Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Општина Охрид да одговори за градбата на хотелот во туристичкиот локалитет „Горица“
На иницијатива на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска се одржа седница на Националната комисја на УНЕСКО, на која беше разгледана актуелната состојба со изградба на хотелски комплекс на туристичкиот локалитет „Горица“.
Членовите на Комисијата донесоа заклучоци со барања до Општина Охрид, како надлежен орган, за доставување на целокупната документација околу изградба на пртедметната локација.
Министерката Косдадиновска-Стојчевска рече дека со оглед на надлежноста и одговорноста што Комисијата ги има, ова тело не смее да остави простор за изигрување на постојаната законска регулатива, поврзана со заштитата на светското природно и културно наследство.
Затоа, Националната комија на УНЕСКО побара од Општина Охрид да ја достави целокупната документација поврзана со предметната парцела: урбанистичка документација за предметната градежна парцела (извод од план или урбанистичката документација врз основа на која е планирана оваа градба и со која е оформена градежната парцела), договор и анекси на договорот за отуѓување на градежно земјиште со електоронско јавно наддавање за градежната парцела, одобрение за градење на градбата од градежната парцела, проектна документација за градбата од градежната парцела врз основа на која е издадено одобрението за градење, известување за почеток на градба, дозвола за сеча на шуми согласно закон и сите други документи поврзани со предметната градежна парцела, а биле потребни за реализација на градбата од градежната працела.
Со оглед на тоа што претставниците на надлежните институции, членки на Националната комисија се изјаснија дека немаат никаква документација поврзана со предметот, беше донесен заклучок од Општина Охрид, чиј претставник не присуствуваше на седницата, да биде побарана целокупната документација која датира од 2011 година наваму.
Во воведот на седницата, Костадиновска-Стојчевска посочи дека до надлежните институции од културата не е доставено барање за изработка на планска документација. Исто така за предметната локација не е доставено никакво барање до НУ Завод и Музеј – Охрид и не се изготвени заштитно конзерваторски основи (ЗКО).
Проект за изградба на предметната локација не е доставен до надлежните институции од културата бидејќи во тој период не беше донесен План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. По донесување на План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион не е доставен проектот ниту до Комисијата за управување со природно и културно наследство на Охридскиот Регион ниту до НУ Завод и Музеј – Охрид.
По добивање на потребната документација и информациите од Општина Охрид, Националната комисија на УНЕСКО ќе се произнесе со свои заклучоци и препораки во однос на изградба на хотелски комплекс на „Горица“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

