Македонија
Изет Меџити: ДУИ сака да ги повлече Албанците во бездна

„Во страв од поразот кој несомнено ги чека, ДУИ веќе го загуби компасот! Така, нивната единствена цел сега е да предизвикаат политичка криза за да ги спасат корумпираните во нивните редови, обидувајќи се да продолжат со техничката влада повеќе од 100 дена. Целите на Али Ахмети беа јасни и ВЛЕН ја предупреди јавноста од моментот кога со кандидатурата на Бујар Осман, ДУИ умислено ја елиминираше можноста Арбен Таравари да влезе во вториот круг од претседателските избори“, рече Изет Меџити.
„Затоа, денес јавно го прашуваме Али Ахмети:
Дали е вистина дека им наредивте на општинските организации да организираат бојкот на вториот круг од претседателските избори, иако се сретнавте со Стево Пендаровски и му ветивте поддршка? Ако ова е вистина, кажете ѝ на јавноста зошто не ги бојкотиравте претседателските избори во 2019 година? Што се смени од тогаш? Дали стравот од неуспех ви го заматува видот? Или по наредба на руските центри на власта сакате да спречите новото парламентарно мнозинство да обезбеди уставни промени во рок од 6 месеци по формирањето на новата влада?
Зошто работите против интересите на ЕУ и САД? Доволно создадовте магла, одговорете на овие прашања кои се од витално значење за иднината на државата.
Сега кога ќе дојде време да преземете одговорност за корупциските скандали, вие подмолно се обидувате да го злоупотребите целиот албански народ како штит, но и помалите етнички заедници кои ги користите како заложници. Овие трикови веќе видени, не поминуваат.
По 8ми мај ќе има Влада со ВЛЕН како единствен легитимен политички претставник на Албанците, ќе има и мнозинство на Бадентер, ќе се обезбедат основите на Охридскиот рамковен договор и ќе има одговорност за сите што работеа спротивно на законите. Не можете и не смеете заминувањето на ДУИ во опозиција да го претставите како проблем за опстанок на државата. Ова е крајно неодговорно и кукавичко.
Затоа, ве повикуваме да престанете да ги срамите Албанците и славните борци на УЧК. Не е крај на светот ако одиш во опозиција. Како легалисти и демократи со нашиот политички кредибилитет гарантираме дека нема да има реваншизам, туку одговорност ќе има само кога тоа ќе се докаже во правилни судски постапки“, изјави Изет Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Јавното обвинителство се обиде да ја релативизира одговорноста на актуелните функционери

Според СДСМ, со денешната прес-конференција, Јавното обвинителство уште еднаш потврдило дека постои сериозен обид да се минимизира и релативизира одговорноста на носителите на актуелни функции и институции поврзани со трагедијата во Кочани.
Од опозициската партија велат дека наместо да се лоцира институционалната одговорност и да се повикаат на одговорност директорите на Државниот пазарен инспекторат, УЈП и други релевантни органи кои имаа обврска да постапуваат, фокусот се префрла на индивидуални случаи и на маргинални групи, избегнувајќи ја суштината – зошто и како фирма увезувала и со месеци продавала опасна пиротехника без дозвола, и кој тоа го дозволил.
Дополнително, како што се додава, наместо да се отворат посебни истраги за секој аспект од случајот – за незаконскиот увоз, за институционалниот надзор, за реакцијата на полицијата и за конкретните пропусти на диското, Обвинителството сѐ спакува во еден предмет, со што ризикува да се развлекува постапката со години, па дури и децении. Со ваков пристап, правдата станува недостижна – а тоа е неприфатливо.
„Сериозно прашање е и одлуката приведените полицајци и полициски функционери, кои биле одговорни кобната вечер, да се пуштат на слобода со мерки за претпазливост. Особено загрижува фактот дека двајца од нив биле пресретнати на пат кон граница со Бугарија, што отвора сомнеж за можно бегство и криење на вината.
СДСМ уште еднаш потенцира – без целосна и непристрасна истрага, без одговорност за институциите и носителите на функции кои затаиле, нема да има вистинска правда за жртвите и нивните семејства.
Граѓаните гледаат. И со право очекуваат правда“, се додава во партиското соопштение.
Македонија
(Видео) Во Гази Баба се гради огромна дива депонија без никакви дозволи, објави Арсовска

Во општина Гази Баба, фирма затекната од инспекторат на град Скопје при вршење нелегални активности, правење огромна дива депонија со градежен и опасен отпад и бесправна експлоатација на земјиште, без лиценци, елаборати, дозволи и одобренија, што претставува сериозна опасност по здравјето на граѓаните и животната средина, објави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Апелираме до Министерството за внатрешни работи да постапи, бидејќи неказнивоста и непостапувањето предизвикува сторителите на вакви дела да мислат дека се недопирливи пред законот. Фирмата која прави дива депонија и каде се експлоатира, го има поткопано 110kV кабловски и воздушен далновод кој го напојува со електрична енергија градот Скопје. На ова земјиште сопственост на Република Македонија се прави сериозна штета на главниот далновод, известени се сите надлежни институции за кои очекуваме да не се кријат и да постапуваат“, вели Арсовска.
Македонија
Кривични пријави против двајца угостители од Берово и од Пехчево за бесправно градење

Полицијата поднесе кривични пријави против правно лице – угостителски објект од Пехчево и против С. П. (43) од Пехчево и против правно лице – угостителски објект од Берово и В. К. (32) од Берово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела бесправно градење.
Пријавениот С.П., сопственик и управител на правното лице од Пехчево, на катастарска парцела во Пехчево во државна соспственост, без одобрение за градење издадено од надлежен орган, изградил тврд објект во кој што е сместен угостителскиот објект и вршел угостителска дејност.
Пријавениот В.К., сопственик и управител на правното лице од Берово, на катастарска парцела, сопственост на Т.К. и М.К., на земјоделско земјиште, надвор од урбанистички план за град Берово, бесправно изградил тврд објект во кој што е сместен угостителскиот објект во кој вршел угостителска дејност.