Македонија
Ковачки: Предвидуваме поврзување на Крива Паланка со Македонска Каменица со асфалт, пат Тораница – Саса во должина од 19 километри
„Македонија е во претешка состојба. Економијата е крахирана, системот е девастиран, а криминалот и корупцијата длабоко навлезени во секоја пора од општеството. Со ДУИ и измеќарите од СДС, животот никогаш не бил потежок. Нема ден да помине без некој нов коруптивен скандал или афера. Ненормалното го претставуваат како нормално, наспроти вистинските вредности и принципи врз кои треба да ја темелиме иднината на Македонија и народот“, истакна носителот на ИЕ3, Драган Ковачки од митингот во Крива Паланка.
Ковачки додаде дека скандалите и аферите се секојдневие. Нема тендер, а да не е сомнителен, нема работа во која власта на ДУИ и СДС нема некој процент или екстра заработувачка. Се им се врти околу екстра заработувачка. Додека граѓаните потонаа во сиромаштија и беда, тие го окрупнуваа своето богатството.
„На Димитар Ковачевски му беше прифатливо се што ќе Али Ахмети, затоа што тоа му беше единствен спас за да опстои на власт, државата им ја даде на тацна на ДУИ. А, на сметка на тоа на граѓаните им дадоа апатија и разочараност, државата ја потонаа во долгови, со највисока стапка на инфлација и рекордер по сиромаштија“, укажа тој.
„Овие избори се историски момент во кои мораме да одбереме помеѓу два концепта. Едниот концепт го нуди ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е „Платформа 1198“, проекти, реформи, иднина, надеж, а другиот концепт е на ДУИ и СДС, корупцијата, непотизмот, партизираното судство, милионските тендери и екстра профити“, нагласи Ковачки.
Тој посочи дека „Платформа 1198“ подразбира Македонија да биде повторно твоја, во рацете на граѓаните.
„Со „Платформа 1198“ се обврзуваме на економски раст од 5 проценти, намалување на невработеноста на 7,5 проценти и нови 55.000 вработувања, на ниски даноци и рамен данок, на 2 милијарди евра за патна инфраструктура, изградба на нови патишта и реконструкција на постоечките. Ветуваме конечна изградба на Клиничкиот центар во Скопје и Клиничката болница во Штип. Со „Платформа 1198“ се обврзуваме на 3 милијарди инвестиции, привлекување на директни странски инвестиции и поддршка за домашното стопанство“, порача тој.
„Со „Платформа 1198“ се обврзуваме на 50 милиони евра за спортот, 5.000 денари линеарно покачување на пензиите на сите пензионери во првата година од мандатот, почитување на колективниот договор во образованието и конечно добивање на она кое што го заслужуваат, повисоки плати за просветните работници, 250 милиони евра реалокација на средства од државниот буџет за општините за една година, или една милијарда евра за четири години од мандатот на владата на ВМРО-ДПМНЕ“, укажа Ковачки.
Ковачки рече дека со „Платформа 1198“ се обврзуваат на 800 милиони евра за земјоделците, гарантиран откуп и загарантирани цени на земјоделските производи.
„Исто така „Платформа 1198“ подразбира бескомпромисна борба против криминалот и против корупцијата. Само така од Македонија повторно ќе направиме правична држава, во која владее правото и во која секој кој се огрешил пред законот, соодветно ќе одговара. Нема повеќе, законот да важи само за граѓаните, а не и за владата на СДС и ДУИ. Туку за сите подеднакво. Секој еден кој погрешил, ќе мора да си добие соодветна казна“, додаде тој.
„Овде во Крива Паланка со „Платформа 1198“ предвидуваме поврзување на Крива Паланка со Македонска Каменица со асфалт, пат Тораница – Саса во должина од 19 километри, предвидуваме доизградба на главен фекален колектор по фази и докоплеменетирање на техничката документација за пречистителна станица, изградба на нов водоводен систем од Љуњки до село Конопница. Предвидуваме исто така изградба на делница од Страцин до Длабочница како дел од експресниот пат А2, од Ранковце до Крива Паланка од патниот коридор 8 кон Република Бугарија“, истакна Ковачки.
Ковачки од Крива Паланка порача дека ова е последна шанса за да се делегитимираат корумпираните елити на СДС и ДУИ. Да се делегитимира нелегитимниот Димитар Ковачевски кој на тацна им ја даде Македонија на ДУИ и стопанот Али Ахмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

