Македонија
Филипче до младите: Единствен начин за трајна трансформација на општеството е интеграцијата во ЕУ
„Младите се движечката сила, покренуваат револуции и создаваат иновации и затоа нивните идеи се клучни за развојот на едно здраво и демократско општество“. Ова го истакна носителот на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, д-р Венко Филипче на трибина со млади во Струмица.
„Едно општество е живо колку што е мотивирана неговата младина. Кога кај младите се јавува апатија, кога кај нив паѓа ентузијазмот и интересот, тоа општество оди во погрешен правец и назадува. Тогаш нема иновација, тогаш нема револуција, тогаш нема жар за напредок”, рече Филипче.
Тој е свесен дека кај младите постои незадоволство поради потрошените години и бројните обиди Македонија да се ослободи од минатото и да напредува.
„Во Македонија со години се мачиме да излеземе, да се пробиеме, да се ослободиме од минатото и да ја зграпчиме иднината. Младите, со право, очекуваат повеќе. Но младите не смеат да заборават на клучна работа, која СДСМ ја почна храбро и, за жал, поради блокадите на ВМРО-ДПМНЕ не ја заврши. А тоа е обезбедување на трајни реформи и можности преку интеграција во Европската Унија. Ова е заложбата на СДСМ за младите и тоа не само за вашата генерација, туку и за сите следни генерации”, потенцираше Филипче.
Во таа насока, Филипче додаде дека СДСМ не ги изневери младите и ќе продолжи да работи на трајна трансформација на општеството која ќе значи подобар живот и можности за секој. Најдобро тоа го знаат младите, кои имаат комуникација со своите врсници и се свесни за придобивките што можат да ги добијат доколку земјата стане членка на Европската Унија, рече Филипче.

„Вие сте млади луѓе комуницирате со вашите врсници од светот, некои веројатно и биле, прошетале, се запознале. Прашајте ги за можностите кои ги нуди ЕУ. Прашајте како нивната земја се променила после влезот во Европската Унија, какви можности добиле тие. На пример во Бугарија, во Хрватска или другите земји кои неодамна се во ЕУ. Ќе видите дека единствен начин вистински, трајно и за сите подеднакво да го подобриме општестовото е интеграцијата во ЕУ”, изјави Филипче.
Тој ги повика младите да не се обесхрабруваат и да не дозволат повремените пречки и порази да ја спречат реализацијата на нивната цел.
„Оваа цел е искрена, правилна и проверено значи подобар живот за сите. Се друго што нуди ВМРО-ДПМНЕ и останатите партии е несигурен избор и ризик од непозната иднина”, рече Филипче.
Токму затоа ова се избори кои ќе ја поместат земјата и младината од раскрсницата на која во моментов се наоѓа Македонија, а младите ја имаат силата преку својот глас да го направат вистинскиот избор за да продолжиме кон патот што значи посветла и постабилна иднина, рече Филипче пред младите.
„Гласачкото ливче и пенкалото се вашата алатка за создавање на иднината. Ова е вашиот момент да изберете и бирајте мудро. Вашиот избор може да направи монументална разлика. Разговарајте со вашите врсници, вашите семејства, вашите соседи. Кажете им за влогот на овие избори. Мобилизирајте, организирајте и инспирирајте ги сите до кои можете да дојдете. Заедно, можеме да го свртиме бранот на овие избори”, потенцира Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

