Македонија
„Филипче е човекот кој го уништи здравството, ќе биде запишан на најцрните страници“, рече Николоски од Радовиш
На 8 мај треба да имаме масовна референдумска излезност, сите да излезат за убедливо да победиме во изборна единица 4, да не се доведеме во ситуација основни здравствени услуги да не може да добиеме ни во Радовиш ни во Струмица. Да не се доведеме во ситуација да барате пријатели, врски за она што следува, за основна здравствена заштита, треба да се стави точка на таа работа, системот мора да функционира, а имаме луѓе кои може да го средат системот, професионалците да добијат шанса, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител во изборна единица 4, Александар Николоски на митингот во Радовиш.
Николоски истакна дека како и за многу области има луѓе кои си ја работат професијата и луѓе кои ја злоупотребуваат и наша цел е да ги поканиме професионалците да ни помогнат заеднички да ја реализираме Платформа 1198 за заеднички да ги поправаме работите.
„Вечерва со нас е мојот пријател докторот професорот Виктор Камнар, би сакал да му се заблагодарам на поддршката, тој е најдобриот ортопед во целиот регион, кој направи прва трансплантација на коска во регионот, кој си ја сака професијата, медицината, врвен професионалец и кој сака да се подобрува здравството. Тоа се професионалци луѓе кои не ги интересираат провизии, мито, туку гледаат да помогнат на пациентите и не ги злоупотребуваат пациентите, не се сликаат со своите пациенти туку им помагаат, не ја злоупотребуваат својата професија и гледаат да не збогатат преку ноќ со крадење, туку да му помогнат на народот. Со вакви луѓе ќе го поправаме здравството“, изјави Николоски.
Тој нагласи дека од друга страна е неговиот против кандидат, човекот кој го уништи здравството, кој ќе остане запишан на најцрните страници на македонското здравство, влече десетици афери позади себе, дали е тоа случајот со приватизација на стерилизацијата, дали е тоа провизијата за вакцини кои не стигнаа, дали е тоа сомнителната набавка на апарати или неговата улога во случајот Онкологија каде што терапија не беше давана на болни од канцер на кои им беше најпотребна.
Николоски се осврна и на проектите за Радовиш и регионот.
„Во Радовиш планираме да се заврши изградбата на експресен пат од Радовиш до Струмица, кој треба да продолжува до Ново село и границата, односно од граница со Бугарија до Штип да има експресен пат кој би се врзувал со автопатот и целиот исток подобро да функционира. Тука е реконструкција и пренамена на оваа стоковна куќа во едукативен и забавен културен центар со содржини од јавни дејности и сум убеден дека градоначалникот ќе го направи на најдобар можен начин. Планираме уредување на речното корито на Радовишка река, уредување на населени места, спортско рекреативен центар и бројни други проекти кои треба да го подобрат животот во Радовиш“, рече Николоски.
Тој истакна дека нема да биде заборавени и земјоделието.
„Тутунот е основен извор на егзистенција и планираме да го донесеме законот за забрана на увоз на тутун за целиот македонски тутун да се откупува по пристојни цени. СДСМ не го гласа затоа што главен увозник е братот на министерот за земјоделие. Потребна е масовна референдумска излезност, секој еден да излезе на гласање, потребна е масовна поддршка, ВМРО-ДПМНЕ е единствената сила која може да ја направи промената“, нагласи Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со магла и малку сонце
Времето денеска ќе биде променливо облачно и тивко со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 7 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла претпладне. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.
Македонија
Возете внимателно, маглата ја намали видливоста на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла од 100 до 200 метри има од Тетово – Скопје – Куманово – Кочани – Сарамзалино – Велес – Неготино – Д.Капија и магла со видливост до 50 метри има Битола – Прилеп – Ѓавато – Ресен – М.Брод – Кичево и Дебар, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.

