Македонија
(Видео) Спасовски: Во следниве четири години минимална плата од 600 евра, просечна од рекордни 1.100 евра
Денеска, на официјалниот старт на кампањата за годинешните парламентарни избори, носителот на листата со кандидати на Коалицијата За европска иднина за втората Изборна единица, Оливер Спасовски, на прес конференција ги сподели главните економски мерки кои се дел од изборната програма на оваа коалиција, а се осврна и на важноста на овој изборен циклус.
„Со целиот мој политички бекграунд одговорно тврдам дека ова се посебно важни избори. Пред нас е важна задача, а пред народот сериозна одлука: да го определиме правецот на движење на нашата татковина, заеднички да решиме каде ќе се насочиме во наредните четири години, во каква држава сакаме да живееме и каква Македонија ќе им оставиме на идните поколенија. А кога зборуваме за перспективата на оваа држава, Коалицијата за европска иднина нуди надеж наспроти безнадежност, просперитет наспроти зачмаеност во минатото, обединување наместо тензии и комплетна изолација“, рече Оливер Спасовски, потсетувајќи дека темелите за таква иднина се веќе поставени со рушење на режимот и враќање на слободата на тогаш заробената држава и на спокојот кај граѓаните, помирување со соседите, обновување на старите заборавени пријателства, зацврстување на традиционалните стратешки партнерства, влез во најмоќниот воено-политички НАТО сојуз…
„По повеќе од една деценија го исправивме патот кон европското семејство, а притоа ги зачувавме македонските национални и државни интереси. Добивме признати јазик и идентитет, призната црква, но и многу сојузници и пријатели. Сето ова е доволен темел за нашето мото: Нема откажување од иднината! Од оваа точка враќање назад нема. Бидејќи сега, откако темелот се постави, време е за подобро и повеќе! Тоа значи имплементирање на европски стандарди во сите сегменти на живеење. Повеќе пари, подобар животен стандард, повеќе инвестиции, подобра инфраструктура, повеќе за сите! Но, тоа значи и учење на европските принципи и вредности по кои ќе ја доуредиме нашата држава за да биде солидна просперитетна европска држава во која со задоволство ќе живееме и работиме. И ние, и идните поколенија“, истакна Спасовски.
Со проекцијата за просечна стапка на раст од 5,1% во наредните четири години, тој потсети на оствареното ветување за континуираниот раст на платите.
„Да не заборавиме дека минималната плата за време на режимот беше замрзната и изнесуваше едвај 8.800 денари, а во текстилната, кожарската и чевларската индустрија само 6.000 денари, што беше под секое ниво на човечко достоинство. Сега таа е неспоредливо повисока, дури и повисока од просечната плата во тоа време – 22.500. Сегашната просечна плата, пак, изнесува 39.500 денари. Патем, сето ова го направивме истовремено трпејќи ги ударите од енергетската и кризата предизвикана од коронавирусот. Бидејќи за нас човечкиот капитал е најважен!“, посочи Спасовски, за следните четири години најавувајќи зголемување на просечната плата за дополнителни 500 евра, со што ќе достигне рекордни 1.100 евра, додека минималната ќе изнесува 600 евра или 37.000 денари.

Главната цел на економскиот дел од програмата на СДСМ, според Спасовски, е доближување на животниот стандард до европскиот, со ветување дека преговорите со ЕУ ќе ги завршат до 2028 година, а до 2030 година ќе се добие и полноправно членство, со што просечната плата веднаш би изнесувала 1.300 евра, а минималната 800 евра.
Покрај ова, за следниот мандат Спасовски најави и сериозна дебата за воведување данок на луксуз и богатство: „Тоа беше рак рана за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ‘големите патриоти’ не сакаа да издвојуваат за државата соодветно со висината на накалапеното богатство. А за нас, единствено правично е тие што имаат многу, да плаќаат повеќе“.
Тој потсети на успешното намалување за половина на стапката на невработеност во претходниот мандат, со ветување дека до 2028 година од сегашните 12% невработеноста ќе се намали на 7%, со што за првпат во историјата на независна Македонија ќе може како држава да се пофалиме со едноцифрена бројка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костадиновски во Египет: потпишан протокол за соработка меѓу судовите
Претседателот на Уставиот суд, д-р Дарко Костадиновски, и претседателот на Врховниот уставен суд на Арапската Република Египет, Булос Фатимп Искандар, потпишаа Протокол за соработка помеѓу двата суда.
„Обајцата изразија задоволство и уверување дека со овој документ се воспоставуваат нови перспективи за натамошно унапредување на соработката, размена на искуства и техники за унапредување и поефикасно работење. Разговорите се одвиваа во насока на билатерална размена на знаења и практики, се дискутираше и од аспект на проширување на соработката на меѓународен план, со цел информирање и градење на ставови во рамки на Светската конференција на уставни судови“, соопшти Уставниот суд.
Посетата на Египет е по повод учесто на претседателот Костадиновски на состанокот на највисоко ниво на африканските уставни судови, на кој присуствуваат и претседателот на Уставниот суд на Шпанија,Кандидо Конде-Пумпидо, кој ја претставува Светската конференција на уставни судови, Елена-Симина, Танасеску како претседавач на Асоцијацијата на уставни судови на Франкофонијата.
Костадиновски покрај тоа што го претставува Уставниот суд на Република Северна Македонија, е во својство и на претседавач и претставник на Балканскиот форум на уставни судови.
Претседателот Костадиновски денеска ќе одржи говор за „уставното судство во Република Северна Македонија, патот од строг формализам до жив конституционализам”.
На маргините на настанот, претседателот Костадиновски се сретна со претседателот на турскиот Уставен суд, Кадир Озкаја, претседателката на Уставниот суд на Алжир Лејла Аслои.
Костадиновски се сретна и со Јунг Јунгми, судијка на Уставниот суд на Кореја, на која беше истакнато задоволство од развивање на соработката и најавено присуство на претставници од Судот во Кореја на 4. Конгрес на Балканскиот форум на уставни судови кој ќе се одржи од 12-14 ноември во Охрид.
Македонија
Алиу во Тирана на основање на Пан-албански колеџ на хирурзи: се нанадевам дека ќе прерасне во механизам за прекугранична соработка
Министерот за здравство, Азир Алиу, вчера учествуваше на основањето на Пан-албанскиот колеџ на хирурзи (ПAKX), што се одржа во Тирана, соседна Албанија.
Во обраќањето пред присутните хирурзи од Албанија, Северна Македонија, Косово, Австрија, Германија, Швајцарија, САД и други, држави министерот Алиу нагласи дека со оваа професионална организација се поставуваат нови мостови на поврзување меѓу институциите и различните генерации на хирурзи, притоа поврзувајќи ја оваа хумана професија со нејзината благородна цел за безбедност и достоинство на пациентот.
„Хирургијата е област која бара високи стандарди затоа што може да биде прашање на живот или смрт за човекот. Затоа, основањето на ПAKX е важно не само за хируршката заедница, туку и за министерствата за здравство и јавните здравствени системи во целиот регион. Секоја иницијатива што ги подигнува стандардите, го зајакнува континуираното образование, овозможува размена на добри практики и гради професионални мрежи, значи намалување на ризиците, подигнување на квалитетот и зголемување на довербата во здравството“, рече министерот Алиу.
Тој оцени дека основањето на колеџот е резултат на сериозна и долгорочна работа и продолжение на успешните регионални искуства, што води кон создавање на реална можност за менторство, размена на искуство, заеднички програми за обука и создавање култура на заеднички квалитет во хирургијата.
„Кога професионалците преку вакви организации се обединуваат околу стандардите, тогаш може да се очекува здравствените политики да бидат пореални и применливи. Верувам дека овој колеџ ќе прерасне во платформа за заеднички обуки, размена на специјализанти, структурирано менторство, симулациски тренинг и академска соработка меѓу универзитетите и клиниките. Притоа, очекувам оваа соработка да прерасне и во силен постојан механизам за прекугранична соработка, консултации и координација“, рече министерот Алиу и додаде дека здравството е простор каде политиката мора да биде најодговорна, затоа што секоја одлука допира до човечки живот.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.

