Македонија
Герасимовски: Започна инсталирање на смарт јавно осветлување близу училишта, градинки, паркови и шеталишта

Денеска започна инсталирањето на Тип 2 светилките кои се дел од паметното осветлување на јавни површини во Општина Центар. Тип 2 светилките ќе бидат инсталирани на споредни улици низ целата општина односно близу основни училишта, градинки, паркови, шеталишта итн. Од овој тип светилки ќе бидат инсталирани вкупно 2.637 парчиња. Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека Општина Центар е носител на иновациите кои носат бројни бенефити на граѓаните.
„Денеска започна инсталацијата на Тип 2 светилките кои ќе бидат инсталирани близу предучилишните и училишните институции како и паркови, шеталишта и споредни улици во општината. Ова лед осветлување со технологија за автоматско димирање односно само ја зголемува и намалува светлината следејќи го заоѓањето на сонцето носи дополнителни заштеди за општината без зголемување на ризикот за безбедноста на сообраќајот и сигурноста на граѓаните“, вели Герасимовски.
Процесот за менување на јавното осветлување со нови старт светилки Општина Центар го започна пред две недели со поставување на лед светилките од Тип 1 кои се инсталираат на најфреквентните улици во општината. Поставувањето се одвива етапно според урбани заедници поставувајќи ги паралелно различните типови сијалици кои ги има вкупно четири. Општина Центар преку реализација на овој проект ќе ја унапреди енергетската ефикасност со тоа што ќе оствари заштеда до 70% на потрошувачката на електрична енергија за јавно осветлување и повеќе од 75% на трошоците за одржување на постојниот систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бројот 192 моментално не е во функција, граѓаните кои имаат потреба, да го користат 112, велат од МВР

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека бројот 192 поради технички причини моментално не е во функција и се преземаат мерки за нивно отстранување.
„Ве информираме дека во функција е бројот 112 и граѓаните кои имаат потреба можат да го користат овој број“, додаваат од МВР.
Македонија
Пожарот во Вардариште е во голема мера изгаснат, полека се враќа протокот на струјата

Пожарот во Вардариште е во голема мера изгаснат, но БППЗ Скопје во моментот се уште вршат догаснување, извести Центарот за управување со кризи.
„ЕВН дел по дел полека го враќаат протокот на струјата во нисконапонскиот дел во нормала. За краток период се очекува целосно нормализирање на состојбите“, соопшти ЦУК.
Македонија
Македонските научници и истражувачи ќе соработуваат со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија

Македонија ја продлабочува соработка со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (JRC). Неодамна потпишаниот договор помеѓу Министерството за образование и наука и овој рефернтен центар за наука и истражување на ЕУ, отвора нови перспективи за македонските научници и истражувачи. Тие добиваат поголеми можности за вклучување во европските истражувачки мрежи каде ќе можат да работат на проекти од области како енергетска безбедност, одржливи материјали за изградба на одржливи згради и инфраструктура, индустрија 4.0 и паметна специјализација.
За да се запознаат научниците и истражувачите со условите и начинот на кој можат да добијат поддршка од JRC, денеска на Машинскиот факултет во Скопје беше организиран инфо ден, на кој се обратија деканот проф. д-р Златко Петревски, претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и заменик генерален директор на Заедничкиот истражувачки центар, Матијас Оел.
Според деканот Петревски, настанот претставува значаен чекор напред во отворањето на македонското научно-истражувачко општество кон европските мрежи на знаење и иновации. Рече дека им се овозможува на македонските истражувачи да пристапат до врвни ресурси, знаење и заеднички проекти од клучно значење за развојот на државата.
„Соработката меѓу Македонија и Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија влегува во нова ветувачка фаза. Мојата неодамнешна посета на институтот во Испра ја потврди нашата посветеност за продлабочување и проширување на ова партнерство и со големо задоволство тоа го официјализираме со Рамковен договор за истражување, кој ќе биде од клучна важност за спроведување на Стратегијата за паметна специјализација на државата”, рече министерката Јаневска.
Посочи дека соработката дополнително ќе ја промовира мобилноста на истражувачите, нудејќи можности за докторски и постдокторски кандидати од земјава да бидат сместени во научните директорати на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.
„Без силна наука и без силно образование, не можеме да имаме силен раст на државата, не можеме да имаме раст на економијата, а со самото тоа понатаму и во другите сектори. Добро е што ќе има размена на научници. Добро е што наши научници ќе патуваат надвор, од надвор ќе доаѓаат научници кај нас. Со тоа се прави трансфер на знаење, се прави мрежа, се публикуваат научни трудови, се помага на индустријата. Тоа е многу важно да се каже дека сите овие научни достигнувања, коишто очекуваме да бидат резултат од овој проект, да помогнат на развојот на индустријата, со тоа и на економијата“, рече премиерот Мицкоски.
Здружениот истражувачки центар е референтен центар за наука и технологија на ЕУ, кој обезбедува независна научна и техничка поддршка за креирање и спроведување на политиките на Унијата. Центарот е вклучен и во процесот на нејзино проширување, преку соработка со земјите апликанти обезбедувајќи им техничка поддршка за ефикасно имплементирање на европските закони во областа на науката и технологијата. Центарот има седум институти во пет земји на ЕУ (Белгија, Германија, Италија, Холандија и Шпанија) кои покриваат широк спектар на теми, вклучувајќи: Одржлив развој и климатски промени; Иновации и технологија; Енергетика и транспорт; Здравство и безбедност на храна; Дигитална трансформација.