Македонија
Богојески: Хејтери во политиката ми го злоупотребуваат прекарот Бунтур наследен од прадедо ми од Илинденското востание
Колку време трае кампањата за претседателските, а сега и за парламентарните избори, толку време сум цел на напади и говор на омраза од политичките противници, реагира Петар Богојески, лидер на партијата Македонски концепт, која на претстојните избори е дел од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Богојески вели дека многумина од политичарите во кампањата му го злоупотребуваат прекарот Бунтур наследен од прадедото.
„Родум сум од Крушево, но малкумина знаат дека сум директен внук по машка линија на Димитар (Миту) Бунтурот, ополченик и борец за ослободување на Македонија во балканските и во Првата светска војна за што е носител на златен Медал за храброст. Внук сум на Петар Богојески-Бунтурот, чие име го носам, учесник во НОБ на Караорман и носител на златен Медал на трудот на Југославија. По мајчина линија, пак, внук сум на првоборецот Кицо Петрески, загинат на Сремскиот фронт, и на Борис Петрески, ранет на истото место. Од таму доаѓа и мојот прекар Бунтур, кој често во јавноста се злоупотребува од хејтери во политиката“, вели Богојески.
Богојески уверува дека нападите нема да го вратат од намерата за рестарт на Македонија по изборите, но нагласува дека не може да ја разбере фрустрацијата на оние што секојдневно го навредуваат на лична основа.
„Кратко истражување на јавниот простор веднаш ги отркива фактите и честите деманти на речиси сите обвинувања. Последните клевети за примање мито за да се вклучиме во коалицијата ‘Твоја Македонија’, создавањето лажни профили со моето име и споделувањето лажни изјави и слично се веќе основа за вклучување на ОЈО во целиот процес. Буквално, освен клевета и навреда, украден ми е личниот идентитет и во мое име се објавуваат лажни изјави, што е кривично дело. Зошто токму јас сум предмет на тие хибридни напади? Кој се плаши од мојата вистинска факторизација на политичката сцена во земјата“, посочи Богојески.
Последната клевета од вицепремиерот и главен активист на ДУИ, Артан Груби, кој ја обвини Македонски концепт за руска партија, Богојески ја оцени како трагикомична. „Тоа веќе е трагикомично, со оглед на јавните прозападни ставови на мојата партија, и тоа години и години. Но, зошто токму ДУИ толку многу се плаши од Македонски концепт? Дали мојата чистота како човек, моето потекло и бескомпромисното поведение на борец за каузата се причина за тој страв кај ДУИ?“, прашува Богојески. Како сопруг и татко на две деца, вели дека не му е сеедно што политичката пресметка со навреди завршува и пред очите на семејството, па јавно прашува дали е тоа нивото на македонската политика или се може и подобро.
ПР-текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.

