Македонија
Тошковски: СВР Охрид треба да биде во поголем објект, на соодветна локација, што ќе овозможи поефикасно работење
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работни посети на Секторот за внатрешни работи Охрид, Езерската и Сообраќајната полиција како и Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Свети Наум каде одржа работни состаноци со раководствата на овие организациски единици.
СВР Охрид покрива 7 општини и во првото тромесечие од 2024 година се забележува стабилна безбедносна состојба со намалување од 13.5% на бројот на кривични дела во однос на првото тромесечиче во 2023 година на подрачјето кое го покрива.

„Во делот на спроведувањето на изборите кои ни претстојат, СВР Охрид има изготвено план и е спремен за справување со безбедносните предизвици кои ги носат изборите. Од аспект на човечки ресурси, пополнетоста е на незадоволителни 52%. Имајќи го предвид фактот дека Охрид е популарна туристичка дестинација во летниот период, има потреба од дополнителн број на полициски службеници и проширување на капацитетите, особено на полициската канцеларија во Пештани. Исто така, треба да се размислува за дислоцирање на СВР Охрид во поголем објект кој ќе биде на соодветна локација која ќе овозможи поефикасно работење“, потенцираше министерот Тошковски.
Што се однесува до Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро министерот Тошковски беше информиран дека ја покриваат сината граница во должина од 23.4 километри и постапуваат во делот на илегална миграција, прекуграничен криминал по воден пат на охридското езеро, контрола на внатрешната пловидба како и санкционирање на незаконит риболов. Во тој контекст се соочуваат со недостиг на обучени полициски службеници со соодветни дозволи за управување на пловни објекти, како и немање на договор со економски оператор за сервисирање на пловните објекти.

„Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Свети Наум покрај тековните активности во летниот период врши проверки и на езерскиот сообраќај преку отворање на привремен граничен премин за туристички посети. Се соочуваат со недостаток на човечки ресурси, а ја истакнаа и потребата од подобра едукација и обука на кадрите кои се распоредуваат во организациските единици кои се дел од граничната полиција“, подвлече Тошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костадиновски во Египет: потпишан протокол за соработка меѓу судовите
Претседателот на Уставиот суд, д-р Дарко Костадиновски, и претседателот на Врховниот уставен суд на Арапската Република Египет, Булос Фатимп Искандар, потпишаа Протокол за соработка помеѓу двата суда.
„Обајцата изразија задоволство и уверување дека со овој документ се воспоставуваат нови перспективи за натамошно унапредување на соработката, размена на искуства и техники за унапредување и поефикасно работење. Разговорите се одвиваа во насока на билатерална размена на знаења и практики, се дискутираше и од аспект на проширување на соработката на меѓународен план, со цел информирање и градење на ставови во рамки на Светската конференција на уставни судови“, соопшти Уставниот суд.
Посетата на Египет е по повод учесто на претседателот Костадиновски на состанокот на највисоко ниво на африканските уставни судови, на кој присуствуваат и претседателот на Уставниот суд на Шпанија,Кандидо Конде-Пумпидо, кој ја претставува Светската конференција на уставни судови, Елена-Симина, Танасеску како претседавач на Асоцијацијата на уставни судови на Франкофонијата.
Костадиновски покрај тоа што го претставува Уставниот суд на Република Северна Македонија, е во својство и на претседавач и претставник на Балканскиот форум на уставни судови.
Претседателот Костадиновски денеска ќе одржи говор за „уставното судство во Република Северна Македонија, патот од строг формализам до жив конституционализам”.
На маргините на настанот, претседателот Костадиновски се сретна со претседателот на турскиот Уставен суд, Кадир Озкаја, претседателката на Уставниот суд на Алжир Лејла Аслои.
Костадиновски се сретна и со Јунг Јунгми, судијка на Уставниот суд на Кореја, на која беше истакнато задоволство од развивање на соработката и најавено присуство на претставници од Судот во Кореја на 4. Конгрес на Балканскиот форум на уставни судови кој ќе се одржи од 12-14 ноември во Охрид.
Македонија
Алиу во Тирана на основање на Пан-албански колеџ на хирурзи: се нанадевам дека ќе прерасне во механизам за прекугранична соработка
Министерот за здравство, Азир Алиу, вчера учествуваше на основањето на Пан-албанскиот колеџ на хирурзи (ПAKX), што се одржа во Тирана, соседна Албанија.
Во обраќањето пред присутните хирурзи од Албанија, Северна Македонија, Косово, Австрија, Германија, Швајцарија, САД и други, држави министерот Алиу нагласи дека со оваа професионална организација се поставуваат нови мостови на поврзување меѓу институциите и различните генерации на хирурзи, притоа поврзувајќи ја оваа хумана професија со нејзината благородна цел за безбедност и достоинство на пациентот.
„Хирургијата е област која бара високи стандарди затоа што може да биде прашање на живот или смрт за човекот. Затоа, основањето на ПAKX е важно не само за хируршката заедница, туку и за министерствата за здравство и јавните здравствени системи во целиот регион. Секоја иницијатива што ги подигнува стандардите, го зајакнува континуираното образование, овозможува размена на добри практики и гради професионални мрежи, значи намалување на ризиците, подигнување на квалитетот и зголемување на довербата во здравството“, рече министерот Алиу.
Тој оцени дека основањето на колеџот е резултат на сериозна и долгорочна работа и продолжение на успешните регионални искуства, што води кон создавање на реална можност за менторство, размена на искуство, заеднички програми за обука и создавање култура на заеднички квалитет во хирургијата.
„Кога професионалците преку вакви организации се обединуваат околу стандардите, тогаш може да се очекува здравствените политики да бидат пореални и применливи. Верувам дека овој колеџ ќе прерасне во платформа за заеднички обуки, размена на специјализанти, структурирано менторство, симулациски тренинг и академска соработка меѓу универзитетите и клиниките. Притоа, очекувам оваа соработка да прерасне и во силен постојан механизам за прекугранична соработка, консултации и координација“, рече министерот Алиу и додаде дека здравството е простор каде политиката мора да биде најодговорна, затоа што секоја одлука допира до човечки живот.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.

