Македонија
Нови 27 случаи на голема кашлица, најмногу во Скопје
Нови 27 случаи на голема кашлица се евидентирани од 19 до 25 април, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.
Според извештајот, најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје – 20, а пријавени се заболени и во Битола – три, Куманово – две лица и по еден случај во Тетово и Демир Хисар.
„Возраста на заболените се движи од еден месец до 54 години, а најголем број случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 15 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 11 се комплетно вакцинирани и еден случај е вакциниран согласно возраст“, пишува во извештајот.
Заклучно со 25 април, во државава се регистрирани вкупно 516 случаи на голема кашлица, со инциденца од 28,1/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период – 2019-2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи. Најголем број лица живеат во Скопје – 412 или 79,8 отсто, со зафаќање на седумнаесет различни општини. Во рамките на епидемијата во Куманово, пријавени се 29 заболени лица или 5,6 проценти, а случаи се пријавени и во други 16 градови низ државата.
254 лица се од машки, а 262 од женски пол.
„Епидемиската крива укажува дека појавувањето на нови случаи на голема кашлица започнува во првата недела од 2024 година. Согласно податоците од евиденцијата на пријавувањето – за седмодневен период од понеделник-недела, се забележува континуиран пораст на бројот случаи на неделно ниво, до 12-та недела. Од 12-та недела, со мали варијации, бројот на пријавени случаи се намалува“, се додава во извештајот на ИЈЗ.
Од заболените, хоспитализирани се 73 лица. Од нив, 59 на возраст до четири години. Најголем број од случаите – 51 или 69,9 проценти, се хоспитализирани во УК за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број хоспитализирани лица, 67 се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена, покажуваат податоците на Институтот.
Од 18 јануари до 25 април годинава, дадени се вкупно 42.857 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

