Македонија
Ковачевски до Мицкоски: На Македонија и е потребно национално единство за интеграција во ЕУ, а не за мораториум
Вчера, Мицкоски зборуваше за некакво македонско единство и за мораториуми. За жал, се повеќе и повеќе луѓе сфаќаат дека единствен мораториум во главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во ЕУ. Исто како што го блокираше изминативе две години, тој е спремен да го одложува членството во ЕУ уште 11 години, исто како што правеше неговиот ментор Груевски. Наместо национално единство за мораториум, на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ. Тоа е вистинскиот пат за промени и токму тоа е одлуката што вие треба да ја донесете на овие избори, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски од предизборниот митинг во Струга.
Едната опција се Мицкоски, Силјановска и ДПМНЕ со мораториум за ЕУ, а другата опција се СДСМ и Стево Пендаровски кои нема да се откажат од нашата европска иднина, додаде Ковачевски.

Претседателот на СДСМ нагласи дека ВМРО ДПМНЕ на чело со Мицкоски е истото ВМРО ДПМНЕ кое на чело со Груевски 11 години ја зароби државата внатре, а ја изолираше надвор.
-Тие нема да успеат да ја придвижат државата кон ЕУ, а потоа ќе ја обвинуваат Европската Унија за сѐ. Спремни се Македонија уште 100 години да не влезе во ЕУ, дециден беше Ковачевски.
„Нашиот главен фокус останува членството во Европската Унија. ЕУ е единствената шанса Македонија да се промени и да напредува. Едноставно, друг начин нема, друга опција не постои. Со членството во ЕУ ќе се случи вистинска и суштинска промена кон подобро во нашата земја“, истакна претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на предизборниот митинг во Струга.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова по повод Светскиот ден на ромскиот јазик прими припадници на ромската заедница
По повод 5 Ноември, Светскиот ден на ромскиот јазик, претседателката Сиљановска-Давкова, денеска прими претставници на Ромите: средношколци од Скопје, медиумски и просветни работници, како и поети.
Соговорниците постигнаа консензус за потребата од кодификација на ромскиот јазик, отворање катедра за ромски јазик и овозможување на учениците Роми, да го изучуваат ромскиот јазик не само во училиштата во Скопје, туку и ширум републиката.
На настанот беше прочитан дел од предговорот од првата ромска граматика од Шаип Јусуф. Исто така, беа прочитани стихови од делото „Бели патишта“ на авторот Селим Азис. Авторот Сафет Камбер прочита стихови од делото ,,Слово на душата”, меѓу кои: „Kana ka dikhe chorole sijam, numaj ki atma phiravaja barvalipe. Kamipe bizo sharti isi amen thaj sakoneske daja ole“. („Сиромашни сме по изглед, но во душата носиме богатство. Љубов безусловна имаме и секому ја даруваме”).
Претседателката изрази особено задоволство што првата граматика на ромски јазик, којашто е од непроценлива вредност за милиони Роми ширум светот, е создадена на македонско тло од професорот Шаип Јусуф.
Таа упати порака учениците да си го сакаат, почитуваат и учат ромскиот јазик, како незаменлива ромска татковина.
Македонија
Алиу: Континуирано ги унапредуваме здравствените услуги во Клиничката болница во Битола
Министерот за здравство Азир Алиу денеска беше во посета на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола.
Со цел обезбедување квалитетна и достапна здравствена грижа, во болницата се вработени четворица нови специјалисти кои од приватниот сектор преминаа во јавното здравство – интервентен кардиолог, инфектолог, интернист и дерматовенеролог. Со тоа е комплетиран тимот за кардиологија, а во план е развој на клиничка електрофизиологија со имплантација на пејсмејкери, соопштија надлежните.
– Битола е првата болница во државата која почна со децентрализација на онколошката терапија – секоја недела лекар од Клиниката за радиотерапија и онкологија работи со пациентите во Битола, со што се намалува потребата тие да патуваат во Скопје за консултации и контроли. Во рамки на поддршката од Владата и Министерството за здравство, болницата е зајакната со нова медицинска опрема, меѓу која нов дигитален рендген апарат, биохемиски и имунолошки анализатори, современ апарат за ФАКО метода и нов ехо апарат за офталмологија, како и нов дигестор за одделот за патологија“, посочи Алиу.
Во изминатиот период, како што беше истакнато, примени се 11 приватни специјализанти, а целосно е реализиран и огласот за вработување на 53 лица медицински персонал, со што се подобрува функционалноста на сите оддели и одговорот на потребите на пациентите.
-Нашата цел е секој регион да добие болница со современи услови, мотивиран кадар и највисок стандард на здравствена грижа. Клиничката болница во Битола е пример како со посветеност, вложувања и стратегија, можеме да создадеме модерен регионален центар кој е поблиску до граѓаните и ги нуди сите потребни услуги на место, изјави Алиу.
Со овие инвестиции, велат од министерството, Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола станува модерен регионален центар, со силен кадар, современа опрема и системска грижа која ја приближува здравствената услуга до секој пациент.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, во вечерните часови ќе има повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Во вечерните часови и во текот на ноќта во северните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно, во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на серија влажни воздушни бранови од утре во вечерните часови до понеделник следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни и во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m²).

