрешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

