Култура
Андерс Рослунд во Скопје: Генијалниот автор на крими-жанрот доаѓа на Саемот на книгата
Читателската публика во Скопје ќе има неповторлива можност да се сретне со еден од најуспешните автори на крими трилери на денешнината, Андерс Рослунд, кој ќе биде специјален гостин на Саемот на книга на штандот на „Антолог“.
Рослунд е познат по своите напнати трилери и освојувањето на многу награди, но и по позиционираноста на водечки места на бестселер-листатата на „Њујорк тајмс“. Шведскиот автор ќе биде присутен на штандот на Антолог во сабота (20 април) со почеток од 12 часот во рамки на Саемот на книга, подготвен да се запознае со своите читатели.
„Ние како издавачка куќа сме исклучително возбудени што имаме можност да го пречекаме Андерс Рослунд на Саемот на книга во Скопје. Рослунд е еден од најистакнатите автори на криминалистичка проза во моментов, со богата кариера и со голем број на обожаватели низ светот. Неговите трилери се познати по својата напнатост и интрига, и сигурни сме дека ќе биде неповторливо искуство за сите присутни на настанот да имаат можност да го сретнат и разговараат одлблизу со него“, потенцираат од издавачката куќа „Антолог“.
Андерс Рослунд е автор на најчитаните „Чук чук”, „Слатко сонувај“ и „Верувај ми“, која ќе има специјална промоција во рамки на Саемот на книга, три дела кои веќе се преведени на македонски, и на други наслови зад кои се потпишува во дуо.
Во текот на настанот, посетителите ќе имате можност да го сретнат Андерс Рослунд, да се фотографираат со него и да добијат автограм на неговите книги, вклучувајќи ја и „Верувај ми“, која излегува специјално за неговата посета. Читателите ќе имаат можност да уживаат во разговор со авторот и да го слушнат неговиот поглед на литературата што ја создава.
Рослунд се надева дека книженоста може да ни овозможи да ги надминеме нашите ѕидови, барем во доменот на имагинацијата. „За време на овие чудни и осамени времиња сите ние треба да отпатуваме на кратко, барем во некој измислен свет“, вели тој додека се борел со осаменоста и сите предизвици кои му застанувале на патот.
Доаѓањето на Андерс Рослунд во Скопје е еден од најважните активности во склоп на годинашниот Саем на книга кој се одржува под слоганот Приказна се чита, а публиката ќе има прилика да го доживее овој момент и да го запамети како незаборавен.
Андерс Рослунд (1961) е шведски новинар и писател. Автор е на трилери и на криминалистички романи. Досега има објавено десет книги како дел од успешните писателски дуети Рослунд и Хелстром и Рослунд и Тунберг. Пишува и под псевдонимот Антон Свенсон. Добитник е на многубројни престижни меѓународни награди. Бил основач на „Вести од културата“ на Шведската национална телевизија а работел и како новинар во црна хроника. Неговите дела се преведени на 31 јазик и продадени во 3 милиони примероци. Живее со семејството во Стокхолм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Оперскиот бисер „Кавалерија рустикана“ на сцената на МОБ на 28 јануари
Трагичната приказна за љубовта, страста, честа и одмаздата, раскажана преку операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи, повторно ќе оживее на сцената на Националната опера и балет на 28 јануари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова оперско дело претставува едно од најзначајните остварувања на италијанскиот композитор Маскањи и останува еден од најизведуваните наслови на светските, како и на домашната оперска сцена.

Изведбата ќе биде под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на Џандоменико Вакари (Италија). Сценографијата е на Зоран Николовски, костимографијата на Елена Дончева, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Благица Поп Томова во улогата на Сантуца, Зоран Сотиров како Туриду, Ристе Велков во улогата на Алфио, Александра Лазаровска Василевски како Лола и Марика Поповиќ во улогата на мајка Лучија, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Кавалерија рустикана“ е оперски бисер во кој човечките страсти и неминовната судбина се прикажани со директна драматичност и силна музичка моќ, оставајќи длабок впечаток кај публиката уште од својата премиера до денес.
Култура
Најдоброто од „Киненова“ од денеска во Кинотека
Вечерва (21 јануари) во Кинотеката на Македонија почнува специјалната програма Најдоброто од „Киненова“.
Ова е концентриран избор на најдобрите од најдобрите филмови кои беа прикажани на минатото издание, но и на изданијата претходно. Имаме два победника, филмови добитници на ГРАН ПРИ на МФФ КИНЕНОВА, првиот филм на победникот на последното издание на БЕРЛИНАЛЕТО, Даг Јохан Хагеруд, еден од најактуелните и најпровокативни Палестински филмови и многу други сеуште актуелни филмови за кои публиката бараше репризни прикажувања.
Од 18:00 часот, вечерва во чест на големиот професионалец и креативец, македонскиот кинематографер Владимир Самоиловски, инаку лауреат на 10то издание на КИНЕНОВА 25, ќе го прикажеме македонскиот филм ИСЧЕЗНАТИОТ на Арбен Тачи.
А од 20:00 часот, ќе игра српскиот филм ПОМЕЃУ БОГОВИТЕ, на Младен Ршумовиќ, овенчан со две награди на КИНЕНОВА 25, за НАЈДОБРО СЦЕНАРИО и НАЈДОБРА РЕЖИЈА, филм каков не сте погледнале. Автентична приказна заснована на траумите од големите бегалски бранови, кои поминуваат низ балканската рута, а каде во случајов попатна станица е Белград. Што се може да се случи на една жена која попатно го загубува својот брат?
Веројатно само рефлексија на нејзината драма и траума. Ќе можат ли таа и нејзиното најтесно семејство да продолжат по патот на потрагата по основна егзистенција или административниот лавиринт во Белград ќе ги зграпчи и ќе им ја долови заробеноста на еден западен општествен систем каков што е српскиот, каде човечките души се извршители на суровиот систем? Филм-ремек дело, направен во манир на најдобрите филмови од иранската школа. Ќе видите филм каде авганистански, ирански и балкански актери играат во манир на Иранската актерска школа. Меѓу главните улоги е и Никола Ристановски, кој совршено се изразува на Фарси.
Уникатен филм по многу нешта.
Целата програма е на линкот
Култура
Со омаж ќе биде одбележана 20 годишнината од смртта на писателот Зоран Ковачевски
НУ Библиотека „Григор Прличев“ заедно со општина Охрид утре – среда со омаж посветен на роднокрајниот автор Зоран Ковачевски ќе ја одбележат дваесет годишнината од неговата смрт.
Зоран Ковечевски е македонски раскажувач и романсиер, припадник на генерацијата писатели кои творат во духот на критичкиот реализам.
Роден е во Светозарево – Србија, на 15 април 1943 а починал на 21 јануари 2006 во Охрид. Ковачевски ги завршил студиите по право на Белградскиот универзитет. Поголемиот дел од животот го поминал во Охрид како вработен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ и како судија во Основниот суд. Бил член на ДПМ од 1957 година. Автор е на книгите: Охридски приказни (раскази, 1974), Семејна фреска (роман, 1976). Летачи на метли (роман, 1980), Аристотел од Ресен (раскази, 1984), Добрина (раскази, 1990), Одмазда (роман, 1992), Историја на светото дело (роман, 1993), Пејач (раскази, 2000), „Кога ни петлите не пеат“,( раскази 2002). Добитник е на наградата „Мисла“ (за роман).
За творештвото на Ковачевски во рамките на настанот ќе зборува поетот Славе Ѓорѓо Димоски а ќе бидат прочитани и извадоци од рецензии за дел од творештвото на Ковачевски напишани од познатите македонски критичари Димитар Пандев, Милан Ѓурчинов и Тодор Чаловски.
Омажот за Ковачевски ќе се одржи утре во 10 часот во НУ Библиотека во Охрид.

