Македонија
Силјановска-Давкова со 8 прашања, како граѓаните да се решат дали и за кого ќе гласаат на изборите

Во својот говор на синоќешниот митинг во Крива Паланка професорката Горданa Силјановска -Давкова порача дека оваа власт не креира рационални политики, оти да креираше рационални политики, почнувајќи од образованието, здравството, социјалната заштита, меѓународната политика, граѓаните немаше да се чувствуваат понижени.
– Се наоѓате пред многу важен момент, да донесете клучна одлука. Како да го направите изборот? Прашајте се, прво, дали подобро живеете? Дали ви е подобра економијата? Дали ви е подобро здравството? Дали ви е подобра социјалната заштита? Дали се чувствувате посигурни? Дали вие сте горди на оваа власт? Дали мислите дека власта е горда на вас? Дали мислите дека се горди на Македонија ако се плашат да го изговорат тоа име? Дали мислите дека се горди на сите кои гинеле за Македонија ако постапуваат, не според државните и националните интереси, туку според личните и олигархиските интереси?, рече Силјановска-Давкова и додаде „дека часовникот го отчукува заминувањето на оваа делигитимирана власт и дека набрзо ќе го отчука времето на промените врзани со новата власт, како на претседателско ниво, така и на парламентарно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: И во спортот дискриминација и етничко исклучување со алармантни размери

„Демократската унија за интеграција изразува длабока индигнација и силно противење на новиот состав на Олимпискиот комитет на Северна Македонија, каде што Албанците се речиси целосно исклучени од раководните и одлучувачките структури“, велат од ДУИ.
„Од вкупно 117 членови, само 4 се Албанци, шокантен показател за дискриминаторски пристап што е неприфатлив за една мултиетничка и европска држава.
Уште поалармантна е целосната отсутност на Албанците во клучните органи:
• Управен одбор: 0 Албанци од 11 членови.
• Олимписки совет: 0 Албанци од 11 членови.
• Спортски арбитражен суд (САС): 0 Албанци.
• Комисија за етика: 0 Албанци.
• Комисија на спортисти: само 1 Албанец од 6 членови.
• Комисија за маркетинг: само 1 Албанец од 6 членови.
• Спортска дирекција: само 1 Албанец од 5 членови.
• Собрание на ОКСМ: само 1 Албанец од 25 членови со право на глас.
Во поголемиот дел од останатите комисии: правна, дисциплинска, родова застапеност, параолимписки игри, наука и спорт, антидопинг, финансии, е-спорт, надзорен одбор и комитет за дијаспора, застапеноста на Албанците е нула.
Ова не е само пропуст, туку јасна слика на исклучувачки менталитет што е спротивен на духот на Охридскиот договор, на принципите на еднаквост и на стандардите на демократските држави. Спортот треба да обединува, а не да разделува; да гради мостови, а не етнички бариери.
ДУИ бара итно преиспитување на овој состав и обезбедување на пропорционална застапеност на Албанците на сите нивоа на Олимпискиот комитет. Секоја одложување или избегнување претставува удар врз еднаквите права и опасен чекор наназад за меѓуетничката стабилност во земјата.
ДУИ останува решителна да ја брани еднаквоста и духот на Охридскиот договор, во секоја институција и во секоја област на животот – вклучувајќи го и спортот“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
„Шемите на Заев и Димова го исцрпиле Буџетот на Агенцијата Еразмус за над 2,5 милиони евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Шемите на Заев и Димова го исцрпиле Буџетот на Агенцијата Еразмус за над 2,5 милиони евра. 2,5 милиони евра, европски пари кои потоа Европската заедница ги побара назад од државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Владата на СДС, секогаш ќе остане синоним за криминал, корупција и неспособност. Каде и да се појавеа ја посрамотуваа државата и самите себеси. И на домашна и на меѓународна сцена.
Чест на исклучоци, но во СДС скоро сите поранешни функционери, директори, министри, се поврзани со некаков сомнеж или пак сторен криминал.
Лидија Димова го оштети Буџетот на Агенцијата на која што беше директорка за над 20 милиони денари, за случај за која е осудена со уште две лица. Затоа СДС молчи и се одзива кога ќе се спомне Димова. На крај, ќе речат дека ја познаваат од телевизија.
Тогашниот премиер Зоран Заев, ја присили Димова да не поднесува кривична пријава за криминал вреден 2,2 милиони евра. Пари кои биле украдени од координирана мрежа во Националната агенција која завршува во тогашниот кабинет на Зоран Заев.
Затоа и деновиве кога СДС ќе излезе со соопштение или прес-конференција, народот не им верува.
Затоа што народот е свесен дека тие се синоним за криминал и корупција.
Затоа што народот знае дека скоро секој поранешен функционер од СДС има направено криминал, а тој криминал го штити обвинителството и судството. Оваа слика мора да ја промениме!“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Влен“: ДУИ го претвори Охридскиот Договор во средство за лично збогатување и прикривање на неуспесите

„Поминаа 24 години од потпишувањето на Охридскиот договор, најважниот документ за рамноправност на Албанците во Северна Македонија, но сенката од неговата нецелосна имплементација продолжува да ги оптоварува државните институции. Сите го знаеме главниот виновник: ДУИ, партијата ‘нонграта’ која беше на власт 22 години по ред и која, наместо да го претвори Договорот во реалност, го користеше како изборен банер и банкомат за лично богатење“, велат од „Влен“.
„Фактите зборуваат сами за себе: Во 2013 година, тогашниот Секретаријат за спроведување на Охридскиот договор објавил тендер од 6 милиони денари за „анализа“ на спроведувањето на рамковниот договор. Победник, според информациите, беше компанијата „ТАГ Комуникации“, во сопственост на лице близок со ДУИ и по својата позиција во државните структури контролирани од оваа партија!
Парите на граѓаните се трошеа на „анализи“, „конференции“ и „трибини“, додека од друга страна создаваа илузија за напредок. Скапо платените анализи препорачуваа мерки што ДУИ никогаш не ги спроведе: законски обврски за правична застапеност во државните компании, справување со говорот на омраза во Кривичниот законик, децентрализација со конкретен буџет и решавање на статусот на жртвите од 2001 година. Ништо од ова не стана реалност затоа што за ДУИ, Охридскиот договор не беше алатка за еднаквост, туку алатка за тендери, богатење и криење зад измислени анализи секогаш кога нивните неуспеси стануваа очигледни.
ВЛЕН ги повикува граѓаните да не стануваат жртви на пропагандата на партија која две децении го користеше аманетот од 2001 година за тесни лични интереси.
Решени сме целосно да го спроведеме Охридскиот договор, не на хартија, не на празни конференции, туку во секојдневниот живот на секој граѓанин на албанец.
Најјасен доказ за ова е историското усвојување на Законот за правична и соодветна застапеност, голема политичка победа, епохална пресвртница во институционалната еднаквост, правна гаранција што става крај на 20-годишната неправда. Овој закон не е само член во службен тефтер, тој е печат на нова ера за Албанците, тоа е сигурност дека нашиот глас никогаш повеќе нема да биде игнориран во нашата земја“, се наведува во соопштението на „Влен“.