Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Неколку општини во Скопје денеска без струја
Поради планирани прекини во електро дистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат следните корисници:
– Од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од ул.Тодор Чангов. (опш.Аеродром);
– Oд 08:30 до 12:00 часот, дел од корисниците од село Злокуќани. (опш.Карпош);
– Од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од Волково на ул.81, 79, 87, 91 (опш.Ѓорче Петров);
– Од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од улиците Архитекст Никола Добровиќ, Пушкинова. (опш.Аеродром);
– Од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од улиците Даме Груев, Мито Хаџивасилев Јасмин (oпш. Центар);
– Од 12:00 до 13:00 часот, Пумпна станица Шуто Оризари. (опш. Шуто Оризари).
Скопје
Посебен режим на сообраќајот во Скопје
СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека денеска поради официјална посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот, ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.