Македонија
(Видео) Ковачки: Ќе ги вратиме сите железнички линии во функција
Драган Ковачки, носител на изборна единица 3 на ВМРО-ДПМНЕ, денеска меѓудругото вети дека ќе бидат вратени во функција сите железнички линии.
„Ќе ги вратиме сите железнички линии во функција, ќе ја реконструираме пругата Велес-Кочани, ќе ја електрифицираме пругата Велес-Битола, ќе го реконструираме автопатот Катланово-Велес, ќе изградиме нова катна гаража во Велес, ќе ја реконструираме општата болница во Велес. Нови 26 милиони евра од проектот 250 милиони евра за општините“, изјави Ковачки.
Македонски железници месецов прослави 151 година од своето постоење. Јавното претпријатие е во лоша состојба, а укинати се голем број возови.
Од неодамна, од двата патнички воза за Гевгелија вози само еден. Од 2021-ва не сообраќаат возовите од Скопје за Кочани и за Кичево, а од почетокот на 2023 ниту возот за Табановце и Куманово.
Патниците го избегнуваат возот оти кога се качуваат не се знае кога и дали ќе стигнат. Честопати има дефекти и доцнење од по неколку часа, па граѓаните не сакаат да ризикуваат.
Ова јавно претпријатие е загубар кој со години се соочува со финансиски потешкотии и постојано добива прилив од буџетот за да може да подели плати и да плати сметки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес локални врнежи од дожд и снег на планините
Времето денеска ќе биде променливо облачно. Во западните делови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1 степен, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, со повремен слаб дожд во делови од котлината. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Од УХМР информираат дека под влијание на циклонска активност, во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.

