Македонија
Левица ветува изградба на споменик за бранителите од Вејце

Политичката партија Левица вели дека ако дојде на власта ќе изгради во Вејце споменик во помен на загинатите бранители, кои несебично се жртвуваа во војната во 2001 година.
„Масакрот од 2001 година во село Вејце останува дел од колективната меморија на Македонците како најголем пораз на државните институции од група на терористи, кои ден денес немаат праведна судска разврска, туку напротив истите тие кои ги направија овие злосторства беа амнестирани и наградени со удобни фотелји.
Делегација на Левица на 28 Април ќе положи свежо цвеќе за сеќавање на жртвата на осуммина припадници на специјалната единица “Волци” кои беа убиени, масакрирани и живи запалени на истиот тој ден пред 23 години.
Проектот го изготви м-р Андреа Јанков, координатор на секторот за Урбанизам и локална самоуправа на Левица“, велат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Панова: Оваа една година вреди многу повеќе од седумте години на СДС и ДУИ

Ние во текот на оваа година можеби успеавме да поставиме добри темели на кои понатаму ќе ги работиме идните реформи. Оваа една година можам да кажам дека вреди многу повеќе од седумте години измината власт на СДСМ и ДУИ, истакна пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„За оваа една година ние сфативме со каков буџет располагаме, односно наследивме во исто време во првите 100 дена се снаоѓавме со долговите кои ни беа оставени, морам да напоменам дека исплаќавме задоцнети плати во делот на АД „Водостопанство“ и задоцнети плати во Македонски шуми, пари кои воопшто не беа предвидени во буџетот на изминатата 2024 година но, ете Владата и ние заеднички најдовме средства и тие пари беа изнајдени од средства кои не биле правилно испланирани“, кажа Панова.
Панова истакна дека ребалансот на буџетот кои повторно е во Собрание претставува една нужна алка во работењето на целиот македонски систем.
„Со ребалансот на буџетот кој повторно е во Собрание како една нужна алка во работењето на целиот македонски систем беа и неисплатените субвенции, тие мораа да бидат повторно обезбедени од некаде за да може да се подмириме тоа што сме должни и за да бидеме на позитивна нула и да знаеме дека во иднина нашите земјоделци субвенциите ќе ги добиваат редовно и не како што било досега, туку навремено, однапред платено онака како што заслужуваат“, вели Панова.
Панова потенцираше дека Собранието во изминатата година донело повеќе од 297 закони што е повеќе од половина за време на владата на СДСМ и ДУИ.
„Она кое би сакала да го потенцирам е исто така моментот што во изминатата една година Собранието успеа да донесе повеќе од 297 закони што значи за повеќе од половина од целиот изминат мандат на владата на СДСМ и ДУИ. Можеби оваа бројка е огромна и еден дел од истата се однесува на одредени усогласувања но, добар дел се однесува и на закони кои се наменети токму на земјоделието и она кое значи исправање на грешките со кои се соочува македонските земјоделци во изминатите периоди“, заклучи Панова.
Македонија
Феликс бил убиен зошто мавтал со опашката, велат активистите

Убијците на Феликс денес во судница се осмелија да го наречат неговото радосно мавтање со опашката – напад. Снимка на која куче радосно им приоѓа ја користат како алиби за злосторството и доказ дека било агресивно. Крвникот Љубе Крстевски се појавува на само едно од шесте презентирани видеа и Феликс не се ни доближува до него, велат од Граѓанската иницијатива Зелен хуман град.
„Тврдат дека љубопитност и приврзаност се причина за ѕверска ликвидација. Каква болна логика. Ако едно животно секојдневно ти приоѓа со доверба, тоа значи дека заслужува да биде убиено? Толку се бедни, што ова „доказно видео“ не им го доставиле на обвинителството и на адвокатката. Но не зашто е доказ за „агресијата“ на Феликс, напротив, зашто е неосновано и зашто сакаат да го манипулираат процесот зад затворени врати“, велат активистите.
Додаваат дека убивањето на невино животно што им верува на луѓето е злосторство што не може да се сокрие зад евтини извитоперени конструкции.
„Ја повикуваме судијката Лидија Петровска да изрече максимална затворска казна за убиецот Љубе Крстевски и неговиот соучесник Бранко Билбиловски. Тие не само што не се каат, туку тврдат дека Феликс „сам си го барал“ да го убијат“, велат од Зелен хуман град.
Македонија
Поради несовесно работење на судија, осуденик почнал да издржува затворска казна со задоцнување од една година

Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Несовесно работење во службата.
Обвинетиот, во текот на 2024 година, додека извршувал функција судија за извршување санкции во Основниот суд во Кавадарци со умисла несовесно постапувал во предмет за извршување затворска казна за еден осуден.
Затворската казна од 3 години и 8 месеци била изречена со правосилна пресуда на Основниот суд во Гевгелија. Меѓутоа, обвинетиот судија, иако примил известување за пресудата на 05.04.2024 година, првиот пат упатниот акт го изготвил со задоцнување и осудениот го упатил на издржување на затворската казна во КПУ Гевгелија, наместо во КПУ Идризово – Скопје согласно висината на изречената казна.
Потоа, откако гевгелискиот затвор известил дека казната не може да се издржува во таа установа, судијата за секоја одлука што ја носел во предметот ги пробивал законските рокови, се до 04.06.2024 година кога добил известување дека осуденикот не се јавил на издржување на затворската казна во Идризово.
Иако согласно закон бил должен во таква ситуација во рок од 24 часа да издаде наредба до МВР за приведување на осуденото лице, обвинетиот судија тоа го направил дури на 07.06.2024 година.
По распишана централна потетница, осуденото лице било пронајдено и лишено од слобода, и започнало да ја издржува затворската казна речиси една година подоцна, на 11.03.2025 година наместо во април 2024 година.