Свет
Најмалку деветмина повредени во силниот земјотрес во Јапонија

Најмалку девет лица се повредени во земјотресот со јачина од 6,6 степени според Рихтеровата скала што доцна во средата погоди широка област на западна Јапонија, а нема предупредување за цунами, јавија утринава јапонските медиуми.
Земјотресот во 23 часот и 14 минути по локално време беше почувствуван најсилно во префектурите Ехиме и Кочи во регионот Шикоку.
Официјални лица велат дека земјотресот бил со јапонска сеизмичка скала од нула до седум степени, што го прави најсилниот земјотрес во областа од воведувањето на сегашниот систем за мерење во 1996 година, според Јапонската метеоролошка агенција, пренесува Кјодо.
Според локалните власти и противпожарните служби, шест лица во префектурата Ехиме и едно лице во префектурата Кочи се здобиле со полесни повреди, додека двајца се повредени во префектурата Оита во регионот Кјушу во југозападна Јапонија.
Железницата соопшти дека утрово се откажани брзите возови на некои линии.
Во Сукум привремено се евакуирани 23 лица, додека водоснабдувањето во градот е прекинато поради пукање на цевки на многу локации.
Нуклеарните централи во областа се стабилни и не се забележани поголеми проблеми.
Властите повикаа на претпазливост, велејќи дека регионот најверојатно ќе биде погоден од нови потреси во наредната недела, јавува јапонската јавна телевизија NHK.
Силен земјотрес со јачина од 6,3 степени по Рихтер вчера во 16:14 часот ја погоди јужна Јапонија, а епицентарот на земјотресот бил каналот Бунго, теснецот што ги дели јапонските острови Кјушу и Шикоку.
Земјотресот е регистриран на длабочина од 26 километри, на 17 километри од Уваџима.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Германскиoт министер за одбрана: Упадот на руски беспилотни летала во Полска не е грешка

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека руските беспилотни летала што влегле во полскиот воздушен простор биле „јасно насочени на тој начин“.
Писториус ја отфрла можноста за случајна грешка.
Одговарајќи на прашања од пратениците во Бундестагот во Берлин, Писториус рече: „Нема причина да се сомневаме дека станува збор за корекција на курсот, грешка или нешто слично“.
Тој нагласи дека ова покажува како тие се „постојано изложени на закани од провокации“ од руските сили – во Балтикот од морето, а за Централна Европа преку „хибридни напади“ или летови како овие дронови.
Свет
Поплави на Бали, најмалку девет лица загинаа

Поплавите на индонезискиот остров Бали оваа недела убија најмалку девет лица, ги блокираа главните патишта во главниот град и го нарушија животот во прометната туристичка дестинација, соопштија денес официјални лица.
Силните дождови помеѓу вторник вечерта и среда предизвикаа големи поплави и убија пет лица во главниот град на Бали, Денпасар, изјави Абдул Мухари, портпарол на државната агенција за природни катастрофи.
Уште четири лица загинаа во регионите Џембрана, Џијањар и Бадунг, додаде Мухари. Две лица сè уште се водат како исчезнати.
Од 600 жители погодени од поплавите, речиси 200 се евакуирани од своите домови во училишта и џамии бидејќи нивните куќи се сè уште поплавени, соопшти агенцијата.
И. Њоман Сидакарја, раководител на агенцијата за пребарување и спасување на островот, изјави дека поплавите уништиле две згради во Денпасар и додаде дека пристапот до меѓународниот аеродром, кој се наоѓа недалеку од Денпасар, е ограничен бидејќи по патиштата можат да се движат само камиони.
Индонезискиот претседател Прабово Субианто изрази сочувство и му нареди на раководителот на националната агенција за катастрофи да отпатува на Бали за да ги води итни интервенции таму и да ги гарантира основните потреби на населението.
Свет
Руското Министерство за надворешни работи: Полска шири митови

Руското Министерство за надворешни работи ги отфрли обвинувањата дека беспилотните летала намерно влегле во полскиот воздушен простор, нарекувајќи ги митови.
Ја обвини Варшава за „понатамошно ескалирање на украинската криза“ со вакви тврдења, но потврди дека е подготвена да учествува во евентуални разговори со Полска.
Претходно, руското Министерство за одбрана соопшти дека „ниту една педа на територијата на Полска не е планирана како цел“ и дека максималниот дострел на руските беспилотни летала што се користат во нападот врз Украина не надминува 700 километри.