Економија
Директорот за статистика на ММФ: Статистичките податоци на Народната банка се во согласност со највисокиот статистички стандард на ММФ

Народната банка квалитетно, навремено и транспарентно ја извршува статистичката функција, што е од витално значење за обезбедување на макроекономската стабилност, водењето на монетарната политика, како и за носење квалитетни одлуки од страна на носителите на економските политики, беше истакнато на состанокот помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерот Фадил Бајрами и главниот статистичар и директорот на Одделот за статистика на ММФ, Берт Кросе, одржан во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка.
Директорот на Одделот за статистика изрази големо задоволство од тоа што Народната банка подготвува квалитетни статистички податоци, следејќи го највисокиот статистички стандард СДДС плус, како и од новите проекти коишто успешно ги спроведува.
Народната банка, во согласност со највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоците на ММФ – СДДС плус, редовно прибира, обработува и објавува податоци, а постојано работи и на развивање и унапредување на одделните статистички домени. Поддршката од ММФ е од исклучително значење. Од октомври минатата година, Народната банка започна да ги објавува кварталните финансиски сметки и состојби. Во делот на екстерните статистики се прават напори за натамошно олеснување на процесот на доставување податоци до Народната банка, за што во тек се неколку проекти за електронско известување. Во овој сегмент се работи и на унапредување на методологијата за процена на приватните трансфери како значајна приливна ставка во платниот биланс. Kaj монетарната статистика, се продолжува со активностите од долгорочниот проект за интегриран систем на објавување податоци за статистички и супервизорски цели. Овој месец за првпат беше објавен Прегледот на „зелените“ показатели, чија цел е да се подобри расположливоста на податоците за климатските промени, којашто е суштинска при изработката на анализи и носењето политики, соопшти НБ.
Народната банка постојано применува практики за зајакнување на транспарентноста и остварува редовна комуникација со известувачите и со корисниците на статистичките податоци. Покрај на квалитетот, особено внимание му се посветува и на соодветното пренесување на податоците до целната јавност, преку визуализација и публикација на соопштенија за печатот и информации, вклучително и на платформите од широк јавен интерес, се додава во соопштението на НБ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Амазон ќе ја плати најголемата трговска казна во историјата

Амазон се согласи да плати 2,5 милијарди долари за да реши тужба од страна на американската федерална влада, која ја обвини дека измамила милиони луѓе да се регистрираат на Prime, а потоа им го отежнала откажувањето.
Според спогодбата објавена од Федералната трговска комисија (FTC), 1,5 милијарди долари ќе им бидат исплатени на клиентите кои биле измамени да ја користат услугата. Тоа е најголемата трговска казна што FTC некогаш ја обезбедила.
Спогодбата беше постигната неколку дена откако започна судењето пред порота во Сиетл. Амазон ниту ги призна ниту ги негираше обвиненијата и не одговори на прашањата на медиумите.
Prime нуди бесплатна достава, стриминг на филмови и други бенефиции. Услугата чини 139 долари годишно (или 14,99 долари месечно) во САД и 95 фунти годишно во Велика Британија, а ја користат стотици милиони луѓе ширум светот.
ФТЦ тврди дека Амазон користел агресивни скокачки прозорци за време на плаќањето за да ги охрабри клиентите да се регистрираат за Prime, честопати без јасно објаснување на условите или опцијата за одбивање на понудата.
Бесплатните едномесечни пробни периоди беа исто така проблематични бидејќи клиентите не беа јасно предупредени дека автоматски ќе им биде наплатено членството по завршувањето на пробниот период.
Економија
Електродистрибуција инвестираше 30 милиони евра во првите шест месеци од годината

Дистрибутивниот систем оператор – Електродистрибуција, својот главен фокус во првите шест месеци од годината го стави на дигиталната трансформација и модернизацијата на дистрибутивната мрежа.
Само во првата половина од 2025 година, компанијата инвестираше 30 милиони евра во проекти на високонапонско, среднонапонско и нисконапонско ниво. Преку овие инвестиции, Електродистрибуција обезбедува соодветен развој на дистрибутивната мрежа и намалување на загубите, следејќи ги потребите на корисниците, обезбедувајќи соодветна техничка и стручна подготвеност, брзо и ефикасно приклучување на новите корисници на мрежа и квалитетна услуга на постојните.
Континуираните инвестиции придонесуваат за намалување на техничките загуби, подигнувајќи го нивото на ефикасност на целиот систем.
Посветеноста на Електродистрибуција во создавањето на модерна и ефикасна дистрибутивна мрежа е од посебна важност. Со тоа се овозможува сигурно и непречено снабдување на корисниците и е темел за идниот економски развој на земјата.
ПР
Економија
Божиновска: Гасна интерконекција со Србија и борба со енергетската сиромаштија – приоритет во соработката со Светска банка

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес оствари работна средба со вишиот специјалист за енергетика при Светска банка, Редон Беголи.
На средбата се разговараше за тековната и идната соработка помеѓу Македонија и Светска банка во областа на енергетиката, со акцент на проекти кои ќе придонесат за зголемување на енергетската безбедност, ефикасност и одржливост.
Во октомври, на Годишното собрание на Светска банка во Вашингтон, државите ќе имаат можност да поднесуваат предлог-проекти за кои се бара финансиска и стратешка поддршка. Македонија ќе аплицира со неколку проекти, но како најзначаен се издвојува проектот за изградба на гасна интерконекција со Република Србија – инфраструктура од големо значење за регионалното поврзување и стабилноста на снабдувањето со енергенси.
Од Министерството посочуваат дека овој проект ќе овозможи диверзификација на изворите и правците на снабдување со природен гас, што е од суштинско значење за економската конкурентност и енергетската независност на земјата.
„Дополнително, Светска банка ќе биде непроценлив партнер и во финализирањето на методологијата за утврдување на енергетската сиромаштија, како и во подготовката на нови програми и политики за унапредување на енергетската ефикасност. Со овие активности ќе се создаде основа за поефикасно насочување на мерките кон најранливите категории граѓани и обезбедување праведна енергетска транзиција“, велат од Министерството.
Министерката Божиновска нагласи дека Владата останува посветена на спроведувањето на реформите во енергетскиот сектор и на зајакнувањето на партнерствата со меѓународните институции. „Со заеднички проекти и координирана поддршка, ќе ја унапредиме енергетската инфраструктура и ќе обезбедиме долгорочна сигурност и стабилност на енергетскиот систем во корист на граѓаните и економијата“, изјави министерката.