Македонија
Случајот со писмото на Битиќи до компаниите е сличен на „Траекторија“, вели Мицкоски
Шокантно, самобендисано, претенциозно и криминално. Ќе го потсетам господинот Битиќи но и Обвинителството дека за нешто слично се водеше судски процес во минатото наречен „Траекторија“, вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговори на новинарско прашање во врска со писмото коешто го испратил вицепремиерот Фатмир Битиќи до компанииите кои добиле помош од државата и во коешто бара поддршка за изборите.
„Јас го повикувам Обвинителството да нема двојни аршини и да постапи исто и со господинот Битиќи. Ако не постапи, тогаш се потврдува нашата теза дека имаме работа со октруирано обвинителство, партизирано обвинителство, но наскоро и тоа ќе го ослободиме“, додаде Мицкоски.
Мицкоски исто така додаде дека ова што го направил Битиќи е кршење на членот 353 од КЗ, бидејќи ја злоупотребува положбата со цел да прибави политичка корист.
„Јас ви гарантирам дека истражните органи ќе отворат истрага за ова што го прави Битиќи. Тој во својство на вицепремиер испраќа писма до компании каде што наведува дека, внимавајте јас како вицепремиер ви дадов пари, а сега треба мене да ме гласате на овие избори. Тоа е кршење на членот 353 од КЗ, односно злоупотреба на службена положба и овластувања за прибавување корист, а таа корист е политичка“, рече Мицкоски.
Тој уште еднаш го повика обвинителството да постапи, бидејќи во спротивно ќе се потврди тезата на ВМРО-ДПМНЕ дека Обвинителството е октруирано и партизирано и дека е потребно целосно распуштање на Судскиот совет, на советот на обвинители и проверка на нивните имоти и на нивните семејства.
„Ќе ве потсетам, случајот „Траекторија“ токму за нешто вакво слично се водеше и го повикувам јавниот обвинител, овој новиот, го повикувам него или тие надлежните коишто се, да отворат веднаш истрага. Во спротивно ќе се потврди нашата теза дека имаме работа со октруирано и партизирано Обвинителство и уште еднашка ќе се потврди нашата заложба за целосно распушатање на Судскиот совет, на советот на обвинители и проверка на нивните имоти и на нивните семејства, бидејќи навистина не може македонија понатаму да се развива со вакви луѓе ако тие не постапуваат согласно закон“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

