Македонија
Битиќи: Јавно здравство без партиципација и повисоки плати за медицинските лица
„Срцето и душата на државата лежи во здравјето на нашите граѓани, а должноста на една социјалдемократска власт е да се погрижи тоа да биде негувано и заштитено. Ова бара квалитетен здравствен систем достапен за сите, каде инвестициите во современа медицинска опрема и болници, добро обучениот медицински персонал и конкурентните плати не се луксуз. Ние сето ова го разбираме како израз на посветеност и грижа за достоинството на секој наш граѓанин“, изјави Фатмир Битиќи, коносител на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2 на Коалицијата за европска иднина, на денешната прес-конференција која се одржа во Шуто Оризари, Скопје.
Во изјавата тој потсети дека СДСМ рекордно да ги зголеми платите на медицинскиот персонал, односно платите на медицинските сестри се зголемија за над 20%, кај општите лекари ова зголемување изнесува 25%, специјалистите заработуваат за 40% повеќе.
„Ги зголемивме коефициентите за дежурствата за 15%, а за првпат обезбедивме исплата на плати за приватни специјализанти во висина на просечната плата која ја заработуваат општите лекари“, рече Битиќи.
Зборувајќи за предизборната „Програма за европска иднина“ на СДСМ, тој најави дека во наредните четири години ќе продолжи зголемувањето на платите за медицинските лица во јавното здравство.
„Докторите специјалисти ќе имаат плати од 140.000 до 180.000 денари, општите доктори месечно ќе заработуваат плата до 120.000 денари, а медицинските сестри од 60.000 до 90.000 денари. Нема импровизации и компромиси со здравјето на граѓаните и затоа тие кои се грижат за нив ќе бидат достоинствено наградени“, рече Битиќи и порача дека „ќе си ги вратиме лекарите од странство“.
Потпретседателот на СДСМ и коносител на листата на кандидати за пратеници во ИЕ2, најави инвестирање и во идните генерации на лекари.
„Ќе ги удвоиме квотите на медицинските, стоматолошките и фармацевтските факултети во државата. За 100% ќе ја зголемиме годишната продукција на медицински кадар. Сите студенти ќе бидат ослободени од трошоците, наместо родителите, нив ќе ги подмирува Владата. Ќе го изедначиме статусот на специјализантите меѓу „државните и приватните“ специјализанти, а секој од нив ќе добива почетен месечен надоместок од 60.000 денари. За секој специјализант ќе се креира работно место во здравствената мрежа, со фокус на приоритетните медицински области и градови во државата и до 2028 година ќе добиеме 1.000 нови специјализанти“, истакна Битиќи.
Тој најави инвестиции во медицинската инфраструктура и опрема.
„Ќе работиме на модернизација и регионализација на онколошките центри во државата (Скопје, Битола, Штип, Тетово, Куманово) за пациентите со малигни заболувања полесно да добиваат модерна терапија поблиску до своите домови“, рече Битиќи.
Потпретседателот на партијата најави дека во следниот мандат на Владата предводена од СДСМ ќе се укине партиципацијата во јавното здравство.
„Јавното здравство ќе биде бесплатно за сите осигуреници, нема да има плаќање на партиципација. Но бесплатното јавно здравство нема да предизвика дополнителни трошоци, придонесите за здравствено осигурување нема да ги зголемиме – тие ќе останат најниски во регионот, на ниво од 7,2%“, рече Битиќи.
Тој нагласи дека промените се потребни, но тие ќе се направат низ јавна дебата, преку која ќе се понуди систем за дефинирање на пакет на здравствени услуги, со соодветно ниво на квалитет и временски период, за кои придонесите ќе се корегирааат во релација со пакетите на здравствена заштита.
„Знаеме дека не постојат брзи решенија, но заедно со мнозинството граѓани уверени сме дека членството во Европската унија останува единствен начин за суштински и трајни позитивни промени во здравството. Затоа СДСМ не се откажува од иднината“, порача Битиќи од Шуто Оризари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево време, утрински температури до -10 степени
Времето утре ќе биде сончево и студено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува засилен до силен северен ветер и наместа ќе има услови за провејување на снег. Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -4, а максималната ќе достигне од -3 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, претежно сончево и студено со умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Во четврток и во петок ќе се задржи студено време со минимални температури кои насекаде ќе бидат негативни, а локално ќе се спуштат и под минус 10 степени.
Од петок и во деновите потоа ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи, претежно од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурите ќе биде во пораст.
Македонија
УЈП најави привремен прекин на електронските услуги од 16 часот
Управата за јавни приходи ја известува јавноста дека денеска, 30.12.2025 година, со почеток од 16:00 часот, ќе има привремен прекин во функционирањето на електронските услуги кои Управата (УЈП) ги нуди кон даночните обврзници.
Се очекува прекинот да трае до доцните попладневни часови, по што услугите повторно ќе бидат достапни.
Управата за јавни приходи ги замолува даночните обврзници за разбирање.
Македонија
Владата го усвои предлог Законот за јавно обвинителство
Владата на денешната редовна 140 седница го усвои Законот за јавно обвинителство, како еден од клучните чекори во спроведувањето на реформската агенда од Областа 5 – Фундаментални вредности, со посебен фокус на владеењето на правото.
„Донесувањето на овој закон претставува значаен исчекор во зајакнувањето на независноста, ефикасноста и отчетноста на јавното обвинителство, како столб на правниот систем и гарант за заштита на јавниот интерес. Законот е резултат на сеопфатен процес на анализа, консултации и усогласување со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики“, се наведува во соопштението од Владата.
Од таму појаснуваат дека со новото законско решение се воведуваат измени во постапката за избор на Јавен обвинител на Република Северна Македонија, со јасно дефинирани критериуми и механизми кои обезбедуваат транспарентен, инклузивен и мерит-системски пристап при изборот на најквалитетните кандидати. Во законот се вградени релевантните препораки, со цел процесот да биде ослободен од политички влијанија и заснован исклучиво на стручност, интегритет и професионален кредибилитет.
Дополнително, законот предвидува прецизни и обврзувачки рокови за постапките за избор, унапредување и се воведува принцип на категоризација на дисциплинска одговорност на јавните обвинители, што придонесува за поголема правна сигурност, предвидливост и функционалност на системот, а воедно и поголема одговорност на самите јавни обвинители. На овој начин се зајакнува довербата на граѓаните во институциите и се воспоставува појасна одговорност во работењето на обвинителството.
„Владата останува цврсто посветена на реформите во правосудството како приоритет од највисок јавен интерес и како неопходен предуслов за напредокот на државата на европскиот пат. Усвојувањето на Законот за јавно обвинителство е конкретен доказ за определбата да се градат силни, независни и професионални институции, во служба на граѓаните и владеењето на правото“, се наведува во соопштението.

