Свет
Хамас тврди дека негова делегацијата оди во Каиро за да разговара за примирје во Газа

Делегација на исламската милитантна група Хамас денеска ќе замине за Каиро за да ги продолжи разговорите за можен договор за прекин на борбите во Газа, соопшти групата доцна синоќа, пренесе ДПА.
– Додека го нагласуваме позитивниот дух со кој раководството на движењето одговори кога го проучуваше предлогот за прекин на огнот што го доби неодамна, одиме во Каиро во истиот дух за да постигнеме договор, се вели во соопштението на Хамас.
Се додава дека Хамас и „палестинските сили на отпорот се решени да го созреат договорот, на начин што ќе ги исполни барањата на нашиот народ за целосен прекин на агресијата, повлекување на окупациските сили, враќање на раселените, олеснување за нашите луѓе, почеток на реконструкција и комплетирање на сериозен договор за размена“.
Според извор од Хамас, има уште некои точки кои треба да се разговараат и имало потреба од повеќе појаснувања. Откако тие ќе се разјаснат, движењето ќе го објави својот конечен став.
– Но, можам да ви кажам и според изјавата што штотуку ја испрати движењето, одговорот ќе биде позитивен, изјавил изворот од Хамас за ДПА.
Месечното посредување на Египет, Катар и САД меѓу Израел и Хамас допрва треба да резултира со пробив. Во последните денови се интензивира и дипломатскиот притисок за постигнување договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Неколкумина загинаа откако патнички воз излета од шините во југозападна Германија

Неколку лица загинаа, а многу други се повредени откако патнички воз излета од шините во југозападна Германија, јави ДПА, повикувајќи се на безбедносни извори.
Спасувачките тимови се на местото на настанот и го пребаруваат возот и околината во потрага по патници.
Свет
Тројца мажи завршија во болница поради топлотен удар во Кипар

Тројца мажи се хоспитализирани денеска во Лимасол и Никозија во Кипар поради топлотен удар, при што еден од нив е во критична состојба.
Во исто време, двајца постари мажи, на возраст од 78 и 89 години, се хоспитализирани во Никозија во сериозна, но стабилна состојба. Уште еден 88-годишен пациент бил примен со симптоми на топлинска исцрпеност и е надвор од животна опасност.
Се апелира населението, особено до ранливите категории, да избегнуваат директна изложеност на сонце, да бидат внимателни и да внесуваат доволно течности, поради екстремно високите температури што зафатија делови од островот.
Свет
Фон дер Лајен се сретна со Трамп во обид да се договорат околу царините

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен попладнево во шкотското место Трнбери ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, во обид да биде постигнат трговски договор во пресрет на истекот на крајниот рок – 1 август за воведување на царини од 30 отсто за извозот на европски производи во САД.
Најавувајќи ја средбата во објава на Икс, Фон дер Лајен наведе дека со Трамп ќе „разговараат за трансатлантските трговски односи и за тоа како тие може да се одржат силни“.
Американската администрација веќе воведе царина од 50 отсто за увозот на челик и алуминиум од ЕУ, од 25 проценти за автомобили и автомобилски делови, како и основен данок од 10 отсто за поголемиот дел европски производи, со кои е опфатен околу 70 проценти од вкупниот извоз на Унијата во САД.
Средбата се одржува во услови на зголемени надежи во ЕУ дека Европската комисија би можела да постигне договор со Вашингтон по примерот на оној постигнат претходно неделава меѓу САД и Јапонија за просечна царина од 15 отсто на извозот на јапонски стоки на американскиот пазар.
ЕУ се надева дека, исто така, ќе постигне договор со САД за царинска стапка од 15 проценти, која би ја вклучувала и просечната царина од 4,8 отсто што ја плаќаат европските извозници на американскиот пазар уште од пред враќањето на Трамп во Белата куќа во јануари годинава.
Средбата доаѓа откако во четвртокот Европската комисија усвои пакет контрамерки на увозот на американски стоки во ЕУ, како одговор на најавената царина од САД од 30 отсто.
Портпаролот на ЕК за економска безбедност, трговија и царини Олоф Гил во четвртокот изјави дека фокусот на ЕУ е на постигнување на договор со САД за царините, а доколку тоа не се случи усвоените контрамерки ќе стапат во сила на 7 август.