Македонија
(Видео) Битиќи: Над 180 милиони евра поддршка за домашните компании во наредните четири години
„Во последните шест години имаме исплатено над 100 милиони евра финансиска поддршка кон домашните компании, кои направија инвестиции од над 500 милиони евра. Но ова не е доволно, не се откажуваме и во следните четири години оваа поддршка скоро ќе ја дуплираме и ќе jа зголемиме на 180 милиони евра, што пак ќе значи инвестиции од над 1 милијарда евра во нашата економија“, изјави Фатмир Битиќи, коносител на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, на Коалицијата за европска иднина.
На прес- конференцијата по повод отпочнувањето на кампањата за парламентарните избори, Битиќи појасни дека во изминатите седум години СДСМ има многу направено многу за бизнисот, односно дека за првпат во 2017 година ги изедначи условите за финансиска поддршка на инвестиции на домашните и странските компании.
„Го сменивме и пристапот, од договори во четири очи, таа стана транспарентна и достапна за сите подеднакво“, реќе Битиќи, притоа посочувајќи дека со оваа финансиска поддршка претставува и влог во домашните компании за да бидат конкурентни за влез и интеграција во заедничкиот европски пазар од над 500 милиони потрошувачи.

„Затоа, гласот за „Коалицијата за европска иднина“ е глас за европски стандард, за поголема поддршка за развој на домашната економија и глас за поголеми плати нашите граѓани. Продолжувањето по патот кон Европската Унија ќе значи и пристап до 860 милиони евра, кои Брисел ни ги става на располагање преку Планот за раст на Западен Балкан. Пари кои ќе бидат искористени за економски раст и развој, за нови можности за бизнисот“, рече Битиќи.
Тој порача дека нема откажување од иднината и дека „Коалицијата за европска иднина“ нуди стабилна, безбедна, економски развиена и инклузивна иднина, иднина за сите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

