Култура
Самостојна изложба на Камуран Горанци, „Код 4“
Самостојната изложба на Камуран Горанци во објектот Чифте амам ќе биде отворена на 9. 5. 2024 година во 19 часот. Ќе бидат изложени 22 дела изработени во техниката акрилик на платно, кои се работени во периодот од 2020 до 2024 година.
Сликите имаат техничка еволуција од неговите претходни изложби, како што се „Код 1“ во Келн, Германија, „Код 2“ во Галеријата на Тирана во Албанија и „Код 3“ во Галеријата на Скадар во Албанија, како и оваа самостојно конципирана „Код 4“ во Националната галерија на Република Северна Македонија обележан со софистицираност на изразните средства и обид за филозофирање.
Овој уметнички настан се одржува во центарот на Скопје, каде што ги гледаме традицијата и современата комуникација, една многу важна улога во контекст на неговата креативна индивидуалност.
Во повеќето случаи сликата е граматичка анализа, композиција, а во исто време дезинтеграција на оние алатки што историски му биле доверени на уметникот да се манифестира таму каде што креативното и животното искуство континуирано се негувале низ годините и страсно го чувале и сакале хроматското богатство.

Боите во овие композиции се пастуозни, камени, расфрлени овде-онде, што означуваат експресивна состојба. Така, во овие случаи се претставени некои апстрактни експресионистички слики, иако со рамнотежа на топлина и студ, светло и темно, придружени со чудни форми и голи бои. Во овие слики од периферијата на сферата на боите се преминува на површината, каде што техниката на реализација изгледа важна. Тие се реализираат со максимум изразни средства, цртежот оди до границите на небитието за да се нагласи присуството на вредноста на убавината во една средина во која владее хаос и динамизам.
Сите слики во оваа свечена пригода се разработени врз чувствителноста и хармонијата, кои сега се присутни и кодирани од уметничкиот аспект, конечно фиксирајќи ја неговата реалност, слики и емоции во структурите на неговите соништа. Тој комуницира со љубов во универзална слика, која се наоѓа далеку од нашето постоење, како нешто пооддалечено од непознатото до познатото, на фигуративен, едноставен и ветувачки начин.
Да се замрзнат во нив суптилните односи меѓу боите, во специфичен израз, следејќи ја побарувачката за нови, поатрактивни слики за да се интервенира во невидливиот свет, кој секогаш е проследен со граница, а кои се појавуваат како конечни експлозии на вртоглав просторот, но не како оние на универзумот. Она што те привлекува во композициската конструкција е несомнено справувањето со логичките формации.
Преку него се создаваат монументални композиции, каде што деталите и најголемите мерки се решаваат со намалување и зголемување на колористичките траги за да се видат понатамошни специфични третмани во нивните рекомпозиции.
Зени Балажи, куратор
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Поддршка за културата во Битола: MINT зад Шекспир фестивалот 2025
Денес официјално започнува Шекспир фестивалот во Битола, еден од најзначајните и најреномирани театарски настани во регионот, кој годинава повторно ги обединува највлијателните и најиновативните Шекспирови продукции од светот.
Организиран од Народниот театар Битола, фестивалот претставува платформа каде класичните драмски текстови добиваат современи интерпретации, а Битола станува центар на висока сценска уметност.
Во пресрет на свеченото отворање, денес се одржа работна средба помеѓу директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски, и генералниот директор на MINT Fintech Group, Никола Јошевски. MINT е долгогодишен партнер и спонзор на Народниот театар Битола, а годинава ја проширува својата поддршка и како клучен спонзор на Шекспир фестивалот.
Средбата, одржана во фоајето на театарот, беше можност за разговор за заедничката визија, новите идеи и стратешкото планирање на програмските и културните иницијативи за 2026 година.
„MINT продолжува да вложува во културата не како обврска, туку како уверување дека уметноста ја гради заедницата, а силната културна сцена значи силно и одржливо општество,“ истакнаа од компанијата.
Вечерва, со кревање на завесата, Битола повторно ќе стане театарски центар чијашто традиција, енергија и визија ја прават препознатлива на културната мапа на регионот.
(ПР)
Култура
Објавен „Речник на псевдонимите во македонската книжевност од првата половина на ХХ век“ од Славчо Ковиловски
„Македоника литера“ објави нова книга на Славчо Ковилоски со наслов „Речник на псевдонимите во македонската книжевност од првата половинана ХХ век“.
Овој речник се надоврзува на „Речникот на псевдонимите во македонската книжевност од XIX век“, од истиот автор, публикуван во 2022 година. Покрај лажните имиња од сите видови (псевдоними, кратенки, знаци) овде се вклучени и одредници со прекари на публицисти, родените имиња на авторите, како и одреден број партизански псевдоними.
Во Речникот се наоѓаат книжевни псевдоними на 187 автори и 36 псевдоними од други области со вкупен број од 223 лица со скриени имиња. Исто така, има 19 родени (крстени) имиња на луѓе од книжевноста и културата, како и 37 автори чии прекари се споменуваат покрај нивните имиња. Вкупниот број на псевдоними изнесува повеќе од петстотини. Посебно поглавје е посветено на теорискиот пристап при објаснувањето на методологијата, односно постапките за дешифрирање и категоризирање на скриените имиња. Овој дел е особено важен, бидејќи без соодветен критички метод на потврдување или негирање на авторството препишано според псевдоним, не може да се добие релевантен одговор, прецизно дефиниран, елабориран според современите концепции на теоријата на книжевноста, но и на книжевно-историските односи и практики.
Славчо Ковилоски (Скопје, 1978) е македонски книжевен историчар, културолог, поет, прозаист. Автор е на неколку прозни, поетски и монодрамски дела, како и на повеќе монографии од областа на книжевноста, историјата и културологијата. Прикази и статии објавувал во повеќе македонски списанија и дневните весници. Има преведено шест белетристички и научни дела од хрватски и бугарски на македонски јазик и повеќе преводи од српски јазик објавени во периодиката. Делови од неговото прозно и поетско творештво се преведени и препеани на неколку европски јазици.
Работи во Институтот за македонска литература (Одделение за македонска литература во XIX век), при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Култура
Пијано-рецитал „Скопје во петолиние 2028“
Културниот информативен центар – Скопје го најавува пијано рециталот „Скопје во петолиние 2028“ – македонска музичка приказна во чест на Скопје, Европска престолнина на културата 2028.
Овој уникатен рецитал ќе ја раскаже музичката приказна на нашиот град преку внимателно одбрани дела на македонски композитори, претворајќи го Скопје во вистинска партитура, а пијаното – во раскажувач. Рециталот претставува интимна пијанистичка нарација која го пренесува духот и енергијата на градот директно до срцето на публиката.
На пијаното ќе настапи Давид Павиќ, млад, но веќе признат пијанист кој го претставува новиот бран на македонски уметници. Со внимателно одбраниот репертоар, рециталот ќе го истакне генерацискиот премин на македонските композитори и континуитетот на музичкото изразување во Македонија.
Овој рецитал е прв целовечерен концерт од ваков вид воопшто кај нас, во кој младата надеж на македонската пијанистичка сцена, Давид Павиќ, преку својот личен уметнички израз ќе ги претстави делата на македонските композитори во ново светло.
Со внимателна интерпретација и емоционална длабочина, тој не само што ги оживува музичките дела на македонските композитори, туку и ги афирмира пред домашната и меѓународната публика.

