Македонија
Палевски ќе биде екстрадиран во најкраток можен рок, кажа Тошковски
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кажа дека добил информација од Секторот за меѓународна полициска соработка дека е одобрена екстрадицијата за Љупчо Палевски Палчо, со тоа што македонските полициски службеници се во комуникација со турските колеги.
„Се очекува во наредниот период да утврдат се што е потребно од аспект на оперативни активности, за во најкраток можен рок предметното лице кое што е под прогон од страна Обвинителството во Македонија да биде изнесено пред лицето на правдата и пред судот“, рече Тошковски.
Министерот кажа дека нема конкретен рок, но дека тоа ќе биде сторено во најкратко време.
„Очекуваме дека ќе биде за брзо“, додаде Тошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска Давкова во Охрид се сретна со македонскиот атлетичар Дарио Ивановски
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Вила Билјана во Охрид се сретна со македонскиот атлетичар на средни и долги патеки, маратонецот Дарио Ивановски, којшто утре ќе се натпреварува на 8. издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“.
Претседателката Сиљановска Давкова упати честитки до најдобриот македонски атлетичар, Дарио Ивановски и неговиот тренер, мајорот Игор Јакимовски за пласманот на Летните oлимписки игри во Париз оваа година.
Ивановски ја запозна претседателката со текот на подготовките за настапот на олимпијадата во Париз.
Претседателката порача дека успесите на македонските спортисти претставуваат голема гордост за целата држава и неопходно е да се грижиме за нашите најуспешни репрезентативци на секое поле. Таа, истакнувајќи дека спортот и физичката култура се едни од најважните фактори за здравјето на нацијата, за внатрешна кохезија и надворешна промоција на државата, му посака на Ивановски многу успех на Олимписките игри, како и во натамошната кариера.
Ивановски е еден од најдобрите балкански атлетичари со голем број на македонски и балкански рекорди и засега е единствениот македонски спортист кој е со потврден настап на Летните олимписки игри.
Македонија
Започна полагањето на државната матура
Со тест по мајчин јазик, вкупно 14.834 ученици го започнаа полагањето на државната матура во учебната 2023-2024 година. По овој повод, министерот за образование и наука Јетон Шаќири ги посети струшките средни училишта „Нико Нестор“ и „Др. Ибрахим Темо“ каде, посакувајќи им успех на матурантите, рече дека очекува процесот да помине во најдобар ред, затоа што истиот е пракса веќе 16 години.
„Клучна новина годинава е тоа што учениците полагаат во пошироки просторни услови, односно во холовите и салите на своите училишта, или во најблиското каде има соодветни услови, наместо како досега во училниците. Идејата е да се обезбеди поголема транспарентност и објективност на процесот“, посочи министерот.
Тој додаде дека оние кои се вклучени како набљудувачи и тестатори во државната матура, на овој начин имаат полесна контрола и увид во однесувањето на учениците за време на полагањето и како што рече, очекува да бидат елиминирани обидите за манипулации и злоупотреби одредени начини или помагала при пополнувањето на тестовите.
Согласно Концепцијата за матура и завршен испит, учениците и годинава полагаат 2 екстерни предмети, 2 интерни предмети и подготвуваат проектна задача. Задолжителен за сите е мајчиниот јазик и тој се полага денес, додека следниот испит ќе биде на 8 јуни. Прелиминарни резултати ќе има најдоцна на 8 јули, односно 30 дена од полагањето на последниот испит, по што ќе следи можноста за поднесување приговори.
Државната матура се спроведува од 2008 година, како законска обврска и услов за упис на високообразовна установа. Во процесот, годинава вклучени се 2000 наставници како тестатори и околу 250 набљудувачи од државните институции.
Македонија
Стоилковски: Дванаесетте директори на Хирургија да кажат колку операции и зафати се откажани во овие 15 дена
ВМРО-ДПМНЕ бара од директорите на Хирургија да кажат колку операции се одбиени, колку пацинети се препратени од Хирургија во овие 15 дена, додека министерот се крие, а економскиот директор шета на Азурен брег
Портпаролот Наум Стоилковски рече дека најголем број директори и раководители од 12-те оддели на Хирургија се на функција по седум години, исто толку години колку што СДС/ДУИ во здравството, како што рече, гледаа златна кокошка, наместо систем за заштита на здравјето на народот.
„Ги повикувам сите 12 раководители на Хирургија, да не се кријат од јавноста, туку одговорно да излезат јавно да кажат колку операции и зафати се откажани, одбиени, препратени од Хирургија во овие 15 дена, и колкава опасност и штета предизвикува системот на компримиран воздух, додека економскиот директор шета на Азурен брег со други од администрацијата, а министерот се крие.
Д-р. Александар Трајановски директорот, да каже колку пациенти се вратени, одложени, препратени од ТОАРИЛУЦ?
Д-р. Софија Пејкова директор на пластична хирургија да соопшти бројка на пациенти кои се вратени или препратени да создаваат хаос во други болници.
Д-р. Зоран Караџов да излезе јавно да соопшти за бројот на пациенти од абдомен кои останаа без помош на Хирургија.
Директорот д-р. Сашо Дохчев за тоа колку пациенти се вратени или чекаат на Урологија.
Д-р. Александар Жупановски да излезе за состојбата со вратени пациенти за операции од Неврохирургија.
Директорот д-р. Неџат Јакупи на Торакална, да каже колкумина пациенти биле на листата за операции за минатите 15 дена. Директорката на Детската хирургија, д-р. Славица Литајковска за деца-пациенти, дали се оперирани со посебен потпис за одговорност на родителите?
Јавно да излезе д-р. Далип Јахија за состојбата со пациенти на Ортопедија кои чекаат операција.
Д-р. Никола Брзанов да каже колку пациенти се препраќани, или можеби враќани од Ургентен.
Илир Хасани, директорот наместо да се расправа со спикерката на албанскиот парламент, да излезе за состојбите на Траума поврзани со неработењето на салите за операција особено што беше и заменик министер на Филипче
Директорката Маја Мојсова да каже за состојбата на КАРИЛ, дали ќе издржат надворешните системи ама и кога ќе има услови за да почне реновирањето потпишано пред скоро 4 месеци?
И во нивниот настап секако да има став и за заеднички служби и за министерот, и секако зошто не се избориле, односно дозволиле распад на Клиниката?“, праша Стоилковски.
Тој рече дека белиот мантил не носи само привилегии и титула, туку и одговорност пред пациенти, особено ако се прифати и директорска раководна позиција.