Забава
Принцот Хари доаѓа во ретка посета на Велика Британија на почетокот на мај
На 8 мај, принцот Хари ќе ја прослави десетгодишнината од меѓународниот спортски настан Invictus Games, кој тој го основал, во лондонската катедрала Свети Павле, за што ќе направи ретка посета на Британија.
Хари живее во Соединетите Држави со сопругата Меган и нивните две деца, а ги започна игрите Invictus во 2014 година. Тоа е меѓународен мултидисциплинарен спортски настан за ранети и болни воени ветерани. Хари помина дел од својата воена кариера како пилот на воен хеликоптер во Авганистан.
Во рамките на црковната служба, принцот Хари ќе им се обрати на насобраните воени ветерани и членови на заедницата Invictus, а соодветен текст ќе прочита британскиот актер Демијан Луис. Организаторите порачаа дека на овој начин „ќе се одбележи декадата во која преку спортот се променија и спасија животи на многу луѓе“.
Откако престана да работи како член на британското кралско семејство во 2020 година, Хари отпатува во Британија само неколку пати. Меѓу другите, тоа беше и погребот на неговата баба, кралицата Елизабета Втора во 2022 година и крунисувањето на татко му во мај 2023 година.
Последен пат беше виден во Британија во февруари оваа година, кога накратко се сретна со својот татко откако монархот објави дека му бил дијагностициран рак. Палатата во петокот соопшти дека кралот Чарлс ќе се врати на своите јавни должности имајќи предвид дека неговото лекување било успешно и дека добро закрепнал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Таа со години живее бесплатно на крузер : „Јадам и пијам што сакам, но под еден услов“
Кристин Кестелу и нејзиниот сопруг Питер живеат на крузер со години, а таа неодамна откри како изгледа тоа искуство.
Оваа 44-годишна жена, по потекло од Америка, решила да го напушти традиционалниот живот на копно. Се ослободила од грижата за кирија и кредити, и наместо тоа почнала да заработува пари пловејќи низ светот.
За време на едно од патувањата, таа го запознала и својот сопруг, кој ја дели нејзината страст за крузери, објавува Daily Star.
Иако повеќе не работи како директорка за крстарења (лицето одговорно за организирање забава и активности), Кристина сè уште останува на бродот како гостинка со нејзиниот сопруг – најмалку шест месеци во годината.
Денес, таа создава содржина за социјалните медиуми, документирајќи го животот на отворено море. Повеќе од милион луѓе ги следат нејзините дневни рутини на TikTok, каде што таа одговара на прашања од љубопитни гледачи за овој неконвенционален начин на живот.
„Животот и работата на крстосувач е посебен свет што многу луѓе не го разбираат“, објаснува Кристина.
Како сопруга на член на екипажот (Питер е главен инженер на бродот), Кристина има пристап до просторот за персонал и патници, со услов да мора да носи значка за идентификација. Таа може да ужива во луксузните погодности на бродот – базени и спа центри, ресторани и сите погодности.
И покрај предрасудите дека крузерите не се најбезбедна средина, таа тврди поинаку.
„Над 260 крузери што им припаѓаат на повеќе од 60 компании пловат секој ден. Инцидентите се навистина ретки, иако стотици илјади луѓе пловат секој ден“, вели таа.
Таа додава дека често се вели дека крузерите се проблематични, но според искуството на нејзиниот сопруг, тоа не е вистина.
„Питер е на море 34 години и бил болен само еднаш. Тоа се илјадници и илјадници дена. На крајот, сè се сведува на миење раце“, нагласува Кристина.
Сепак, постои едно правило што мора строго да го почитува – не ѝ е дозволено да се коцка во казиното на бродот.
Исто така, како креатор на содржини за мрежите, Кристина се придржува до строги правила за приватност – таа не ги снима патниците или членовите на екипажот без нивна изрична дозвола.
Со повеќе од една деценија на море, се чини дека таа целосно ужива во својот неконвенционален, луксузен живот – и без никакви трошоци за домување.
Забава
„Нема, нема“ – нова песна на Бојана Скендеровски, воедно и емотивна најава за големиот саботен концерт
Одбројувањето до првиот солистички концерт насловен „Бесмртна“ влегува во својата највозбудлива фаза, а Бојана Скендеровски ја изненадува публиката со сосема нова песна – „Нема, нема“, која уште со првото слушање внесува свежина и современ дух во нејзиниот репертоар.
Последниве недели Бојана живее во ритамот на подготовките за големата вечер – сала, студио, проби, последни финеси – секој ден носи нов предизвик и нова емоција. Во таа креативна возбуда се роди и новата нумера, модерна, поразлична и искрено наративна, создадена како музички подарок за публиката токму пред концертот.
„Сакав на публиката да ѝ понудам нешто ново, едно мало освежување пред мојот концерт и во празничниот период кој следува“, вели Бојана. „Нема, нема“ го носи токму тој момент – топла, модерна емоција и почеток на едно ново поглавје во нејзиниот уметнички развој.
Композицијата е со музика и аранжман на Никола Мицевски и текст на Борче Нечовски, а снимена и миксана во студио XL Момироски, и претставува природен, храбар чекор напред во зрелоста на Бојана. Со современ звук, нежна но силна емоционалност и препознатлив вокален печат, песната го отвора патот кон нов, возбудлив правец во нејзината музика.
А токму еден таков голем исчекор е и концертот „Бесмртна“ закажан на 13 декември со почеток во 20:00 часот, вечер која веќе се најавува како длабоко емотивно патување низ песни што оставаат трага, чувства што се паметат и моменти што се доживуваат со цело срце.
Забава
ARGY пристигнува во Скопје!
Скопје влегува во финалното одбројување до едно од најголемите и најочекувани електронски шоу-доживувања во историјата на македонската музичка сцена. За само четири дена, на 13 декември 2025 година, глобалниот феномен ARGY ќе настапи во арената „Борис Трајковски“ со спектакл што по стандард, продукција и енергија стои рамо до рамо со најголемите светски фестивали.
Последните подготовки се во полн ек. Во арената „Борис Трајковски“ веќе се поставува една од најголемите и најкомплексни сценографии што некогаш се реализирале на македонски терен. Се инсталираат напредни светлосни конструкции, огромни LED платна, силни визуелни системи и аудио технологија со светски стандарди што овозможува масивен, чист и прецизен звук.
Ова шоу ќе го претвори просторот во импресивна катедрала на звук и светлина, каде секој елемент од сценографијата до последниот визуелен ефект ќе биде дел од режирана целина што ја создава карактеристичната ARGY еуфорија. Публиката ќе биде дел од амбиент што ја надминува реалноста и ја префрла во нов електронски универзум.
Со неговото пристигнување, Скопје станува дел од светската турнеја што ја менува перцепцијата за електронска забава. Ова е момент што македонската публика долго го очекуваше и можност да се доживее шоу со највисоки светски стандарди.
Една визија, една енергија, еден звук – ARGY LIVE EXPERIENCE.
Линк за карти: https://kupikarta.com/event-details.nspx?eventid=5699

